Толе Паша II том – Стале Попов

3.
Откако се тргна и Толе со своите другари од позицијата во гробиштата и се разбегаа востаниците, јузбашијата и мудурот наредија да се блокира селото и сите селани да се дотераат пред конакот. Но за нивно сожаление в село беа останале десетина старци и коџабашијата Трајко. Терајудри, аскерот им ги дотера овие луѓе на мудурот пред конакот и јузбашијата си го излеа својот гнев прв на нив, удирајќи им и тој по десетина грбачи преку очи и плеќи, та во тој бес не го заштеди ни самиот коџабашија.
— Браќ, бе, брак, јузбаши ефенди — му се обрати стариот мудур на младото забитче кога тоа почна да мава и на Трајко.
—    Е, коџабаши? Бидна овој работа, а? Како излезе? — почна Арслан да го праша Трајка од кого пред тричетири дена подразбра и се спреми да го дочека нападот.
—    Е, море, бег, ете бидна една детинцка, аџамичка работа, токо деца како деца, нека е жив царот, риџа идерум, прошчавајте, ви го расипаа раетот една ноќ, да му се невиди, што можиме ние старите да му правиме?
—    Ахаха, детинска, аџамичка работа, а? Жими вера, ако не најдеа апан’с токму машки ќе правеа, туку благодарение на јузбашијата и аскерот, та излезе детинска. А сега, како велито вие: децата јадат сливите — на старите трпнеат забите. Ете, токму така излезе. Децата прават — старите оддеваат. Де сега за пет декики да собериш селаните сите овде пред конакот, да побараме тие деца и да пратиме на кајмакамот, да правит малку тербиет тој, кога не можите вие старите да повелате вашите деци. Слушна? До ручек време не доведе до еден селаните, ќе наредит Сефедин на аскерот да дадит оган од долни крај на селото до горни крај, да изгорат и мачкитe и глувците. Ајде, пезевенци низедни! Ќе туфкате ѕидот со глава.
А вие, бре, стари магариња, зашто не учите вашите деца да гледаат работата, ами правите ајдути од нив? Гиди маскара, ѓиди, — им се обрна Арслан на старците и им удри и тој по еден камшик преку очи, плукајќи секого в лице и псуејќи со најгнасни псовки.
Коџабашијата отиде на ритчето над село откаде стрелаше утринава Толе и почна да вика кон блиската шума „Грбавец”, не гледајќи никого, но знаејќи дека половината селани се засолнати во растот, пештерите и во Николовите колиби:
— Еј, селани бреееј, уоооо! Прибирајте се дома оти мудурот ќе го запале селото, ееееееј!
Се заврте кон сите четири страни на светот и ги повтори истите зборови во воздухот, се издиши длабоко и му олесни на душата, како на работник, кога успешно ја свршил својата тешка работа. Ги обиде и сите селски улици, викајќи си повеќе за себе отколку за селаните, и веќе тие што беа скриени во јамите, во племните и амбарите, во кочините и разни други скривници, почнаа да излегуваат, прашајќи го што стана, како стана и што мислат сега агите.
— Шо мислат, ѓавол да и знае шо мислат, ама арно сигурно не мислат. Ако се прибере народот сигурно ќе и бараат бунтовниците, а ако не се прибере — отиде селото, — им објаснуваше Трајко и ги кршеше прстите, молејќи секого да ги прибере своите домашни што побргу.
Co група од пет шеесет луѓе и жени Трајко дојде кај ужина пред конакот и го замоли својот стар пријател Арслана да му даде мувлет до утре и изим да распрати луѓе по мегданот, да го прибере народот. Кој не ќе сака да се врате, ете му ги куќите, што знае уќуматот пека прави.
—    Така нека бидит, бре коџабаши, така. Еве, мувлет мувлет. Ти велиш еден ден јас го давам тебе два. Ама стана ноќески некој друг магарштилак, да знајш никаква риџа, никаква прочка немат. Ќе обесам првен тебе овдеки, на сретсело, па после горам селото. Ете, оди, праќај луѓе да собериш селаните. Тоа сакам јас. Да видам мојот раја пред очите, после што ќе правам правам, моја работа.
Co тие зборови Трајко се раздели со Арслана и распрати гласници по сите колиби да се прибере народот за да се спаси селото. И се прибраа. Што ќе прави голорак и напуштен народ? Да остане и без покривач над глава?
—    Биле — умреле, да се вратите, барем сете да умираме ако е за умирање — им порача Трајко на поповите, даскалот Бина, Младена Чкулот и други повидни селани. А и тие сами видоа дека нема на што да се надеваат, та стиснаа раце и срце и се вратија, чекајќи си ја својата горчлива судбина.
