Мариовскиот регион претставува природна целина, ридско планински предел кој приближно го зафаќа јужниот и дел од централниот дел на Република Македонија. Регионот е обиколен со планинските масиви на Ниџе, Селечка, Козјак, Дрен и дел од Кожуф Планина. Релјефот на регионот е прошаран со три поголеми реки како: средното течение на Црна, Градешка и Бела Река.
Црна Река го дели Мариово на два под-региони наречени Мало или Ново Мариово (од левата страна) и Големо или Старо Мариово, од десната. Административно, мариовскиот регион припаѓа на општините Новаци, Кавадарци и Прилеп, а во минатото имал повеќе од четириесет населби.