Itar Pejo – ВЕРНА КЛЕТВА HA КРАЛОТ И ТАТКОВИНАТА – Итар Пејо, смешки и шеги

Booking.com

Како сите другари, и Пејо требаше 1914 година да положи клетва за верност на кралот и татковината Србија.

 Се построји Пејовата чета и попот застана пред неа. Им одржа на војниците цела проповед за значењето на заклетвата што ќе ја чита тој. И почна:

„Ја (кажи си го името и презимето, рече попот и сите си ги изговорија своите имиња и презимиња, па и Пејо), заклињем се (продолжи попот), а војниците по него. Но Пејо место заклињем се рече запињем се, (нешто комшијата му потфрли не запињај се толку, Пејо), јединим и свемогуќим богом и свим што ми је на овом свету најмилије и на оном најсветлије, да ќу своме краљу и отаџбини веран бити и да неќу и свој живот пожалити за њихову част и славу. Тако ми бог помогао — Амин”.

itar-pejo-mariovo

Така прочита попот, и така ја изговорија војниците, но Пејо на едно место „згреши”.

Кога рече попот „да неќу свој живот пожалити” Пејо само ова последното малку го позаврте како нему што му чинеше и рече место „пожалити” — „положити”, та излезе дека Пејо неќе свој живот положити за краља и за отаџбину.

Затоа при првото сретнување со Австриците, се предаде за да стапи во бугарската „освободителна” армија како „Б’лгарин од Македонија”, без да се плаши од дадената клетва, која и на новиот цар ќе му ја даде.

 

Преземено од: Раскази I том, СОБРАНИ ДЕЛА

Автор: СТАЛЕ ПОПОВ

Уредник: ВИДОЕ ПОДГОРЕЦ

Редактор: ДИМИТАР МИТРЕВ

НИК „НАША КНИГА’ СКОПЈЕ, 1976

Booking.com