Booking.com
ЗА СТАЛЕ ПОПОВ
Приказните не би биле тоа што се, ако освен чувството на задоволство кај слушателот (подоцна и кај читателот) не би предизвикале често и повеќе од тоа.
Приказните не би биле тоа што се, ако освен чувството на задоволство кај слушателот (подоцна и кај читателот) не би предизвикале често и повеќе од тоа.
Слушајќи ги македонските народни приказни, Марко Цепенков не само што се одушевил од нив, туку и целиот свој живот им го посветил: резултат на тоа интересирање се оние десетина книги од ризницата на народната фантазија во кои доминираат приказните што ги собирал, прераскажувал, средувал со децении. Браќата Грим од Германија или Пушкин од Русија создале свои уметнички верзии на народните приказни за Снежана и седумте џуџиња, за Рибарот и златната рипка итн., итн. Тие (приказните) го поттикнале некого да напише роман за авантурите на Јан Бибијан на Месечината (Елин Пелин), а некого да не нурне во бескрајните длабочини на Земјата и на морињата (Жил Верн); трети конструирале моќни летале со кои и ние, Земјаните, се обидуваме да патуваме низ вселената…
Така и СТАЛЕ ПОПОВ: не само што станал писател, туку често во животот се снаоѓал и постапувал како што го подучувале приказните, како што постапувале некои јунаци од фолклорот, а во таа смисла и самиот Итар Пејо.
Досега често можеше да се сретне податокот дека Стале Попов бил роден во с. Витолиште, на 25 мај 1902 година. Но тоа е негова чиста итарпејовска измислица. Имено, во старо време (кај нас велиме – „во турско”) родителите на некое новороденче можеле да знаат каде им се родило детето, но кога, во кое време, – тоа никој не го забележувал. Во најсреќен случај роденденот можел да биде запомнет ако се паѓал точно на некој од големите верски празници („прв ден, втор ден, трет ден на Велигден”, или „два дена пред Петровден”, „три дена по Прочка”), а особено ако таа година се случило нешто позначајно во историјата на селото, на поширокиот регион или на Балканот, во светот, но и во природата („Митре се родил истиот ден кога Толе-паша ги запали сараите на Осман-бег” или „Тодорка ми е родена на Илинден кога спукаа од кај Гробишчата малихерките врз аскерот на Арслан-беј” или: „Дарко се роди ноќта кога се повампири Ѓурѓа Улавата…” и сл.). Но, денот и годината на раѓањето на Стале Попов не се совпаднале со никаков значаен празник или настан, па така тие останале непознати за никого. Се паметело во семејството дека се родил како едно од последните, ако не и последно, новороденче во селото Мелница кое уште тогаш било пред испустување, а го доела млада Циганка од пештерите над селото, зашто мајка му се разболела и набргу умрела. Дури подоцна, откако кај нипјево се зачувало првото помнење, да речеме, на колежот што грчките андарти/комити го извршиле над калуѓерите во манастирот „Св. Илија” во Мелница, татко му кој бил манастирски слуга и кој по игра на случајот го преживеал крвавиот настан, го преместил семејството во блиското, но мошне активно село Витолиште. Бидејќи малиот Стале се сеќавал и на оваа трагедија, а и на борбата што востаниците ја воделе со Турците кај споменатите гробишта во Витолиште (а тоа било, како што се знае, на 2 август/Илинден 1903 година), по логика излегува дека нашиот иден писател не можел да биде роден во 1902 година, бидејќи со една година возраст тешко некој да може појасно да се сеќава на нешто, па макар тоа и да биле пукотници!
Во Витолиште имало во турско време училиште со платен бугарски учител (Турците не се интересирале ни за свои школи, а камоли за образованието на своите робови!), па таму Стале, растејќи, ја засакал книгата и учел солидно. Набргу изумреле братчињата и сестричките. Останато само со татко си, момчето во слободното време го вежбало ракописот, кој му станал чудесно убав. За тоа време, со Балканските војни, турското ропство завршило. Дошле некои силни бугарски, грчки, српски војски кои не можеле да се спогодат како ќе ја делат „ослободената” Македонија, па се степале меѓу себе. Набргу избувнала и Првата светска војна, а еден од главните фронтови/боишта бил во Мариово кај планината Кајмакчалан. Бидејќи, која војска каде се задржала во Македонија, таа оттаму си мобилизирала војници – Македонци како засилување. Така се случувало двајца браќа или татко и син да пукаат еден во друг како припадници на две различни судрени армии. Стале веќе убаво се замомчил. Татко му го засолнал во родната куќа во Мелница, но тогаш стигнале тука бугарски трупи, а токму таа куќа Бугарите ја одбрале за да ја сместат провизорната воена болница. Стале се нашол затекнат и присилен да помага како чистач и превивач на завои, а често и при изнесувањето на мртвите, неуспешно оперирани војници. Кој ќе го посети с. Мелница, и денес, во кругот на малечката многу стара црквичка, ќе ги види гробните крстови со натписи како следниов: „Тукт, почива потпо-ручник Геро Минзухаровт,, род. вт> Сливент» презт> 1898 год. поч. вт> 1916-тата”. Еден ден, кога полковникот П., командант на Прилепскиот гарнизон, бил во обиколка на фронтовата линија, ја посетил болницава и го забележал Сталета со метла в рака. Му се видел цело мажиште и викнал:
– Ти!.. Зошто не си на боевата линија? Стале не се збунил, туку одговорил:
– Јас сум малолетен.
