ТРАДИЦИОНАЛНОТО ВОСПИТУВАЊЕ НА ДЕЦАТА ВО МОРИОВО“

 

 

Исхрана

Како што е спомнато порано прво го подојува друга жена а не мајката. Првото подојување се врши осум до десет часа по породувањето зависно од тоа во кое време на деноноќието е родено малечкото, зашто како што е речено првото подојување се врши со извесни церемонии кои се прават во денот.

После првото подојување од друга жена почнува да го дои мајката се до навршувањето на две и пол години, ако е девојче , а три години, ако е машко. Девојчињата се дојат две и пол години зашто нечинело тие да цицаат три велигденски пости.

Во случајот кога мајката има доволно млеко за да го дои малечкото нема никакви проблеми околу исхраната. Во однос на доењето нема никаков ред. My се дава да цица според потребите на малечкото. Штом заплачува му се дава да цица, па дури и во случаите кога тоа плаче од други причини.

Се додека се дои детето, му се дава да цица без некој одреден ред како што е речено и без постепено намалување на бројот на подојувањата.

Во тој поглед има извесни ограничувања кои се јавуваат од објективни причини и тоа кога веќе детето е прилично возрасно, a мајката оди на полски работи. Во тие случаи обично малечкото се подојува на утро, на ручек и навечер. Ова не е правило, зашто во повеќе случаи децата се носат и по полската работа

Како што нема некој ред во доењето исто така нема некоја системност во однос на прихранувањето на доенчето, па ниту покасно на малото дете. Почнува да се прихранува после петтиот месец, односно веќе кога покажува интерес кон она што јадат возрасните. Се разбира колку доенчето е повозрасно толку повеќе завзема место прихранувањето, но за таа цел не се приготвуваат посебни јадења за доенчето, ами му се дава од она што јадат возрасните. Штом побарува јадење кога не јадат возрасните, обично му се дава леб и сирење. Но, има деца кои што до одбивањето не се прихрануваат со ништо. Пошто при доењето нема никаков ред и намалување на бројот на подојувањата, самото одбивање на доенчето е нагло и прилично тешко. Главно средство за одбивање е страот.

На денот на одбивањето мајката уште рано му меси буле на детето, му вари јајца Кога ќе се разбуди малечкото го зема мајката му обесува на вратот торбенце кое е правено нарочно за таа прилика и го подојува за последен пат. Потоа го зема булето, го удира детето по тилот и вели: “Кога ќе си го видиш тилот тогаш цицка да побараш”. Потоа го става булето и јајцето во торбето и му вели: “еве ти буле, јајце и бомбони (и бомбони му става во торбето како и пара) да јадиш, а цицка повеќе да не бараш оти ја изеде мечката” и покажува на кожата од еж која во тој момент ја закачува за гушалето. Потоа му се зема торбето на малечкото, се истура она што било внатре и се гледа по што прво ќе посегне детето. Ако посегне по парата ќе било богато, а ако посегнело по јајцето ќе било сиромашно.

Од тој ден дотогашното доенче останува без мајчиното млеко и при секој обид да бара цицка се заплашува со ежовата кожа со која дури и се подбуцнува за да престане да се доближува до мајчините гради. Во првите денови се залажува со слаткиши, а потоа почнува да се храни со се она што јадат возрасните како и за време на прихранувањето ако такво имало.

Во однос на исхраната тешко поминуваат оние мајки кои немааат доволно млеко да го дојат малечкото. Во таквите случаи кога било можно се користело козјо и кравјо млеко, но во повеќе случаи уште од првите денови по раѓањето недостигот од млеко се заменувал со кашичка направена од пченично печено брашно, вода и шеќер. Таква е исхраната на ваквите доенчиња се додека не почнат да јадат она што јадат возрасните. Кашичка му се прави обично наутро и навечер во случаите кога млекото од мајката е недоволно, а ако тоа е сосем малку или воопшто го нема, кашичката се прави почесто.

Изгледа дека најмногу смртни случаи има од овие дечиња, зашто не само што се прави само едноличната кашичка без сите потребни хранливи материи, ами и хигиената при приготвувањето на кашичката е на ниско ниво така што постојат одлични услови за различни заболувања.

После одбивањето во исхраната на детето главно место завземаат компирите, леќата а исто така и оризот. Често му се прават и питулици со лук. Во првите денови како што е речено му се даваат бомбони и леблебија, а од овошје му се даваат костење, а ако има и јаболка.

Карактеристично за исхраната на малите деца по одбивањето е тоа што најмногу му се дава леб како што јадат возрасните, уште во најраните години децата се навикнуваат да си јадат по малку од она другото што се дава со лебот за да им стигне да се најадат. Така ако им се даде се лебот и сирење децата стално се напоменуваат да си каснуваат по малку сиренце, а ако им се даде да јадат на која манџичка пак се настојува да си сркаат по малку да не ја полнат лажицата, или ако макаат по малку да си макаат.