Се вратија, и како што му рече Арслан на Трајка, дека сака да ја види својата раја со неговите очи, нареди на другиот ден цело село да се собере на сретсело: „Машко — женско, старо — мало, до куче сакам да видам пред мене! — му се провикна Арслан на Трајка. „Кој ќе останит дома, аскерот ќе заколит на прагот од куќата”, — беше последниот заканителен збор на јузбашијата којшто и на аскерите им ја пренесе оваа наредба.
И се собраа. „Кај сила — нема правина” вели народната поговорка.
Се качија Арслан, јузбашијата, заптиите и коџабашијата Трајко со азите на Влашкиот ан, а Расимчауш со петшеесет војници, со штиковите на пушките, ги загради селаните на сретселото. Арслан се обрна прво кон коџабашијата и азите:
—    Е кој направи, чорбаџи, овој магаршчилак некни?
—    Аир ефендум, откај знаеме ние кој го направи, — во еден глас одговорија осумте души одборници на чело со коџабашијата Трајка.
—    Аха! He знаете, а? Добро, добро! — Па се провикна кон собраните селани:
—    Абре ѓаури, ќе прашам сега нешто вас и ако не излажите мене ќе пуштам секој дома. Ама ако не кажите, жими вера, сите ќе избесам тука на јаболкницата. — Селаните занемеа, а Арслан продолжи:
—    Сакат царот да знаит, кој беа тие пезевенци некни што нападнаа уќуматот негов и аскерот? Ајде бакалум. Нека излезат напред и нека кажат: „Ние бевме и тоа и тоа сакаме”. Жими вера, ништо не правам. Ќе јавам на царот што сакаат, па може и да дадит ако ет за давање! Зашто вака со лошо да се барат?
Народот молчеше. Секој во себе се прашаше што сака Арслан со ова да направи, иако сите знаеја што бара.
—    Аир ефендум, шо знајме ние калнокапците кој биле тиа пезевенци и шо барале? — се провикна од купот стариот поп Димитрија за сите. — Ние си а гледаме нашата работа, орање, копање, жетва, вршење, што знајме шо прават и кој се батакчиите.
—    Аха, така папаз, така. Така те сакам, да не знаеш. Излези, попе, на страна, — промрмори Арслан и му нареди на Рушидчауш да слезе со петина заптии да ги варди тие што ќе ги оделува на страна.
Попот ја слушна Арслановата наредба, но место да излезе напред, се заврте назад кон народот, бидејќи и така стоеше во првите редици, та ги поткрена рацете и очите кон небото и почна да брбори некои молитви, a потоа им се обрна на селаните:
—    Селани, браќа, не оставајте ме сам да ме к’ваат орлите! — Народот се зби кон него, а Рушид слезе и заптиите почнаа да го влечат попот. Народот го опколи.
—    Или сете, или никого! — се слушна гласот од Стојана Мисирлијата, којшто толку години оди фарија да ги брка комитите и со тоа не мала услуга му направи на Арслана, а преку него и на самиот падишах.
—    Што слушнав, што слушнав? — се провикна од високиот чардак Арслан.
—    И ти, Мисирли, бунтовник? — А кон Рушида. — И него со попот на страна.
Заптиите, кои веќе го одвлечкаа стариот поп до ѕидот на анот му се спуштија на Мисирлијата. Овој почна да се буни, ќе чинел давија на валијата, дури на царот, но еден од заптиите го стегна за гуша и го турна пред попот, каде неколку души војници веќе овега го врзуваа.
—    Уште некој да кажит нешто? Ајде, де? Камо јунаците сами да издезат машки? Немат. Немат, ама вие велите немат, a јас велам имат. Имат и ќе најдам, жими вера, ќе најдам. Еј сега, ќе слезам и ќе најдам.
И ги покани сите што беа на чардакот да слезат со него.
Кога слегоа му ги предаде на Рушида сите осум кази и коџабашијата.
—    Врзете и овие магариња како оние двајцата таму, да побарам јас уште некој.
И тргна кон народот со камшикот в раце, а јузбашијата по него со петина аскери. Народот се стаписа назад и задните се допреа до Мисирлиовото кале, притиснати силно од првите. Секој сакаше да биде поназад, но некој мораше да биде и напред. Арслан и другите Турци направија една прошетка од едниот крај до другиот и ја измерија првата редица старци, кои заштитувајќи ги своите млади синови ќерки и внуци ги изложуваа своите голи рунтави градници и бели глави пред силникот.
—    Кој од вас овдеки комита, бре ердули? — намрштено се провикна Арслан и ги измери домаќините на селото кај кои толкупати имаше правено визити и јадено кокошки и алви.
—    Аир ефендум, ошче за кумити сме ние старите. He гледате, едната нога веќе ни е во гробот, — му се испушти на стариот Главчета кој ги беше фатил 99те и и се надеваше на стотата, која сигурно ќе ја фатеше ако не беше пријателот Арслан.
—    Е, чорбаџи Главче? Вие старите не, младите не. Ами кој нападна, бре ќерата, некни? Ајде, кажуј да не кршам коските на староси.