Полковникот направил кисело лице и рекол остро:
– Утре да ти го видам крштелното свидетелство!
Се стаписал Стале, се препалил. Но, итарпејовското во него проговорило. Нашле со татко му стари, од глувци разјадени „изводи од книгата на родените” и со сопствена рака напишал во едно од нив „Стале Попов, роден на ден 25 мај, 1902 г.”. Така се спасил да не го пратат на Солунскиот фронт. Една ноќ излегол од селото и стасал до прилепското село Плетвар, каде што Германците го експлоатирале мермерот. Се вработил привремено во администрацијата на каменоломот, благодарејќи на прекрасниот ракопис.
Војната завршила во 1918 година. Бугарските и германските војски, победени, се повлекле од Македонија, но затоа македонската земја, со благословот на големите „мудри” европски државници ја поделиле помеѓу Бугарија, Србија и Грција. Вардарскиот дел на Македонија одеднаш станал – Јужна Србија, а нејзините Македонци – Јужносрбијанци! Македонскиот јазик бил забрануван, а во Грција дури и за домашна употреба меѓу членовите на секое македонско семејство!
Со голема желба да се школува и понатаму, младиот Стале заминал во Битола, се запишал и со одличен успех ја завршил својата богословска наобразба. Свештеник, сепак, не станал. Се оженил, но жената му починала. Се преженил и – се обидел да стане селски домаќин: орал, сеел, жнеел и вршел жито; копал и садел компири, грав и пипер, а калемел и овошки; берел дрва и борина за преку зима… Иако станал татко на 4 деца, се уште се натпреварувал со ергените на Бадник и на Василица, скокајќи преку распалениот коледарски оган и фрлајќи камен од рамо. Кога видел дека ни така не можел да спечали имот, a 5 усти чекале леб од него, се впуштил во ризични „бизниси”: обидот да тргува со жива стока и со месо – пропаднал (своите доживувања ги опишал подоцна во книгата „Опасна печалба”). Граничарите ги фатиле несудените трговци уште при првиот обид да претераат стадо во Меглен и „овчарите” три дни потоа ги ложеле модриците по телото со кромид!.. Ни обидот да стане „индустријалец” не му успеал, бидејќи поројните дождови и реката му ја однеле бичкијата. (Но, она малку население што денеска останало да живее во Мариово, го знае местото каде што Стале избичил се на се десетина кубни метри штици, како – Сталевата бичкија!)
Кренал Стале раце од селото, го собрал своето семејство со надеж да си ја побара среќата в град. Се населил на периферијата на Прилеп. Најмил станче чии два прозора гледале на улица, спроти уличната сијалична бандера од каде што ноќе во одајчето допирала светлинка. Сосетките и завидувале на мариовката: „Боже, што к’смет имала женава – лендрик да и свети од сокаков, и тоа без пари!”
Но, народот, зар преку Итар Пејо, рекол: „Кај оди волче, таму град толчи”: се погодила економска криза, работа во градот немало. Сега и да сакал да се запопи -ниту имал „владичкото” да го плати за услугата, ниту православниот закон му дозволувал поради некои принципи. „Од мене до тебе” поработил како тутунарски работник, не успевајќи да врзе „крај со крај”. А децата -некои за училиште, некои в пелени – барале леб. Згора насе – го повикале во војска, така со присила, т.е. мобилизиран, да биде употребен како работник кога избувнале некои големи штрајкови во Кралството Југославија. Но, пак според народната: „Дојди зло – без тебе полошо!”: таму повторно му го откриле убавиот ракопис и го префрлиле на канцелариска работа. а на крајот претпоставените му дале и препорака за да може, како утрешен цивил, да побара административна служба „таму и таму”! Препораките успеале и, одваму – оттаму, Стале дотерал до Народното собрание во Белград каде што се одличил како службеник. „Патема”, на четириесетгодишна возраст. завршил Теолошки факултет. Кога во 1941 г. требало да замине во војна, на сите членови од семејството им оставил по една своја фотографија. На најстарата ќерка – тогаш веќе студентка од прва година -и напишал: „Никогаш не е доцна да се завршат студии. Ја бакнува тато својата колешка!”, а на снимката посветена на сопругата. и порачал на мариовски дијалект: „Ако јас не се врата’ Ѓока да го школу’аш, макар туѓи алишча да периш!”