Кога го спомнавме макањето не е лошо да се нагласи и тоа нарочно во поранешните времиња скоро сите јадења се макале со прсти т.е. со залази во прстите. Се сркало обично со дрвени лажици. Виљушката почнува да се употребува во поново време, па можеби затоа повеќето јадења се макале. Сето тоа спонтано го примале и децата. За потребата на ножот како помошно средство при јадењето не може да стане збор во смисла на цивилизиран начин на употреба. Се употребуваат малечки ножиња со скренчиња кои обично се врзани со синџир. Секој возрасен член и поголемко дете си има ноже врзано со синџирче кое го употребува за сечење на лебот. Таков е случајот изгледа затоа што повеќе пати членовите од фамилијата работат одделно каде и што јадат, a се принудени сами да си сечат леб за јадење како и нешто друго. Тоа важи и за децата зашто уште од осумгодишна возраст почнуваат да помагаат во чувањето на стоката и некоја друга работа.

Во повеќето фамилии децата јадат одделно од останатите членови. Така за малите деца се прави нарочно малечко саниче (софриче) и на него јадат децата се до навршувањето десетата или единаесетата година, а потоа јадат заедно со другите членови. И во случајот кога децата јадат на иста санија (софра) со возрасните, јадењето им се тура во засебно мисуре. Тоа значи дека сите возрасни јадат заедно од ист мисур или порција, а децата пак сите заедно, ако ги има повеќе што е почест случај јадат од друг мисур. Спомнувам почесто има повеќе деца во една фамилија, зашто браќата живеат заедно до стари години (ова нарочно порано).

Некои активни интервенции за правилно држење при јадењето не се применуваат освен што се настојува лажицата да се држи во десната рака. При пиењето на вода се навикнуваат децата да го почитуваат правилото “стар по стар” што значи прво треба да се напие постариот по потоа помладите како што се по возраст.

За хранливите продукти кои се употребуваат по нешто веќе е речено, а речено е и тоа дека она што јадат возрасните тоа им се дава и на децата уште од малечки, што значи дека не се припремаат некои јадења нарочно за децата. Како што е речено се јаде многу леб. За секојдневна исхрана се употребува леб од пченично и ‘ржано брашно, а за свечености или други прилики се месат погачи или зелници само од пченично брашно, а за малите деца почесто се месат булиња само од пченично брашно, нарочно по одбивањето.

Co лебот како сува храна најмногу се употребува сирењето. Тоа можеби доаѓа оттаму што повеќето домаќинства стоката ја чуваат по колиби, а преку летото работат в поле каде што и лежат така што таа им е најпогодна храна. Кога спомнувам погодна мислам и на тоа што повеќето домаќинства имаат сирење како свое производство, а не станува збор за купување.

Исто така во исхраната многу се употребува и сланината, па било да е на колиба или дома. Едноставно сланината, ќе се насечи во тавата и ќе се испржи. Нарочно преку зимата тоа е редовно јадење и само одвреме навреме се сварува некое вариво или се “примесува” нешто (зеленчук или сл.). Измена во тој поглед има во постите кога пак се јаде само леб и пиперки, а има почесто варива отколку во мрсниците. Тоа нарочно важи за божиќни и велигденски пости. Во овие пости на децата им се дава само леб и пипер, а варива добиваат кога и возрасните.

Освен сланината, друго месо ретко се употребува и тоа само за некои празници кога се колат кокошки или овци.

Млеко во секојдневната исхрана не се употребува, зашто овците се групирани од повеќе домаќинства и не се молзат дома, така што млеко се зема по два-три пати во годината и се прави сирење. Во тој поглед исклучок прават сточарите кои се разбира секој ден употребуваат млеко, но сепак децата во тие фамилии не употребуваат редовно млеко, зашто како што е спомнато овците се молзат в поле и таму се прави сирење.

За вариво најмногу се употребува гравот и леќата а поретко се прават јадења и од компир. Оризот се заменува со таканаречен бонгур кој се добива од пченицата на тој начин што пченицата добро ќе се исуши а потоа се меле на “рачник”. Спомнат е зелникот во кој се става зелје од шчавеј, а во раната пролет и од коприви. Зелје се приготвува и засебно како јадење.

Од зеленчукот во исхраната најмногу се употребува пиперката и тоа туршија и сушена, доматите, лукот и кромидот кои воглавно се јадат сирови. И зелката прилично се употребува и тоа во зимата-расол.

Овошјето не се употребува системно ами како-кога и кој има. Се користат плодовите од дивите овошки и тоа во летно време, а за зимата се сушат сливи (ситни, диви) и круши (ситни, диви), а во слама се оставаат лесници (диви јаболкници). Лесниците се колку орев јаболчести плодови и кисели по вкус од кои “отрпнуваат” забите (за ова има и поговорка: малите ги јадат лесниците а на старите им трпнат забите што значи дека малите ќе ги сторат грешките а старите се срамат). Од сувите сливи се вари компот, нарочно во постите, а сувите круши така ги јадат децата.

Слатките во исхраната воопшто не се употребуваат, не земајќи ги во предвид разните видови на бомбони кои им се даваат на децата по одбивањето.

Карактеристично е и тоа што се употребува за јадење варена пченица а не ретко и пченка.

  • - - - 
Прочитајте повеќе: Туристички атракции во Мариово...
  • - - -