Главче почна да се правда дека тој од дома не може да излезе, а камо ли кумитлак да брка. Ги напсува сите тие што го направија и кревајќи ја раката до челото во знак на поздрав и молба, направи двапати поздрав „да ти се ногу години, да ти се ногу години, бег, ти и господ. Ние твои луѓе сме, царцки луѓе, да не чиниш кабул да пострадаме”.
Co тоа му даде да разбере на бегот дека ќе му даде десет лири да не го задева него и неговите домашни. Но тоа Арслана уште повеќе го раздразни и почна да се дере на него и да мава со камшикот.
—    He требит мене твојот ногу години, анасеци… ана. Кажуј кои сет лошите луѓе или и тебе ќе обесам како оние магариња таму.
—    Аир ефендум, кај и знам јас лошите луѓе, — пак почна Главче да се правда. Но Арслан му го предаде и него на Рушидчауш и овој го затера кај поп Димитрија и другите одделени селани, кои веќе беа изврзани со ортоми, та и Главчета го спетлаа заптиите.
Потоа Арслан си направи пат со камшикот и влезе во средето на народот. Се заврте лево и десно, го погледна вџашениот и нем народ и очите уште толку му закрвавеа. Ги виде сите свои робови и робинки пред себе; ги виде и убавите и млади невести Доста и Дунава Макреви, ја виде и бела Бојана Жиовката, па погледот му падна и на Доста Рожденката,  околу која толку години се вртка, но сега кај него немаше ни зрнце милосрдие, ни зрнце мерак, ни зрнце човештилак. Тој сега стоеше на високо и под себе гледаше непокорна раја шо се дигнала да го брка неговиот падишах, а преку него и самиот алах, та затоа сите му беа мрски и недостојни за неговото внимание. Така гледајќи ги, крвнички, тој бараше само едно: да ги најде вистинските бунтовници, иако сега сите му се гледаа кумити и бунтовници, та во својата врела глава си ги претставуваше и децата од две години како пораснале и станале кумити.
— Се под нож, море, ова да се кладе! Семе да не остане од овој писмилет! — му се испушти од грлото, а брадата и косата му се наежија и засугравија од гнев. Но не ја издаде таа наредба на јузбашијата и Рушида, ами замава со камшикот надесно за да му направат пат. Народот се стаписа и тој тргна низ шпалирот, не престанувајќи да мава и молчи.
Пред едно красно дваесетгодишно момче се запре, како да удри на тоа што бараше.
—    Ах, тебе барам бе ќопек. Тука ли криеш ти од мене? — го грабна за затилокот од кошулата и му го предаде на Рушида без да му проговори ни збор.
Спискаа еден старец и една старица и паднаа пред нозете на Арслана, но тој ги клоцна во ребрата и ги пречекори, та одбра уште десетина како овега и му ги предаде на заптиите, кои ги одведоа кај поп Димитрија и другите.
Најпосле го догледа и даскалот Бина, стиснат до Ташковиот ѕид и како да се поразведри, му се приближи.
—    Е, драскал ефенди! Ќе правиш кумпанија на попот и коџабашијата или ќе ги оставиш сами?
Даскалот замрзна и почна на турски да се моли да не го срами пред толку свет да го врзува.
—    А ти мене сакаш да туркаш од конакот, да седниш ти на мојот место. Мислиш јас не знам што есап правиш. Ќе падиме Арсланбеј, ќе седнам јас на мудурскиот столица. Ела, бе, синко, ела. Седни ако држит тебе петлето. Но сега првен кажи кои сет твојот ортаци, па кога ќе туркаш мене иди слободно. Ама знај оти…
—    Аир беј, какви мои ортаци. Јас не знам ништо од оваа работа. Што е овој зулум од тебе денеска? — Почна и Бино да се правда како тие пред него.
—    He знајш, a? А деците учиш да пеат: „арш марш — Македонија наш”. He даит царот лесно Македонија а синко, не!
—    Водите и овој ќопек кај оној магаре попот, — нареди Арслан, а Рушид уште оттука замава на наијнтимниот свој пријател, даскалот Бина, со кого немаше ден да не игра папаски кај Балето, Чкулот или Колобана на ан.
—    Брак, бре Рушид чауш! Дотука ли беше нашето пријателство? — почна да го моли Бино Рушида.
—    Нема драскале, нема. Нема пријателство кога сакаш ти да вјавнеш мене. Секој вардит својот грб. И јас вардам мојот — и го затера и него кај сите.
Арслан се врати по истиот пат на сретселото и им се обрна за последен пат и на селаните и на врзаните:
—    Е, што велите вие сега? Ќе предадите мене лошите луѓе или сам да одредам кој сет. Жими вера, кажете кој сет, донесете мене нив овдека, бркајте вие работата. Инаку сите под нож ќе клавам.
Никој глас не пушти. Тоа уште повеќе го налути стариот беј и го повтори своето прашање, и го потрети.
