Митре Крчо од нашето село прикажан ловец беше.
Дури беа Турците не можеше слободно да лови, но пушка си имаше; скриена, се разбира, и тоа убава пушка, маузерка, не како дедо Дарковите Шарки, шејшаниња и други капзалии или кремењачки. Служеше по малку на четата; леб да однесе, книга да донесе и други ситни работи, а пред самото ослободување од Турците 1912 год. се примеша салам со четата.
Кога го нападија Сојузниците Агата од нашите краишта, Митре си дојде в село да биде домаќин. И што ќе донесе од плен — еден загар. Другите четници доведоа: атови, волови, крави, овци; донесоа разни веленца, ќилими и по некоја пара повеќе, Крчо наш доведе ЗАГАР. Ама убав загар! Сите зајаци има дома да му ги дотера на Крча и тој од чардакот да ги тепа. Така барем тој го фалеше.
Е, нејсе! Бидејќи ова не излезе, загарот не можеше да ги дотера зајаците дома, тогаш се наложи Крчо да го изведе загарот в шума и да го обиде како ќе тера. Како сам на лов не се оди, Крчо зеде со него еден од српските војници некој си Милан по име, ни повеќе, ни помалку, ами два метра долг; таман како што беше и самиот Крчо. Се најдоа двајцата крачести и тргнаа, та прејдоа спроти село во шумата, која стрмно се дигаше нагоре испресечена со долишта и брегови. Ги фатија Крчо едниот брег, Милан другиот и го пуштија загарот по долот да тера. Овдеонде истера еден и почна да лае, пишти, та се слуша дури в село спротива. По некое време го виде Милан, и зајакот, и загарот како го тера право кон Крча и запна со сета сила да вика:
— Пази, Митре, пази ето зеца НИЗ БРДО. Пожури да ти не умакне! Крчо не можеше да го види зајакот, а не смееше да викне, почна со ишерет да го праша Милана каде е зајакот, а Милан само вика ли вика: „НИЗ БРДО, будало једна, НИЗ БРДО, побежи ти зец!”
Крчо го издолжи вратот и запна нагоре кон ридот, а Милан уште посилно се развреска: „НИЗ БРДО, кретене божји, што си запео УЗ БРДО ко сивоња”. Нели, едно време се сети наш Крчо дека Милан вика надолу, а не нагоре, та се врати, но и зајакот се врати сега тој нагоре. Така пак се разминаа Крчо и зајакот и не му дојде пред пушка да му фрли.
Истера загарот погоре друг зајак. Милан пак почна да му вика на Крча сега УЗ БРДО. Митре се спушти како стрела надолу. Милан разбра дека Крчо не го разбира, па почна да се лути и пцуе. Нејсе, ако не е надолу, тогаш е нагоре. Митре пак се врати и пак се узминаа со зајакот. He сторија ни севте. Излегоа и двајцата на ридот и почнаа да се расправаат за она: „ПО БРДО — НИЗ БРДО”. Митре го кара Милана:
— Ама, што ти е она УЗ БРДО — НИЗ БРДО, бре брату?! Е, е, ex! Co твоето УЗ БРДО — НИЗ БРДО испуштивме златни зајаци! Викај понатаму: ГОРЕ или ДОЛУ, a твоето ПО БРДО — ЦИЗ БРДО чувај си го за во Србија твоја.
И така, кога им прејдоа во „Отин” и кога тој пустиња — загарот дотера — КУПИШТА зајаци, како удрија, удрија, натепаа еден кош, та едвај ги донесе Весковското магаре. Ама зајациии! Да ги товариш, секој по седумдесет оки можед да носи. Барем така Крчо наш ведеше после, a јас не видов; да ве лажам, срамота е, а и не сум ловец за да можам тоа да го сторам . . .
Преземено од: Раскази I том, СОБРАНИ ДЕЛА
Автор: СТАЛЕ ПОПОВ
Уредник: ВИДОЕ ПОДГОРЕЦ
Редактор: ДИМИТАР МИТРЕВ
НИК „НАША КНИГА’ СКОПЈЕ, 1976
Booking.com