„ТРГОВЦИ” НА „КУНАТКИ” И „ЛИСИЦИ” – ЛОВЕЧКА ПРИКАЗНА — ВИСТИНСКА ВИСТИНА – лаги, смешки, хумор од Мариово

Booking.com

Пресните снегови многу им помагаат на ловците.

Едно, земјата што се покрива, та зајаците, срните, елените и козите не можат да најдат храна, а друго и најглавно, се познава трагата на снегот, та ловците лесно го наоѓаат дивечот и без загари. Таквото време ги мами, не само ловците професионалци, ами и многy аматери на лов, а повеќе и за лесна заработувачка во безработните зимски денови.

По тоа време особено страдаат лисиците и кунатките. Тие ноќе шеткаат и ја оставаат трагата зад себе, а утредента уште в зори им ги наоѓаат трагите разни кадри ловци и ги затвораат во дупките, и клаваат разни стапици, склопци, ги чурат со чад, или ги чекаат ноќеска ако имаат некоја кременачка или капзалија. И ги фаќаат. Ги фаќаат и им ги дерат кожите и земаат по некоја и друга стотка за лисиците, а лебами и илјадарка за кунатките.

Затоа и Атанас Опурчак од нашето село не пропушташе ни ден таков снег, а да не оди да претражи по мелиштата и урвините. И удреше ли на кунаткина трага, сигурна му беше кунаткината кожа. А за неа илјадарка, па понекогаш и повеќе. Зависеше од пазарот.

Еден таков ден излезе Атанас сам но кунатки. А тој секогаш одеше сам, та ако му „поможе господ”, да не ја дели илјадарката со никаков ортак.

Излезе, велам, и цел ден скита низ урвините и карпите но не удри на кунаткина трага. Го фати мракот далеку од селото и по темница помина крај колибата од соседа му Митрета Пила. И на негова изненада, му.го пресече патот некакво црно живинче, ама асли како кунатка. My го пресече и се заврте да го погледа.

Мислејќи Атанас цел ден на кунатка, се стресе кога го виде црното живинче и набрзина го откачи малото секирче од левата рака и со десната го исповрте на живинчето. Се погоди „среќен час” го удри со сечивото право по крст и ова почна да мјауче и да се влечка по снегот онака прекршено од ударот.

Атанас разбра дека го прекрши мачето од соседа си Митрета, ама наеднаш во главата му се зароди мисла да направи една шега в село и „ако се може” да го искористи случајов. Го фати мачето, му го свитка вратот и го умртви. Си го зеде под сакма и со еден два часа ноќ си дојде дома. My се израдува дома жената и децата што му „помогнал господ” да ловне кунатка. А пустото маче црно како жужел, под гушата белогрлесто што се вели, вистинска златка” (еден вид кунатка). А тие — златките — секогаш беа и се поскапи за стодвесте динари од обичните црни кунатки.

Фати, уште вечерта го одра мачето и по сите прописи го навре кожинчето на една штичка да не се спури, та да се искубат убавите глатки влакна. И го остави на таванот од одајката.

Утрото децата и жената се пофалија дека Атанас вчера фатил кунатка! Никој немаше што да се чуди, бидејќи и лани и полани Атанас фаќаше кунатки, што пак оваа година да не фати.

По десетина дваесет дена Атанас навистина фати вистинска кунатка, но не златка, ами црна. Ја донесе дома, ја одра и ја напна на друга штичка, та ја фрли и неа на таванот. Се сторија две. А пусто око човечко лакомо!

Кога виде две — му се присака да му се три — четири — пет. Колку повеќе — толку поарно за него.

И еден ден Атанас ги симна двете кожинчиња од таванот и почна да ги споредува. Гледа во тоа од мачето — гледа во тоа од кунатката, сосема мала разлика. Малку попосна изгледа од мачето козината и опавчето некако потанко. Па се присети нешто и отиде до дуќанчето од Мида со едно шише полоканиче. Го наполни масло и си дојде дома, та го изнатури кожинчето од мачето. Светнаа влакната уште посјајни од вистинската кунатка!

Се издиши длабоко Атанас и ги фрли пак кожинчињата на таванот.

По некоја недела пак падна снег и Атанас пак донесе „златка”. Се сторија три. По друга недела ги направи четири, по трета пет. И тоа само „златки” фаќа Атанас, a шишето секоја недела го полни со масло од кај Мида. Ама почнаа некако да исчезнуваат од соседите црните мачиња што имаа грлувчиња.