—    Тогаш сите вие кумити, нема што. Штом не кажувате кои сет, значи сите сте такви! — се развика бесно и му се обрна на јузбашијата.
—    Еден тестир на сите овдека. Ќотек до смрт да паднит! И никој да не мрднит од обрачот надвор. Кој ќе обидит да кинит обрачот — на штикот! А овие магариња да се обесат тука на јаболкницата со надолу глава дури да кажат. He кажаа ли, сатарот. Да сотриме еднаш овој кучкин семе, да не дачкат нас повеќе.
—    Евет, мудур беј, — одговори наежен јузбашијата и нареди уште сто души аскер да дојде за да ја зајакне одбраната, ако се обиде народот на сила да ја кине блокадата.
На јаболкницата пред самиот влашки ан веќе наврзаа ортоми. Им се видоа малку гранките од ова пустиња, наврзаа ортоми и на гредите од самиот ан. Ги најдоа и касапските ченгили на кои Колобан ги обесуваше закланите мрши за да го покажува убавото телешко и јагнешко месо и првин му го навреа едниот ченгил на поп Димитрија за жилата над петици и го оставија да виси со надолу глава обесен за едната нога; другиот му го закачија на Мисирлијата.
—    Еве, Мисирли, што помага ти толку години на падишахот; не бесиме тебе со удолу глава — и му ги закачија војниците обете куки од ченгилот на двете раце на жилата во киската. Остана да виси и пишти, но само со тоа „олеснение” — со нагоре глава.
—    Убав работа излезе овој со ченгилите, — му се испушти од грлото на Арслана, но бидејќи Канабаш имаше само два, тоа му удри во умот да ги собере и кантарите од сите четири аништа и така натокми и за коџабашијата, и за даскалот, и за сите аази.
Кого за врат, кого за ребро, кого за бутови, им ги накачија ченгилите во месата на сите врзани, а младите ги потиснаа да ги бијат.
—    Аман ага, аман пашум, аман татче, — пиштеа обесените, клоцаа мавтаа со рацете на кои им беа слободни, псуеја најпосле: живи, мртви, вера закон но ниту молбите помогнаа, ниту псовките и заканувањата ги заплашија инквизиторите.
—    Кажете бре, ќопеци, кажете кои сет лошите луѓе, сега ќе сгмнам, — беше единствениот одговор на Арслана и јузбашијата.
А кој кого да каже кога речиси сите беа! Најпосле Турците не се задоволија со овие мачења.
—    Оган да се навали на сретсело, оган! — се провикна на турски јузбашијата.
За неполн саат на сретвселото гореше оган десетвпати поголем од коледарски.
—    Курешници под носот, запалени курешници на обесените, жар на градите на овие што лежат — си ја даде најжестоката наредба Арслан.
Се задими целото сретсело и засмрде на курешници, што им ги ставија под главите на обесените, а тие што беа испружени и стенкаа со искршени коски од бој, почнаа одново да пиштат. Аскери со кации им тураа на градите жар и ги држеа по тројца да не го отстранат од градите.
Народот спиште при овие глетки. Некои мајки чии синови беа пребиени и на животи се печеа, изгубија свест и се растрчаа да им помогнат на своите чеда, но се натакнуваа на голите штикови и се враќаа со раскрвавени раце, нозе и гради.
Се скинаа жилите од Мисирлиовите раце и тој падна онесвестен врз лопатата жар и курешниците, чија смрдеа му го размати мозокот и изгуби свест.
Самиот мудур ја извади острата своја кама и му ги насече жилите и на поп Димитрија, кој одамна беше изгубил свест. Падна и неговиот труп врз лопатата со жар и курешници. По него ги пресече ортомите и на другите обесени и овие се истегнаа наземи.’
—    Вода момчиња! — извика на турски мудурот.
Ги потурија сите со по една кофа вода и некои почнаа да покажуваат знаци на живот, а дедот Главче и едно од децата не се освестија. Ги испрати Арслан во рајот да ги поздрават оние стари мариовски бунтовници од Пешта коишто вака за „крст чесен и слобода златна” ги жртвуваа своите животи.
—    Е ,ќе кажите, или да сечиме главите! — им пристапија мудурот и јузбашијата на освестените.
—    Сечите, дерите, горите беј. Ние шо имаше да кажиме веќе кажаме, — за сите одговори Мисирлијата… — Ако има господ и правина се ќе излезе на бело видело, само спомените лоши ќе останат довек.
—    Ајде, Мисирли, ајде. Сега овдека јас господ, јас богородица. Кога ќе дојдит твојот господ ти ќе бесиш мене вака — му одговори Арслан потсмешливо и си ја даде и втората наредба.
— На сите овдеки добар ќутек и да си одат по куќите, — па се обрна кон затресениот народ.
Сега ќе пуштам да одите дома, ама да не лажит умот некој ноќески да бегат од дома, оти, ете, аскерот сардисал селото. Кого ќе видит да мрднит ќе отепат наместо како куче.
