Мориово е името што се употребува во службената администрација, додека во делата на Стале Попов, како и во некои други статии за Мориово,
а исто така и во говорот на Мориовците се употребува името Мариово. Името Мариово по мислењето на некои било оправдано, бидејќи тоа доаѓало до Марија која некогаш владеела во оваа област.
Тоа е една ритчеста висоравнина низ која со еден дел од својот тек минува Црна Река, низ прилично длабока клисура На југ се простира до планината Ниџе, на запад до Селечка Планина, на исток до Тиквеш, односно до реката Блашчица, а на север до Дрен Планина. Селата според близината комуницираат со три града: Битола, Прилеп и Кавадарци. Најоддалечени од трите града, што би се рекло во центарот во Мориово, се селата Витолиште, Полчиште и Бешиште.
Една од најважните карактеристики е големата оддалеченост од градските населби и слабата комуникација со истите. Баш поради тоа, влијанија од било кој вид можело да има.
Во сите села живеат исклучиво Македонци. Нема доселеници од други краишта, ниту пак некои народности.
Тоа е претежно сточарско-земјоделско подрачие, а денес земјоделието замрува, a се развива шумарството и рударството.
Главни заеднички карактеристики на Мориовците од дваесет и шесте села, колку што се вбројуваат во Мориово, се: говорот, облеката и обичаите. Подробно за трите карактеристики на Мориовците може да се најде во делата на Стале Попов: “Крпен живот”, “Опасна печалба”, “Толе Паша”, “Калеш Анѓа” и “Мариовски панаѓури”. Тоа се белетристички дела, но она што во нив е изнесено за овој крај е реална слика за минатото на овој крај.
Можеби ова подрачје би било интересно не само за географијата, ами и за етнографијата како и за етнопсихологијата.
Booking.com