Нејсе, никој не го направи вопрос тоа исчезнување, бидејќи кај што имаше „златки” имаше и сиви, бели мачиња, та стопаните не водеа сметка за нив. Може мачето се настрвило некаде каде што има некое каче со сирење, сланинка отворено, или некој кош волна за спиење на топло и меко во студените зимски ноќи и таму се преселило. И така мачките в село се селски — немаат одреден сајбија — стопан.

Најпосле дојде и долго очекуваниот час. Кунатките се побараа по пазариштата, ама Атанас нема да ги носи на пазар, ами ќе чека дома муштерии. Дома, вели, и стреите помагаат.

И еве ти га еден ден тројца тиквешани — тројца браќа Ѓорчевци по кунатки во Атанасовото село. Си дошол најстариот брат Ставре од Америка и донесол по дветри стотини наполеони пари, но сакаат браќата да ги умножат, та решија да тргнат по трговија. Оти ќе купуваат на пролет афион, тоа се знае. Co тоа тие се занимаваа и порано, но да не лежат парите за бадијала преку зимата, тие решија да ги затворат во некоја друга трговија. И токму како нарачани се поткренаа цените на кожите од дивечот и браќата потрчаа да ги „излажат” простите и глупи мариовци, да им ги земаат кожите на половина цена за да печалат сто на сто.

И еве ти ги дојдоа во селото од Опурчака и се растрчаа по куќите каде што разбраа дека има кожи.

По тебе — по мене, разбраа дека Опурчак има пет кунатки и му отидоа една вечер по мракот. Се криеја денски оти немаа трговско право. А и Атанас немаше ловечко право, та се вардеше да не го намириса шумарот, та да му ги конфискува „кунатките”. Затоа, велам, отидоа по мракот и, дури го испија кафето и ракијата, убаво се затемни и Атанас ги симна „кунатките” од таванот. Ги видоа „трговците” на борината, им се бендисаа и почна пазарлакот!

Атанас ја побара цената што ја знаеше од есеноска: илјада и сто динари или пет наполеони за „обичната” кунатка a пo илјада и четири стотини динари или по шест наполеони за „златките” уверувајќи ги „трговците” дека секогаш „златките” одат за стотина двесте динари поскапо од обичните кунатки.

Вур — тур, погодија: четири наполеони за обичната кунатка, по пет за златките. И тука трговците сакаа да печалат пет шест банки оти наполеоните беа 218 динари. Затоа тие не пазарија со банки. My ги броија дваесет и четири наполеони на Атанаса и си ги кладова во вреќата кожинчињата. Атанас си ги прибра паричките, ги истрлка од брадата и ги фрли штичките на таванот да му се најдат за в година да навира на нив „златки”.

Утредента излегоа „трговците” до сред село и се вратија во крчмичката на Мида и се распрашаа по селаните кој има „лисици”‘ за продавање. Мидо, не подолен од Опурчака во шеретлуците, се јави дека има шест парчиња. За час се направи и тука пазарлакот и трговците турија две кила вино и кило ракија крчма, бидејќи Мидо им ги продаде сосема евтино „лисиците”. И кога ја испија крчмата и извадија да му ги платат „лисиците”, овој си зеде пари само за пијалокот, а за „лисиците” рече, дека не го прави кабул да им ги продава невидени.

—           Ами каде се, баго мата, да и видиме, — изусти Ставро, а Мидо тоа и чекаше. Почна да се смее па му вели:

—           Ене ги неее, во планината! — Се раскикотија и другите селани што пиеја во крчмата, а Ставро го напсува Мида.

—           Ами ти сакаш лисици, не сакаш кожи од лисици, бре побратиме? — го дочека Мидо со уште поголемо кикотење. — Кај си видел ти лисици в село. Побара лисица и јас ти ги продадов евтино, оди фаќај ги.

Станаа „трговците” си отидоа тешејќи се дека ќе ја извадат штетата од „златките” од Опурчака.

Но кога ги однесоа „златките” во Кавадарци да им ги продадат  на тие што се разбираа од стока, цело Кавадарци гракна да се смее дека тинквешани ги „излагале” простите мариовци и им ги зеле „кунатките” евтино.

 

Преземено од: Раскази I том, СОБРАНИ ДЕЛА

Автор: СТАЛЕ ПОПОВ

Уредник: ВИДОЕ ПОДГОРЕЦ

Редактор: ДИМИТАР МИТРЕВ

НИК „НАША КНИГА’ СКОПЈЕ, 1976

Booking.com