Во тоа време јузбашијата им ја пренесе на аскерот наредбата за ќотекот и овој ги грабна пушките за цевки и се втури во купчето народ, та почна немилосрдно да мава каде што ќе му се згодеше. Co плач и пискотници се разбегаа жени, деца, луѓе и на сретселото останаа само тепаните.
— Затворете овие магариња во авурот од конакот мој и добро вардете ноќеска! — си ја издаде Арслан наредбата и се прибра во конакот да ги успокои своите напрегнати нерви.
Претепаните ги одвлечка аскерот во авурот. Пискаа, стенкаа, се советуваа што да прават живот да спасат барем тие што ќе останат по ќотеков денешен и решија да му понудат на бегот поголема сума пари да га остави барем живи, та маките ќе ги тргаат што ќе ги тргаат, алипни до живживоти.
Па како да се пренесе оваа мисла и на Арслана. И тој цела ноќ мисли што да прави утре со затворниците и застана на тоа:
„Да земам некоја пара повеќе, та иако дојдит за бегање, барем да не одам со гола рака во Стамбул”, — си заклучи и го викна утрото рано јузбашијата да се договорат колку пари да земат и како да ја изведат таа работа.
—    Ако не дадат, жими вера, пак ќе врзиме ортомите каде вчера и вистински ќе обесиме, — го прифати предлогот и јузбашијата, кој му се виде некако несправедлив; бегот да земе триста а тој двесте лири, но од друга страна и редот си е таков. Бегот е претставител на султанот, та ќе треба и тука да се знае кој е погоре, кој подолу.
—    Значит, петстотини ако дадат ќе оставиме да носат главите до кајмакамот, ако не нека одат кај Петре нивни, — беше последниот збор на бегот.
—    Иди, доведи тој магаре коџабашијата да видиме што ќе речит на овој лав. Само ти ќе правиш намуртен суратот, како да не кандисуваш, оти којзнае дали пак тој ќе кандисат на толкав сума, како баеги пари сет.
—    Евет, евет, мудур беј, — потврди младиот Сефедин и отиде да го изведе Трајка.
Водејќи го лично Сефедин под мишка, Трајко одвај се качи по скалите и влезе кај Арслана. Овој го погледна крвнички и ни знак на познанство, та остави пријателство, не покажа. Уште од врата почна на високо: — Е, коџабаши, како, како? Како помина ноќески, а? Болат коските зар не?
—    Е, море, болат, беј, како да не болат од толку ќотек, — почна да се превива претепаниот коџабашија.
—    Ништо, ништо. Ќе проштаваш. Ете, пак пријател тебе Арсланбеј. He даде да обесат сосема. Туку, што мислиш сега ти? Ќе кажиш арамбашите од вашиот село или да врзувам ортомите на јаболкницата, вистински да обесам. Жими вера, ќе обесам половината село. Од дваесет години нагоре машко не ќе претнит ако не кажите кој беше некни на ѓурунтијата.
—    А бре, Арслане, а бре беј, а бре мудур ефенди. Силата ти е во раката. Шо сакаш можиш да направиш. Токо, шо ќе добиеш ти од тоа шо ќе и избесиш и криви и прави. Најистина, еве и сега да ти кажа како и некни пред ѓурунтијата шо ти поткажа, оти има во ниј и криви. Има и шо беа, ама ногу ќе земеш и на душа, ич абер шо немаат. Но ти, ти шо ќе добиеш од тоа шо ќе не избесиш. Од еден греј на душата шо ќе си кладиш нишчо друго. Криви прави, сете се прави. Ако не отидеа тиа тамо, ќе и заколеа кумитите. Отидоа, еве ќе и обесиш ти овде. Шо е крива раја, бре мудур ефенди, шо паднала меѓу два огна? Ами јас би рекол нешчо друго да направиме ние ако сакаш да ме послушаш, — и тука Трајко се опули со Сефедина, прашајќи го со веѓите стариот свој пријател Арслана дали да зборува отворено пред него.
—    Кажи, кажи. Кажи слободно, Трајко. Сефедин мој човек, наш човек. Ако чинит да направиме.
Мислите им се сретнаа и Арслан се поразведри.
—    Седни де, ај седни, седни, па кажуј, да слушнеме што мислиш. Ако кажиш кои се тие пезевенци, нека платат тие со главата свој, зошто да одит твојот глава за туѓ олеле. Седни, земи, запали еден цигара. Па иако бесам тебе денески, пријателски ќе бесам јас, — удри и на шега Арслан.
—    А бре ќешки ти да ме бесиш, токо јас би рекол никој никого да не беси. Било шо било — на попот се збило, шо велиме каурите. Вие се поисплашите малку, ние го окркаме копанот и тоа затоа да ни биде на двете страни. Да не се бркаме, да не се бесиме, да поминиме ошче некоа и друга година, па после бумбар патласан, ако сака с’нце нека не грее кога ќе и затвориме ние очите.
