Откријте го Мариово

2.
Во карпата над чешмичето, од каде пред десетина години го нападна онбашијата за да го одбрани дедот Паленѕа и сина му Бојка, ги остави своите седум души опробани другари да си ги споменуваат тие стари спомени, а тој со Ќосото се оддели и го фати честарот во Суши Кутол.
— Ќе појдиме ние со Ќосото до кај Папради да ватиме врска со Градешница, а вие денувајте тука. Чекајте не кај ужината, — им рече Толе на другарите и се изгубија двајцата со Митра.
Сериозните подготвителни работи, особено збирањето на востаниците и самата акција на Витолиште беа му го одвратиле вниманието на Толета од Косото, та речи си, цели недели и месеци се немаше видено на рает со него. Многуте луѓе околу него просто не му даваа слободно да дише, а камо ли да мисли на некакво лично задоволство. Навистина, Ќосото беше стално крај него, но во тие моменти тоа беше само негов најверен и најхрабар четник и другар, и ништо повеќе. Во извесни моменти тој и не чувствуваше дека Ќосото е неговата милосница Митра Брлева од Полчишта. Сета негова душа трепереше од возбуда и напрежение што побргу да се турне Арсланбеј да се напади аскерот од Витолишта за да отрча кон Прилеп, Битола, Лерин, Воден, Солун, па да му отиде и на султанот во Стамбол да го турне од столот, за да не му мириса веќе никогаш на турчовина. Тогаш на рает ќе има време за се па и за Ќосото.
Арно ама, ете не излезе тој план како што го кроеше Толе во својот ум. He било така лесно со коси, секири, крклизи и кременачки да се урива царштина од пет стотини години.
Но Толе вината за овој неуспех не ја најдуваше во него. Тој од своја страна направи се што можеше да направи, ама ортаците го изневерија. И така, правдајќи се пред самиот себе, далеку од секаков командант и поголем од него, одврзан од секаква обврска, се најде во слободната негова планина и тој слободен како неа, та му текна дури и за некакво лично задоволство. Затоа и ги остави седумте свои другари над чешмичето и си отиде во честарот да ја ублажи својата тага за неуспехот, крај неговото четниче Мише Ќосото.
И Мише како Толета за поминатите неколку недели и месеци се чувствуваше како вистински Толев четник. Тоа не покажа ни знак на колебање, на уплав, или некаква непослушност на неговите наредби. Тоа се држеше, ако не подобро, барем како сите други седум Толеви другари. Прво рипнуваше на Толевите наредби; рамо до рамо со Брниклијата напаѓаше на Расимчауша и уште за влакно што не падна на место од еден од аскерските куршуми што му просвире крај ушето со обетката. Тоа го гледаше Толета дека е зафатен со друга, поважна работа, затоа ни еднаш не побара да му оддели некоја и друга минута нему.
— „Да бркаме работа сега, — си велеше таа во умот — па кога ќе си седниме слободни, тогаш ќе му се изнамилуам”.
И ете, место слободни дома, тие останаа слободни во дивата природа.
Колку да беше тивко времето, колку сонцето силно да печеше, овдека, во Суши Кутол, жегата не можеше да ги испоти патниците од брзото одење на наугорништето. А тие брзаа. Брзаа со широки чекори, понекаде дури и поттрчнуваа, задишени водејќи се за раце, плашејќи се да не се изгубат, иако беше пладнина при ведро небо и јасно сонце. Брзаа и трчаа да стигнат некаде уште послободни, уште посами, уште во поскришен честар, каде ни господ одоѕгора не ќе може да ги види.
Тивкото бучење на боровата гора ги нервираше до некое време, но потоа им стана едноставно, та дури и пријатно, како на воденичар траскањето на штракалата од каменот, без кое траскање тој не може да заспие. Се водеа по тесното патче од Кучкин Камен кон Суши Кутол и се грижеа да ги заборават сите непријатности што ги поднесоа овие два три месеци, зафатени со таа општа работа. Толета најмногу го печеше неуспехот во Витолиште, а не гледаше оправдани причини за него. „Да беа паднале баре десетина — дваесет жртви, еден двајца од војводите, и кое како. Ами вака, срамно избегаа ошче не ни започната борбата” — си мислеше тој и се јадосуваше оти не остана со војводите да го знае кој е заправо од нив виновникот за ова предавство.
Одејќи и мислејќи така веќе ги наближија Маклата и седнаа во високата папра крај студеното кладенче под сенката на високиот и разгранет бор.
Мише се оптегна по меката папра, размешана со гороцвет, од чии цветови идеше опоен мирис, и ги фрли очите во гранките на борот, барајќи прозорче да достигне со погледот до синото небо.
Се изнамилуваа до наситка, станаа, се измија на изворчето, поручаа и се напија студена водица и се заколнаа еден без друг да не умират.
Си ги нарамија пушките и навртоа пак на бичкијата од Налевци на Уруп, да фатат врска со Градевци. Толе претчувствуваше дека по нападот на Витолиште ќе тргнат потери по него, та требаше да се позасолни некаде подалеку. А најзгодно му беше Градешница каде имаше и свои лични пријатели како Гулета и Гуцето.
Ја воспостави врската, нарача во недела да дојде Гуцето со леб и тутун и уште кај зајдисоице се вратија кај другарите на Сливина со добри известија: дека таму уште немало излезени потери.

Close Menu