На фронтот и овојпат не заминал, зашто „тапанот се скинал”. Кралството Југославија пропаднало пред Стале да ја пронајде својата воена единица. Итн.
Новата бугарска власт го врбувала за себе, го назначила за кмет на с. Витолиште. Прво што сторил, Стале одбил да изврши реквизиција (да собере од селаните жито, маст, волна, месо и др. производи за потребите на окупаторската војска) со образложение дека „на овие селани државата треба да им даде, а не да им земе!”. Го интернирале (Итар Пејо би рекол – го пратиле во сургун!) во с. Долен, Пиринска Македонија! Се вратил при семејството во Прилеп откако Италија се обидела да капитулира, т.е. ги изневерила своите дотогашни сојузници Германија и Јапонија. Стале отишол во Мариово, кутињал борови по планината Перун, а трговецот Вртан му давал за нив по некој лев и така семејството преживувало во оние тешки години на страв. Притоа и комшијата и пријател Методија А. Чентото – со кого што некогаш, изгледа, сркале од исто тенџере – заминал меѓу партизаните, па сакаш ли „циркуси” со бугарската полиција која знаела за таа нивна некогашна врска. Како капак на тоа, еден бугарски резервист, преметнувајќи низ Сталевата малечка библиотека, удрил на неговиот ракопис од 1939 година напишан на прилепско-мариовски јазик со наслов „Што сум јас, кој сум јас” (кој денес се чува во архивот на Македонската академија на науките и уметностите/МАНУ), во кој Стале многу јасно докажува дека македонската нација постои независно од фалсификувањата на историјата од страна на оние што ја распарчале и разграбиле Македонија. И од тие ситуации го извлекла итарпејовштината во генот!
Во Витолиште, токму на Новата 1944 година влегле борците на Првата македонско-косовска ударна бригада. Нејзиниот Штаб отседнал на ручек – вечера и на ноќев во куќата на Стале, а потоа го седнале домаќинов на обвинителна клупа поради онаа служба, пред се, кај Бугарите. Иследник му бил членот на Штабот, лично Методија Андонов – Ченто, кој пред железните аргументи на обвинетиот не само што не го нашол за виновен, туку и предложил Стале да ја врши функцијата Претседател на Народноослободителниот одбор за витолишкиот регион, се разбира, во илегала! На бугарската власт не и било јасно – како партизаните можеле да го оставаат жив! – но се сетиле дека и тие го праќале на сургун. Така Стале поминал и овојпат само со забраната да не го напушта Прилеп и со две-три месечен домашен притвор (една плаканица нема смисла ни да се споменува!).
По ослободувањето бил избран и за претседател на Прилепската околија. Потоа го назначиле за управник во шумските дирекции во Витолиште и Старавина.
Тогаш. од една страна. добил тајна задача секој ден да испраќа по неколку товари леб кон границата со Грција за партизаните – учесници во Грчката граѓанска војна, a од друга – државната јавна контрола му барала отчет за брашното!.. Кога и од оваа ситуација излегол по советувањето со Итар Пејо, – решил – идните главоболки да не ги врзува со власта, туку – со учениците! Добил преместување во Скопје и на сопствено барање бил назначен за професор по македонски јазик (a по потреба предавал и српски и руски, па и историја!). Се пензионирал на таа служба, како професор во училиштето „Браќа Миладиновци”. Но, набргу ќе го совладаат некои противположени болести. Починал на 10 март 1965 година во Скопје.
Стале Попов се занимавал со литературна дејност уште меѓу двете светски војни, но не објавувал ништо од напишаното. Запишал/обработил не мал број народни приказни од својот крај, меѓу кои многу и од овие во книшкава за Итар Пејо. Причините – зошто не ги печател своите текстови биле, главно, две.
1. Никој не се осмелувал да ги печати поради македонскиот јазик на кој биле повеќето напишани,
2. И да немало државна забрана (поради јазикот) – авторот немал финансиски средства за да го плати печатењето, – иако големо задоволство му причинувало, со празни џебови, да разгледува огласени куќи за продажба, па дури и да „се пазари”, нудејќи – се разбира – неприфатливо ниски цени!
Избраното книжевно дело на Стале ПОПОВ изнесува 12 книги. Меѓу нив најпознати му се романите „Крпен живот”, „Толе-Паша”, повеста „Калеш Анѓа”, збирката раскази со ловечки преживеалици и, се разбира, малечкава книшка „Итар Пејо”, поради која некои негови мариовци, не сфаќајќи ја суштината на приказниве и анегдотиве, по малку му се лутат. А тие, приказните за итроманецов претставуваат обработка адаптација (приспособеност) според стилот на авторот Стале Попов. според неговото видување на народните приказ-ни, а мегу нив има и нови, измислени како што се приказните за симулирањето во воената болница, збунувањето пред генералот кој ѕирнал и во кујната на воената единица и др. Тоа се вистински случки што му се случиле на самиот писател.
Георѓи СТАЛЕВ
Booking.com