—    Како „било што било?” He разбирам jac тебе! Да простам за овој магарштилак? Може сакаш да правиш ти мене будала, а? Види, види кого нашол Трајко да маслосуват?
—    He бре, бег, не. Никаков будала, никакво маслосуање. Ами јас ти реку и пак ти вела: шо ќе добиеш ти ако не избесиш нас и цело село, како шо велиш? Ами… да направиме некако како чини и за вас, ама и за селото… Да му земеме, море, некоа пара повеќе. Нека го платат најпосле страот шо го пребрате таа ноќ со ефендиата овде и да поминат со послескум. Шо велете вие на вој збор? — се искажа Трајко и тргна од цигарата.
—    Ха ха ха! — се насмеаја обајцата отоманци задоволни од Трајковиот предлог.
—    Ами кога ќе разберит кајмакамот и валијата, што велиш ти, не ќе обесит нас со Сефедина?
—    Ех, ќе ве обеси! Шо има да ве беси? Лесно ќе се оправдате вие. Ќе кажите: нападна Толе Паша со неговите арамии, нападнаа комитите од Петре Ацев. Зар кајмакамот и валиата не знаат оти такви има. Ќе се држите вие за нас — ние за вас. Ние ќе речиме оти тиа пезевенци беа. Народот — рајата си а гледа работата и бити вајда. Ќе се сврши сета работа. Зати и така беше. И тиа сиромаси шо тргнаа по некој со ниј, со сила Толе и собра, неоти некој сакаше да влегуа во оган. Па неоти и некој ќедер голем сториа! Еден аскер падна, бог да го прости, царот има илјадници такви; токо речи колку пари да собериме и дај башлама на народот да си оде по работата, да не проникне седбата, да гладуа на зимо.
—    Убаво потковуваш нас, коџабаши, убаво; да дадиме нашите глави за вашите, а?
—    пробрбори Сефедин колку да не разбере Трајко дека ги погоди на мислата.
—    А бре, убаво лошо, јас го реку, ефенди. Од една умирачка повеќе нема. Па сега, ако е за моата глава, еве а, стопанкаи. Кај со неа и без неа. Токо, ми се чини оти со нишчо не су а заслужил таа смрт, што ми а ружате, та на тој век и јас ќе ви се кача на грбот со моите греови.
—    А бре, Трајко, а бре стар пријател. Овој резилак што направија тие пезевенци со никакви пари не се плаќат. Туку лели не се прави голем ќедер, а како што велиш и сам, дека народот — рајата не толку крив најпосле да направиме некако ако фаќат умот тебе. Велиш да платит нешто селото. Аџаба ќе кандисат селото да платит?
—    Само речи, беј, речи колку, та потаму моа работа. Ќе плати, шо ќе прави? Ела зло, без тебе полошо, вели нашата поговорка. Бели пари за црни дни… Па кој неќе да плате, ене му го кајмакамот, ене му го валијата, нека оде, нека се разбира со ниј.
Арслан го погледна Сефедина, небарем ќе го праша што мисли тој по оваа работа.
—    He сулејсен сен, бе Сефедин? ), — но како што знаеме од понапрешниот нивни разговор Сефедин беше согласен. Сега требаше тој да се тегави за да извлечат што повеќе пари.
—    А бре, мудур ефенди, овој работа можел ли со пари да се плати? Колку пари чинит животот на аскерот мој што падна? Јас, жими вера, не продавам мојот аскери за пари. Тие служат падишахот наш не за пари, ами за чест, ама нивниот глави скапи сет. Ако најпосле ти наоѓаш за згодно да платат неговиот глава, тогаш јас сакам за неа барем петстотини лири. Де бакалум. Ако зеде рајата главата и сака да платит — нека платит.
Трајко ја разбра работата и подрипна од столот кога ја слушна сумата.
Петстотини лири беа многу пари. Тоа Трајко добро го знаеше уште кога најдобар вол и коњ се продаваа по две три лири, но од друга страна се ослободи дека со пари ќе ја спаси и својата и главите на сите затворени селани, та затоа стана од столот и му се приближи на Арслана како на свој стар пријател што и овој за таков му се претстави, барем со збор.
—    Шо велиш ти, мудур ефенди? He рече ли многу ефендиата? Сега оти се направи еден ќедер на асќерот, се направи тој е намегдан. Токо, јас вела да го плате селото како шо се плаќа секоа глава шеесет па еве и сто нека го плате; земете и вие за страот и шо ви го расипаа раетот една ноќ, по стотина, та се на се да собереме триста лири, ми се чине не се малку пари.
—    Бак, бак, бак! — избувна Сефедин со сета своја жестина. — Зарем магаре пазариш, бе коџабаши? Јас реков, кога веќе загина човекот и сакат селото да оперит крвта со пари, тогаш друг лав не остават од оној што реков јас. Ако не, оди со здравје. Сега знам дека во сиот овој работа замешан сите каури од овој село. И ако дојдит работата да запалам селото, ќе запалам, жими вера, со ќеф, од се срце, без да мачит мене некој мисла, ниту на грев да помислам. Нека горит овој бунтовен милет, да се знает кој наш душман, а кој пријател.
При овие зборови крвнички го погледна Трајка и нервозно почна да трга од запалената цигара.
Трајко го осети гневот, но ја осети и спремноста на обајцата да земат петстотини лири за да ја прекинат инквизицијата, та пак куражно одговори:
А бре ефенди, така си е. Си имаш право во нешчо. Аскерот падна, ама јас пак на тоа си стоа. He се криви рајата, бре ефенди! Кај сила нема правина, бре аман! Ако не кинисале, сиромаси, немаше ли Толе Паша на место да и истепа како кучиња? Ќе и истепаше како нишчо! Тогаш да не го правиме ѓаволот толку црн колку шо не е. Примите и вие една риџа од еден стар ваш пријател — и му се обрна пак на Арслана:
—    Шо велиш ти, мудуобеј?
Сега и Арслан се намршти како Сефедина.
—    Јас ништо не реков и не велам по овој работа. Ти сам поткрена овој муабет и, ете, јузбашијата кажа тебе што имаше за кажување. Фаќат умот, ете — така нека бидит. Сефедин рече: петстотини лири собери, донеси, не кршам нему лафот. Ем да не речеш оти тие пари ќе земеме ние со него. Ќе праќаме, жими вера, на бимбашијата во Битола, па тој потаму што сакат нека правит.
Ние со Сефедина ќе браниме селото колку што можиме, ама и вие да браните нас. Ете, да правам еден добро и тебе и на селото. Оттука понатаму пак да живејме како досега. Ама, бесата бес. Да не дојди утре да нападниш нас оти опљачкавме селото. Санким некој ќе веруват тебе, ама јас сакам да не станит муабет никаде оти се дале пари, оти ако разберат кајмакамот и валијата што ќе речат: „Ааа, значит фаќал самарот овие пезевенци, та што дале толку пари! Значит тие криви по овој работа”. И со тоа ќе издадите сами себе, та нам никој ништо нема да речит. Зедовме парите — дадовме на бимбашијата да пратит на мајка му на отепаниот аскер. Ете затоа ваше треба да бидит „ѓормедум” по овој работа.
На Трајка му стана јасно дека сакаат да лапнат петстотини лири и никој да не разбере од поголемите, та оти на мајка му на убиениот војник нема ни една да и дадат, тоа веќе знаеше и однапред. Се позамисли малку, се позатрлка, небарем триста болви го нападнаа, ама кога си ги припомни вчерашните маки, парите му се видоа ѓубре, та со светнато лице му ја подаде раката на Арслана, небарем ја постигна цената која требаше да се даде за купениот предмет или стока:
— Аирлиа нека е муабетот тогаш, мудурбеј! Еве, јас ќе ода кај луѓето и веруам оти ќе кандисаат. Само, ви се мола на обајцата, да си го држите зборот. Бесата бес, шо велаат Арнаутите. Шо да дојде, откаде да дојде, да се држиме рака за рака, шо се вели. Ние за вас, ама и вие за нас… Главно е, море, да не дадиме да се расипат луѓе, та сермиата, стопанка и, луѓето а печалат!
И мудурот и јузбашијата му ја стегнаа цврсто раката на Трајка и пак Сефедин го испрати и го втера во авурот кај затворените селани, клоцнувајќи го на вратата, за да им даде да разберат дека гневот уште не му е ублажен и дека ке треба да го ублажуваат со петстотини лири.
Трајко влезе во темниот авур, а Сефедин ја затвори вратата и застана пред неа да наслушува што ќе разговара Трајко со затворениците.
Трајко во кратко им исприкажа што направи на конакот и колку пари бараат за да им бидат спасени главите.
—    Пари, браќа, пари. Само пари да му пикнеме во очите, инаку не зеа ветришчата. Ќe и дадиме главите на чавките.
—    А бре, за пари нека биде работата, дробовите да му се попарат, токо да не ни и земат и парите и пак да не погубат, — беше одговорот од сите затворници.
—    Е, море, ѓавол да и знае, ама обата дадоа вера и клетва дека нема да ни напакостат, та дури и да не бранат ако дојде некоа поголема сила. Главно е, море, сега да и довардиме лејките, та потамо белки ќе поолабави, стопана му — се искажа Трајко и уште тука во авурот седна со азите да ги расфрла петте стотини лири на двесте куќи село.
 — Ами некој ако не даде? Ако нема или неќе да даде? — му се испушти на Стојо Сукала кој за прв и последен пат беше селски човеказа.
—    Е, море, кој рече „неќу” или „не давам”, сам нека си го носи греот. Ќе му го доведеме на мудурот, шо знае нека му праве — му одговори Лесната и тропна на вратата за да му отвори стражарот. My рече дека има работа кај мудурот и овој го одведе.
—    Е, што велат коџабаши? — го пресретна Арслан со љубопитство.
—    Шо има да велат: Бели пари за црни дни. Токо пушчи не да и собериме, ако можиме, и за колку време мувлет да му дадеме.
—    Мувлетот тој. Еве, денески денот прекрши. Да речам довечера, сигурно ќе речиш малку. Ами до утре до ручек — носиш парите — кревам аскерот, не носиш — се знае. Огнот од долно до горно маало. Кучемаче, дете коте, што имат во него нека горит, барем да знам оти су чистил еднаш за секогаш овој село. Ќе донесам Анадолци овдеки, барем да знам оти нема да галатат алахот. Ајде, оди со ум работи. Да не лажит ѓаволот некој да обидит да бегат, оти ќе оставит главата на крајот на селото. Аскерот нема ни да прашат кај одит. Ќe пукат на секого кој сакат да излезит — беа последните зборови на Арслана, а Трајко си излезе заедно со заптијата
Ибраима, на кого мудурот му нареди да ги пушти затворниците од авурот.
Ибраим ја пренесе мудуровата наредба на стражата и претепаните селани се разотидоа по своите домови. Се наложија преку ноќ со толчени коприви, кромид и сол и утрото, уште рано, аазите заредија од куќа — на куќа, да ги собираат парите. Сиромасите кршија прсти каде да најдат по лира, но работата беше сериозна, та ниеден чорбаџија не врати никого да не му позајми, оти знаеше, ако не му даде на заем, ќе треба сам да ја плаќа оваа лира да не го дочека најлошото за својата куќа и семејството. Младен Чкулот, иако претепан, направи добра трговија. Купи пошто зошто од разни сиромаси разна стока: овци, волови, крави, прасиња, телиња —само да им „услужи” да ги сместат парите. На Ристето Куков, му го зеде детето за момоче до Ѓурѓовден за лира и половина; од Дана Дрманче — една бочва од 1200 оки; Пуцето го пазари за вршење и орање; така сите ги сместија расфрланите пари и коџабашијата точно на ручек му ги донесе на Арслана.
Кога ја одврза црната шамија и светнаа златните лири, Арслан задоволно ги протрлка дланките од своите меки раце и го опомена Трајка да не ги брои:
—    Брак, коџабаши, брак! Остави, верувам јас тебе како стар пријател, — му рече Арслан и го праша:
—    Колку сет твои од овие петстотини?
—    Е, море бег, пет даду и јас. He можа да се дела од село и селани — одговори со натажен глас Трајко.
Арслан одброи пет лири настрана и му ги покажа со очите.    *
—    Земи, Трајко, твојот пари и чини алав заметот што’собра овој другите, — па одброја уште пет и му ги подаде со рака:
—    На, земи овие пет лири аирпараси, врати по половина черек на селаните да не се правит некој ќедер на стоката.
И Арслан како и сите селани беше суеверен. Ако се земе нешто несправедливо или ако се украде може штетата да се прошири и на другата стока и да се запусти сосема домаќинот. А во овој случај во прашање беше едно царско село од кое царот секоја година прибираше барем по илјада вакви златници, та Арслан не сакаше тој да биде причина да се запусти овој богат извор на приходи за царската каса за некакви си пет лири пари. „Кај со нив и без нив”, си рече тој и навистина, со алав му ги врати на Трајка.
Трајко ги прибра десетте лири, и излезе, а Арслан нарача по Ибраима да го викне Јузбашијата. Овој дојде и си ги прибра своите двесте оставајќи му на Арслана двесте и деведесет.
—    Сега ќе даваме башлама, ама аскерот нека го варди селото. Наутро ќе излегуваат селаните, на вечер до еден да се прибират дома. И леб — колку за денеска — се согласија двајцата управници и така им наредија на стражите околу селото, кое и понатаму остана блокирано.
Го викнаа пак Трајка и му ја предадоа и нему оваа наредба.
— Е, море, така, така. Како сте нашле вие за мунасип, така нека биде, — одговори Трајко и си помисли во себе „море лели и спасиме главите, другото сето налет нека биде! Дошло, ќе се трга. Малку од малку огнот позагасна”.
Селаните се поиздишија кога Трајко им соопшти дека се слободни, но да гледаат позарана да си идат в село оти падна ли мракот — аскерот ќе стрела на секого било да влегува, било да излегува од село.
Претепаните останаа по дома да се ложат со коприви, кромид и сол, се облекуваа во пресни кожи; Мисирлијата и поп Димитрија ги лекуваа со сало и катран раните на рацете, и нозете, но жилите не можеа да ги врзат, та обајцата останаа сакати, првиот од рацете, попот од десната нога. Но главно главите ги спасија.

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *