Градешница – монографија – дел 1/2

Booking.com

„Градешница” – монографија – автор: Трајко Босеовски
Година на издавање: 1997 // УДК 908.497.17
дел 1/2

Бурната историја на селото Градешница и на цело Мариово е дел од историјата на слободољубивиот и храбар македонски народ.

За непокорот на Градешница и Мариово вечни сведоци се горостасиот Кајмакчалан, бунтовните Кравица, Дрен, Селечка Планина и борбите на ајдутските, илинденските чети и борбата на партизанските одреди и бригади, за отфрлање на повеќе вековното ропство и извојување на своја слобода за суверена македонска држава на Балканот.

Да се напише монографија за една голема селска населба како што е Градешница е тешка и одговорна задача, токму поради фактот што се нема доволно документација за одредени историски, географски, стопанско културни и други настани од ова подрачје. He се обработени монографски и документирано и одредени значајни личности од ова поднебје.

Гледајќи како времето секавично минува и со себе незапирливо носи битни настани и збиднувања од минатото на градевци и селото, решив да ја напишам оваа хроника. Уште повеќе ни паѓаше тешко на душата, кога при посетата на мојата родна Градешница, гледавме закатанчени порти, искршени прозорци, запустени и обраснати во трева дворови, изгаснати огништа итн. По селските улици се среќавав со стари и изнемоштени мои соселани. Ги проучував тие човечки судбини и драми, кои преку писма и усмени пораки порачуваа по своите синови и ќерки, да дојдат од градот или од некоја прекуокеанска земја во селото, за да се видат, можеби и за последен пат.

Од друга страна, преку писма и пораки го слушавме и копнежот и носталгијата за родната грутка на братот Стево, сестрата Јованка, другарот Јордан Кочковски, кои ни пишуваа: “Братко, ние живееме и работиме во Торонто, но со мислите и душата сме во родната Градешница и Македонија”.

Додека се уште бев млад, со внимание и големо љубопитство ги впивав или ги запишував во мојот новинарски нотес зборовите, што ќе ги слушнав за минатото на Градешница. Простум ги голтав зборовите на постарите мои соселани, кога раскажуваа за многу настани што се случувале во минатото. Посебно ме обземаа раскажувањата на дедовците како што се: Илија Гуцевски, Ристе Босеовски, Стојко Ѕулков, Стојко Бојковски, Алексо Гулевски, Спасе Самарџиовски, Неда Чачевска, Митре Кикерковски, Трајко Бојковски, Васил Налевски, Никола Зулумовски, Митре Гулевски, Најдо Гулевски, Јован Босеовски итн.

Најповеќе ме одушевуваа фактите што низ нашето бурно историско минато, мариовци и градевци секогаш успешно ги надминувале и ги преживувале сите ветрометини и голготи што се случувале, на овие балкански простори. И не само тоа, туку Мариово и неговото население уште во XV век го дигнало својот глас против турското ропство.

Сите овие возбудливи раскажувања, особено разурнувањата на селата Градешница, Старавина, Будимерци, Груништа и Зовиќ за време на Првата светска војна и нивното повторно издигнување од пепелиштата не можеа да ме остават рамнодушен и постојано ме поттикнуваат да ги забележам на хартија, за корисно да им послужат на идните генерации.

Истакнувајќи ги подвизите на нашите предци, илинденските дејци, загинатите во Балканските војни, првата светска војна и стотина градевци активни учесници во НОБ, од кои двајца загинати, на сите со особена почит им се заблагодаруваме, особено загинатите кои своите животи ги вградија за слободата на Македонија.

Размислата за пишување на монографијата, се повеќе се продлабочуваше во мојата свест, откако Градешница тргна по надолна графичка линија, поради запоставување на нашите села и забрзаниот процес на миграцијата село – град и емиграцијата во прекуокеанските земји како и во индустриско развиените земји во Европа.

Овој труд за Градешница, делумно е труд и за цело Мариово, при што симболично им се оддолжуваме на сите македонски изгинати и преживеани дејци и борци, кои ја зачуваа македонската националност и индивидуалност од обидите на туѓата асимилација и денационализација.

Овој монографски труд нема претензии за сеопфатност на темата за која станува збор, но сепак книгата, мислам, ќе им послужи на идните творци, кои ќе истражуваат и пишуваат за поднебјето на Мариово.

Поради забот на времето, веројатно некои настани и лица по име и презиме ги имаме пропуштено, да ги споменеме во овој труд, за кое длабоко им се извинувам.

При прибирањето на податоци за овој монографски труд, свој придонес дадоа Архивот на Македонија од Скопје, Подрачната единица на Архивот од Битола. Потоа должна признателност изразуваме и кон Косте Ќиќерковски, Марко Стојовски, Јован Парговски, Стале Гулевски, Стојко Чачевски, Атанас Чачевски. Стево Крстевски, Трајко Бојковски, Велика Бојковска, сонародниците – Јордан Кочовски и Стево Босеовски и други. Сепак за отпечатувањето на овој труд посебна благодарност заслужува градоначалникот на Општината Старавина, дипломираниот инж. Тодор Гулевски.

Чувствувам должност и потреба на сите да им изразам искрена благодарност, за несебичната помош и моралната поддршка, при обелоденувањето на овој макотрпен труд.

При прибирањето на податоците и пишувањето на монографијата, наидував на одредени неочекувани тешкотии, но и тоа беа надминати и совладани благодарение на доследното ангажирање на моите верни соработници.

Исто така, за да ја види белината на денот, искрена почит и благодарност им изразувам и на рецензентите Д-р Благој Стоичовски и Д-р Петруш Ристевски за корисните забелешки, предлози и сугестии што ми ги укажа при подготовката и обликувањето на трудот.

 

A В Т О Р О Т

ГРАДЕШНИЦА
I. Луѓе ене меѓу четири рида над кои се влече облаче бело, каде бистра планинска река тече, сместено е моето родно село.

II. Ене во горното сончево маало волшебно топло гнездо свила и мојата родно – пријатна куќа. Стара, но мене ми е мила.

III. Магнетно ме влече родната стреа, куќичка мудро згрчена со стара врата, дојдов кај тебе пак душа да стоплам, ти за мене си како голема палата.

VI. Низ огнород и немаштија на векови растеше стамено ти мое родно село, во тебе чесни подвизи тлеат и се кријат, од предци и дедовци на смели дела.

V. Во време и невреме на твое постоење, високо над тебе и Илинденско знаме се вееше. За подвизи смели Ѓорги Сугарев и Толе Паша и Градешница славно патриотски песни пееше.

VI. Ех, мое село весело, некогаш и тажно, свирепи освојувачи на век крвав до темел те урнаа, (во морничава јанѕа на Првата световна војна) но ти ко феникс од пепелиште се издигна.

VII. Градешницо, ти го отвори твоето срце и за Стифнаумовците – бесмртни борци, и за седмобригадирците – поривни творци, кои приличеа на ослободителни момци.

VIII. Мило, село, слободно си, но јанѕа те јади, неразумна неправда длабоко вдуша те боли, Еве и старчето во очи свои тага гори, што во селско училиште нема дете да твори.

IX. Еве, и сега на Велигден (1997) влегувам во селска црква, во која сум крстен, запалувам свеќа. Погледнав кон икона со Христово распетие и како да чекам одговор за некоја подобра среќа.

X. Градешнице, ене за тебе и Кајмакчалан тажи, што тревожно се изделивме на четири страни. Се задомивме далеку од твоите топли поли, станавме плен на идеи кога бевме уште млади.

XI. Ех, мое село, славно во очај згрчено, многу твои чеда со носталгична лика, очигледно раселени на сите меридијани, во мора и копнеж ја сонат твојата слика.

XII. Мудроразбрана, Градешницо, пак крени глава гордо, оплоди ја земјата и благословен леб да се пече, орачки машини достојни песни да пеат, ко река животот разумен во тебе пак да потече.

Т. Босеовски

ГЕОГРАФСКА ПОЛОЖБА НА МАРИОВСКАТА КОТЛИНА
Територијата на Македонија е сместена во срцето на Балканскиот Полуостров. По својата географска положба, Мариовската котлина се наоѓа на Јужниот дел на Република Македонија, непосредно крај границата (вештачки воспоставена по Втората Балканска војна во 1913 година) со соседна Грција. Мариовската котлина го зафаќа претежно средното сливно подрачје на реката Црна. Котлината од сите страни е заградена со планински масиви.
Јужната граница почнува од планината Ниџе со највисокиот нејзин врв Кајмакчалан (2.520 м), па продолжува на исток кон Соколот, Добро Поле, Кравица, Козјак (со надморска височина од 1814 м.). Источната граница води по сртот Турски Рид, минува преку долината на Блашичка Река, се искачува на Чатена (1349 м), преку Мала Круша, потоа преку ридот Врапче и избива на реката Црна.
Од Црна започнува северната граница на Мариово. Таа води преку Голема Рудина, го сече патот с. Беловодица, потоа преку врвот Камена Струга (1500 м.), се искачува на Дрен Планина со врвот Ливада (1663 м.).
Од Ливада започнува северозападната и западната страна на Мариово. Минува преку Селечка Планина со врвот Коњарник (1.539 м), па преку врвовите Високо (1.472 м.), Бовиште (1.267 м.), Лисичарник, го сече патот (преслопта) Битола – с. Маково и понатаму за Рапеш, Старавина и Градешница. Од преслопта, границата се искачува на Гола Чука (1.336 м.), па врвот Оштро (964) и се спушта во долината на Црна Река, источно од селото Скочивир. Оттука се искачува во месноста Тумба (1103,) потоа преку сртовите Кара и Кедер избива на планината Ниџе, каде се соединува со јужната граница на Мариово.1
Во Мариовската котлина лежат вкупно 28 селски населби, од кои во некои веќе не живеат луѓе (Петалино, Ивени, Пештани, Лешница, Полчишта II, Зовиќ II итн.). Како една поголема интегрална селска населба во Мариово спаѓа и селото Градешница, послано крај Градешка Река, десна притока на Црна Река. Градешка Река извира од планинската месност Уруп, во близина на Македонски – Грчката граница. Мариово зафаќа површина од 1038 квадратни километри, од кои добар дел му припаѓа и на селото Градешница.
Подрачјето на Градешница, како дел на Мариовската котлина, се граничи: од југоисток и исток со граничната линија на соседна Грција и тоа гранични караули – Сокол, Милетина Коса, Добро Поле, Кравица, до врвот Козјак. Северната и северозападната граница е потокот Козјак, месноста Дрен, Бешишка Река (Сатока) со подрачјето на селото Бешиште. Западната и југозападната граница се подрачјата на селата Зовиќ и Старавина, односно тврдината Пешта, месноста Коритата. Ha југ е реката Лешница, Бела Река и некои други месности, Белички рид итн. Во овие синорски граници, кои не се строго одбележани, е сместено селото Градешница.

– – –
1 Според преданието, што од колено на колено се пренесува и се прераскажува меѓу населението во Мариово, котлината го добила името по владетелката Мара. Таа била многу убава девојка од Мариово, поради што Султанот Мурат I ја зел за жена во својот харем. Мара или Кала Мара, како што ја викале Турците, не сакала да се потурчи, туку и понатаму продолжувала да си ја исповеда христијанската вера. Турските веледостојници го наговориле Султанот, Султанката Мара задолжително да ја потурчи. Султанот и предложил на Мара да ја промени верата, но таа тоа категорички го одбила. За да ги смири своите духовни поглавари, Султанот бил приморан да ја отстрани Мара од својот харем. Бидејќи многу ја сакал, и предложил да се врати во своето родно Мариово и со него да управува, за што и издал соодветен ферман (документ). Според преданието, Мара се вратила во Мариово и се населила во с. Витолиште, од каде управувала со Мариово се до крајот на својот живот. Од тогаш котлината е наречена Мариово, а Турците ја викале Марина земја. За Мара народот испеал и песна.
– – – –

Поголемиот дел од синорите се планински и ридско – планински, додека другите селски синори се повлекуваат низ плодните полски површини.

Народот, Мариово го има поделено на старо и младо Мариово. Меѓутоа долги години е раширена поделбата на битолско, прилепско и тиквешко Мариово. Тоа доаѓа од административната поделеност на оваа област и географската гравитација на мариовските села кои градските општински центри Битола, Прилеп и Кавадарци. Најголемо пространство зазема прилепска општина 495 км2. Битолскиот дел на Мариово зафаќа пространство од 333 км2 и во овој дел на Мариово спаѓа и селото Градешница, за кое станува збор во овој труд. Кавадаречка општина од областа Мариово зазема најмал дел 210 км2. Заградено со високи планински масиви и оддалечено од позначајните градски центри во Македонија, Мариово има неповолна сообраќајна положба, при што во минатото тоа било синоним на беспаќе. He случајно, за тоа беспаќе народот испеал и песна: „По пат одам за пат прашам, кој пат оди за Мариово, за Мариово – село Дуње…”.

Мариово со Битола и Битолско поле одржува врска преку патните премини кај селото Скочивир и патниот премин Преслопта (1037 м), кој води преку селата Маково, Рапеш, Старавина и Градешница, каде има автобуски сообраќај. Патот е асфалтиран до с. Рапеш, а понатаму е макадам.

Co Прилеп и Прилепско поле, населението од овој дел на Мариово комуницираат преку сообраќајницата, што минува преку преслапот Слива (1135) до с. Витолиште, каде има автобуски сообраќај. Населението од северно Мариово со Кавадарци и Кавадаречко поле комуницираат преку патниот премин Трибор (1397 м) на планината Козјак, патот Дуње – Беловодица и други.

Неразвиената сообраќајна мрежа, која претставува крвоток за секоја област и секое населено место, е една од причините за економската стагнација на Мариово, а секако и за неговото нагло демографски иселување и празнење. За жал, не случајно денеска Градешница и други мариовски села плачат за својата некогашна младост, која значеше животна енергија.

Според Законот за административно – територијална поделеност на Република Македонија од 1996 година, Мариовската котлина е поделена на Општините Витолиште и Старавина. Во Општина Витолиште припаѓаат селата: Бешиште, Вепрчани, Врпско, Дуње, Живово, Келен, Кокре, Крушевица, Манастир, Полчиште I, Полчиште II, Чаниште, Гудјаково, Мелница и Пештани.

Во Општина Старавина припаѓаат селата: Маково, Рапеш, Зовиќ I, Зовиќ II, (веќе не постои), Будимерци, Груниште, Орле, Брник, Ивени, Петалино и Градешница.

КЛИМA
Градешкото подрачје, како и целата Мариовска котлина, има карактеристични климатски услови, поради специфичното опкружување на планинските масиви, кои условуваат посебна планинска клима. Поради опкруженоста со планини, во Мариовската котлина многу малку се чувствува медитеранска клима. Таа се чувствува единствено во северно Мариово, каде преку Црна Река продира од Тиквешко Поле претежно до селата Мелница и Манастир, чија надморска височина изнесува 500-600 метри. Според пишаните податоци, средната годишна температура на ова подрачје изнесува 12,4 °С со максимални врнежи во месец мај од 68,1 мм, кое нешто е одлика на медитеранско поднебје.
Просторот на Мариово со надморска височина од 600 до 900 метри, во кое подрачје спаѓа и с. Градешница (695) преовладува планинска клима, особено на планинските страни – Ниџе (2362) и Козјак (1814).

Во јужно Мариово се чувствува и умерено континентална клима, која по Црна Река продира до Пелагонија преку Скочивирската клисура. Средната годишна температура во овој простор изнесува 11,3 С. Врнежите покрај Црна Река па до планините Ниџе, Кожува и Селечка Планина, растат и до 75 мм во месец мај. Зимската температура на ова подрачје во просек изнесува 2,6С, пролетната 11,3 С, летната 22.4С и есенската 12,2С.

Зимата почнува во ноември и трае до април, некогаш снег изненадно паѓа и во мај. Зимите се студени, а летата се прилично топли. Градешкото подрачје во просек годишни има 24 дена под магла, а во некои години овој број е значително поголем.

Според распределбата на атмосферскиот притисок, Градешкото подрачје е под влијание, каде дуваат ветрови од северозападниот и североисточниот квадрант, потоа југозападниот квадрант кој доаѓа од Пелагониската котлина. Максимална средно годишна брзина дување на ветровите изнесува 23,6 м/секунда, а при локални непогоди на Градешкото подрачје и до 27 м/сек.
Ваквиот распоред на ветровите во текот на годината влијае и на температурниот режим на ова подрачје.
Блискоста на Градешница до планинските погранични венци Ниџе, Добро Поле, Кравица и Козјак, како и течението на Градешка Река преку селото, допринесуваат климата летно време да биде свежа. Во приквечерината па се до следното утро по течението на Градешка Река дува свежо планинско ветре, кое допринесува климата да биде попријатна и посвежа.

Хидрографски особености
Хидрографските особености на подрачјето на с. Градешница, како дел од мариовската котлина, зависат од подземните води, врнежите, пошуменоста, земјиштето и други морфолошки услови.
Градешкото подрачје се одликува со водотеци, кои извираат и се формираат од планинските подрачја и од десната страна се влеваат во Црна Река. Такви реки се: Коњарка, Белата Река, Лешница, Градешка Река, Бешишка Река-Сатока, Бутурица, Блашница и други помали водотеци.
Црна Река извира над село Железник, Демирхисарско на 760 мнв. Минува низ плодната Пелагонија, потоа кај Скочивир навлегува во Мариовската клисура, минува низ Кавадаречкото поле и кај античкиот град Стоби се влева во Вардар. Црна има должина од 207 километри, а вкупен пад на речното корито изнесува 631 метар.

Сл. Црна река низ Мариовската клисура

Како поголема притока од десната страна на Црна во мариовскиот дел е Градешка Река. Извориштето на Градешка Река се наоѓа во подножјето на македонско – грчката граница, во планинската месност наречена Уруп, при што во горниот водотек се вика и Урупска Река. Извориштето се наоѓа на 1.600 метри надморска височина. Нејзина притока е Коселска Река и други помали извори и чешми. Должината на самиот водотек на Градешка Река изнесува 26 километри. Правецот на истекување е кон запад и тече низ с. Градешница, североисточно се пробива низ Старавинската клисура и од селото Зовиќ свртува кон север, каде се спојува со реката Сатока. Од десната страна Градешка Река прима поголема притока, Бешишка Река. Зголеменото водотечение на Градешка Река се влива во Црна Река на котата од 410 м. и тоа низводно на 3 километри од Чебрен. Површината на сливот изнесува 116 км2. Во изворната делница падот на Градешка Река изнесува 7,28%, а на последната делница падот изнесува 5,58%.

Сл. Градешка – камена река

Градешкото подрачје, особено планинскиот дел не е сиромашен со вода за поење и водопој за стоката. Планинските води се питки, ладни без варовник. Градешка Река за селото Градешница во минатото, па и до денешен ден, значи живот. Реката за населението од ова село има големо економско, климатско, хигиенско и друго животно значење. Од реката се наводнуваат селските градинарски површини. Во минатото по делницата на Градешка Река имаше 12 воденици за мелење брашно и 18 бичкии за бичење на трупци. На делниците кај селата Старавина и Зовиќ, исто така на оваа река имаше воденици.

Бела Река, со притоката Лешница со некои делници, исто така, му припаѓаат на Градешкото подрачје. Извориштето на Белата Река е под врвот Ниџе (2362 мнв.) и должината на водотекот изнесува 16 км. Бела Река во Црна се влива на котата 500 метри. Нејзиниот просечен пад изнесува 9,44%.

Десната притока на Бела Река е Лешничка Река на која, исто така, водата се користи за наводнување на градинарски култури, напојување на добиток и др. Споменатите реки вода имаат и летно време. Недостиг на поголеми извори и реки на Градешкото подрачје се чувствува на плодните површини ,,Бејчеви Круши”, „Ветрушка”, ,,Орничето”, ,,Бунарот” и други.

Во Градешкото подрачје нема минерални топчи и лековити води и извори.

Мариовската котлина како релјефна целина се одликува со специфичен распоред на врнежи во текот на годината. Според статистичките податоци на врнежите во мм., по сезони и вегетативен период 1951 – 1980 година во просек Градешкото подрачје најмногу воден талог имало зиме – 224,6 пролет – 203,6, лето – 124,8 и есен 214,0 мм. Најмногу врнежи паѓаат во есен и зима (60%) во вид на снегови. Според моето сфаќање, облаците со дожд над Градешкото подрачје повеќе доаѓаат од запад, односно Пелагонија, Селечка Планина, го зафаќаат Јужно Мариово и минуваат кон планинските венци Кравица, Козјак, областа Меглен – Егејска Македонија.

Просечни ведри денови над Градешкото подрачје, како дел од Мариовската котлина, во текот на годината има 124 дена, облачни се 98, додека другите денови претежно се сметаат како замрежени.

Настанувањето и развојот на селото Градешница
Одделни археолошки наоди укажуваат на тоа дека Мариово било населено уште во времето на Римјаните.

Во локалитетите Рожден, Мајдан, Витолиште и други месности на овој регион има остатоци од преработка на руда во римско време. Но, поинтересно е дека кон крајот на опаѓањето на Римската империја, поради честите напади на варварските племиња подигани се или се обновени утврдени крепости. Во Мариово се наоѓани при орање или копање и римски монети. Сите археолошки ископини покажуваат, дека од римско време па до денес жителите на Мариово и припаѓале на христијанската религија.

Словенските племиња (Брсјаци), по пробивањето на Балканскиот Полуостров во VI и VII век го населиле и просторот на Мариовската котлина, при тоа го асимилирале и претопиле староседелското население.

Проучувањата на Хан Истрабон, Д-р Ј. Хаџи – Василевиќ, Д-р. Јаким Синадиновски и други научници, укажуваат дека со населувањето на јужнословенското племе (Брсјаци) некои стари населби во Мариово исчезнале и се формирале нови населби со словенски имиња, кои се чувани до денешен ден. Имињата се однесуваат и на географските објекти како што се реки, планини, ридишта, атари крај населени места итн.

Пишаните документи укажуваат дека и во Мариово селските населби биле раштркани се состоеле од по неколку куќи, ѕидани со камен и покриени со камени плочи или слама. Но, поради разните историски и географски околности, селата почнале во разни временски периоди да се раселуваат и, заради поголема сигурност, да се групираат во поголеми населби. Повеќето мариовски села се формирале во близина на речните притоки и Црна Река, како што се Градешка Река, Белата Река, Бешишка Река, Маковска Река, Сатока и други.

Како и кога точно настанало селото Градешница, лоцирано во Старо Мариово не постојат пишани документи. Една од легендите кажува дека многу одамна (кога не се знае) на денешното место се населиле неколку семејства од соседните раштркани села – Грмаје и Лешница, при што се формира селото Градешница, и логично, од тука потекнува и името.

Населбите Грмаја, која се наоѓала во месноста „Грмадите”, и селската населба Лешница, која се наоѓала крај истоимената река, денеска не постојат.

Доколку постои веродостојност, според друга легенда, селото Градешница го населило и населението што било засолнато во тврдината Пешта, која датира од времето на Римјаните. Имено, населението се засолнало во тврдината од туѓи освојувачи, но бидејќи водата што била доведена од чешмата Брен е прекината, населението било приморано да ја напушти тврдината и да се насели во заселеното Градешница, преку кое минува Градешка Река. Други легенди за постанокот на Градешница не ни се познати.

Легенда или податоци за првите жители кои се населиле на местото каде што денеска е лоцирана Градешница, не постојат. Меѓутоа, според завладеаните земјоделски површини постари населени семејства во Градешница се сметаат: Пенукови, Дојошеви, Пушински, Мемовци, Паргови, Дамчеви, Зулумови, Сребринови, Бурназови, Мачкарови, Славеви, Чачеви, Кралеви, Марковци, Петревци, Миовци, Клапчеви, Налевци, Рушиткови, Паланзови, Чаушеви – долномаалци. Пластови, Кочови, Менџуковци, Менчеви, Бандеви – Габермаалци. Секулови, Куртови, Сунчеви, Клоштеви, Биџови (се претставува дека се населени од с. Биџово – Мегленско), Сабови, Чавдарови, Белејкови, Сиќиовци, Гулевци, Бурлиови, Мавреви, Ѓокови, Џанџурови, Мојанчеви, Бојкови, Муневи, Гркови, Ѕулкови, Гулеви, Баснарови, Босеови, шкрекови и други – горномаалци. Редоследот на постарите семејства е пишуван според мислењата и кажувањата на некои постари Градевци, од кои некои сега не се меѓу живите.

Од пишаните документи со сигурност може да се тврди дека Градешница е една од постарите селски населби во Мариово.

Низ својот развиток Градешница, како дел на Мариово, по распаѓање на Римската империја, потпаѓало под три царства:

Византиско, Бугарско, Српско. Кога Цар Самоил ја создал големата држава на Македонија, Мариово односно Градешница се нашла во нејзин состав.

Според некои историски податоци во битката што се одиграла кај реката Марица (1371 г.) војската на крал Волкашин и турската војска, учествувале и некои Мариовци. Според мислењето на други српски научници, на пример Ст. Новаковиќ (труд) „Срби и Турци у XIV и XV веку”), тврди дека во 1389 година по навлегувањето на османлиите на просторот на Македонија и Балканот, македонското христијанско население не им се спротивставувало, поради својата многу лоша состојба под власта на претходните византиски, бугарски и српски владетели.

За разлика од рамничарска Пелагонија, Тиквешијата, Воденијата, османлиите во своите освојувачки походи, населението од Мариово го пропуштиле самото на себе и му оставиле речиси полна автономија, веројатно и поради неговата не пристапност и планинско опкружување на Мариово.

Додека османлиите вршеле масовна колонизација во рамничарските предели на соседните области, тој процес на исламизација не ја зафатило Градешница и другите мариовски села, така што ова подрачје останало најчисто и најкомпактно словенско подрачје. На ова подрачје нема џамии и други белези на исламската култура и цивилизација.

Меѓутоа, според преведените и објавените пописни дефтери бр. 4, 16,73,140 и 232 од 1467/68, 1481 и 1519 година (Архив на Македонија), кога Мариово се третираше од турските власти како посебна нахија во состав на Прилепската каза, во Мариовската котлина се регистрирани 30 селски населби. Од табеларен преглед од движењето на регистрираните домаќинства, неженети и вдовци во Мариово од дефтер бр. 4 од 1467/8 година се констатира следното: Под реден број 1 во селото Бешиште се регистрирани 26 домаќинства, неженети – 3, вдовици – 3, давачки на феудалецот 1930 акчиња (ситни стари турски пари).

ТАБЕЛА

 

село

домаќинства

неженети

вдовици

давачки на феудалецот

акчиња

Зовиќ

12

2

нема

943

акчиња

Будимерци Г.

24

2

2

1461

акчиња

Будимерци м.

4

нема

нема

200

акчиња

Вепрчани

31

2

1

2191

акчиња

Витолишта

80

10

10

4663

акчиња

Врпско

10

1

3

823

акчиња

Галиште

4

нема

нема

125

акчиња

Гудјаково ненаселено

 

 

 

 

акчиња

Градешница и

Старавина

100

9

11

10092

 

акчиња

Груниште

6

нема

нема

275

акчиња

 

Според табеларниот преглед следуваат селата: Дуње, Жиово, Кален, Кокре, Костеново (веќе не постои), Лешница (веќе не постои), Листен (веќе не постои), Манастир, Мелница, Петалино (веќе не постои), Полчиште, Пештани (веќе не постои), Рожден, Сатока (веќе не постои), Трново (веќе не постои), Црничани (веќе не постои), Ч-р-н-ш-т-а (не постои), Чумаково (не постои).

Според дефтерот бр. 16 од 1481/2 година селото Градешница заедно со с. Старавина брои 98 домаќинства, a давачките на турскиот феудалец изнесуваат 2747 акчиња. Дефтерот бр. 73 од 1528 година покажува дека домаќинствата од Градешница и Старавина пораснале на 147, а давачките на феудалецот изнесуваат 8414 акчиња.

Дефтер бр. 149 од 1528 година домаќинствата изнесуваат во двете села 139, а давачките за феудалецот изнесуваат 7.848 акчиња. Дефтер бр. 232 од 1544/5 година покажува рапидно намалување на христијанските домаќинства во Градешница и Старавина на 44, плус неженети 7 и 2 муслимански домаќинства. Намалувањето на домаќинствата во овој период има и во сите други мариовски села.

За давачките на феудалците се земало од имотите пченица, јачмен, ‘рж, бостан, улишта, вино, потоа данок од воденици, валавници и други приходи собирани во текот на годината.

Данокот го собирале со помош на акчии, придружувани од турска коњица, која лесно се движела по планинските и ридски села, како што се Градешница, Старавина, Будимерци, Зовиќ и други мариовски села. Според турските документи се споменува некој си Синан Абдулах, под чие раководство данокот се собирал и во с. Градешница.

Според даночните дефтери од 1467/8 и во 1544/5 година Градешница, Витолишта, Црничани, Рожден и Мелница најмногу биле оптоварени со давање на натурална рента од житарици. Од пописните дефтери се констатира следното за 1467/8 година:

Градешница дала 120 товари пченица во вредност од 1920 акчиња, потоа јачмен 71 товар во вредност од 710 акчиња како натурална рента била обврзана да дава за феудалецот.

 

 

ТАБЕЛА

Витолишта100 товари пченица вредност 1600 акч. Јачмен 30 т.300 акч. Црничани   80      ” ”      ” 1280      ”     ”    40 т. 400    “

Рожден     60      ” ”      ” 1200      ”     “130т. 1380    “

Мелница     50      ” ”      ” 800      ”     ”     15 т. 150    “

ВКУПНО: 290 товари пчен. – вреднсот 4880 акч. Јачмен 215 т. 2230 акч.

Од житарична рента, селаните од споменатите села биле обврзани да даваат, покрај пченица, јачмен и граор. Старавина се третира веќе одвоено.

 

Од податоците може да се констатира дека во тоа време во Градешница имало три воденици. Нивните сопственици биле должни годишно да плаќаат по 30 акчиња данок или вкупно за трите воденици се наплатувало 90 акчиња данок. Според податоците во тоа време во Градешница биле регистрирани 38 домаќинства и годишно главата на домаќинството бил должен да плати 950 акчиња како данок. Во селото, исто така, биле регистрирани 20 лица неженети, кои годишно биле должни да плаќаат по 500 акчиња како задолжителен данок, на турски јазик наречен испинџе.

Од статистичките податоци на дефтерите како глави на домаќинствата во споменатите пописни години во Градешница се регистрирани следните лица:

Поп Димитрија, Стојо Дојчин, Богдан Пејо, Ѓуро Пејо, Велче Стојо, Петко Маниќ, Пејо Волче, Пејо Јован, Атанас Калуѓер, Пејо Ѓуро, Дојчин Ѓорго, Стојко Танко, Димитри Богдан, Илија Пејо, Велјан Миле, Драган Диниќ, Митко Драго, Димитар Петко, Атанас Јован, Петко Никола, Пејо Волче, Димитар Иве, Гордан Николе, Столе Брајан, Јован Димитрија, Стојко Димко, Велче Петко, Митко Волче, Петко Диниќ, Грујо Петко.

Пописните турски власти неженетите лица ги регистрирале и оданочувале посебно, а такви во село Градешница се спомнуваат следните селани:

Димитри Митко, Стојан Драе, Дојчин Димитри, Димитар Рајчин, Велко Ѓуро, Јован Пејо, Јован Митко, Радосалв Пејо, Рале Столе, Бојко Добре, Богдан Пејо, Пројко Димитри, Новак Мано, Петко Пејо, Пејо Цветко, Јован Пејо, Пејо Димитри, Баливер Паливер, Цветко Ѓуро и други.

Како што се гледа турските пописни власти, презимињата на селаните ги пишувале без наставки, ски, ов, како на пример Пејовски или Пејов.

За одбележување е да се спомене турските даночни власти данок од селаните наплатувале и за окосена треба, данок за направена свадба, данок за заклана свиња за Божиќ, данок за секоја овошка и друго.

Според пописните дефтери бр. 4 на страна 121 од 1467/8 година се споменува и селото Лешница, кое во тоа време постоело крај реката Лешница – притока на Бела Река, а потоа и на Црна Река во Мариовската котлина.

Од селото Лешница се споменуваат следните лица во пописот: Младен Димитри, Димитри Јован, Богдан Марко, Петко Богдан, Јован Богдан, Стојко Преслица, Пејо Стојко – како глави

на домаќинствата. Неженети – Тоде Стојко, Јован Грнчар Летко Димка.

Вкупно данок во споменатата пописна година, селото Лешница платило 577 акчиња. Според легендата (како што е напред споменато) населението од ова село се преселило на местото на денешна Градешница, а кога тоа се случило, не постојат податоци, односно, не постојат податоци кога исчезнало селото Лешница.

Според пописните дефтери на турската власт од 1568/69 година се констатира дека селаните од село Градешница имаат дадено вкупно 7021 акчиња данок 2

Bo XV и XVI век годишниот данок што требало старешината на домаќинството да го плати за феудалецот изнесувал 25 акчиња. Неженетите и вдовиците, исто така, биле должни да плаќаат годишен данок од 25 акчиња. Сиромасите плаќале годишно по 6 акчиња данок. Во втората половина на XVI и XVII век данокот што го плаќале селаните за феудалците се зголемувал на 350 акчиња. Овој данок е познат по своето име “Џизие”.

Во Градешница денеска постојат околу стотина презимиња односно прекари како што се: Пенукови, Дојошеви, Кокошови, Пушински, Комарови, Романови, Смилкови, Богојови, Ширкови, Мемови, Паргови, Дамчеви, Зулумови, Бржеви, Шумкови, Бур-назови, Бандеви, Сребринови, Дамјанови, Смилкови, Славеви, Долевачеви, Мачкарови, Смилевци, Чачеви, Кралеви, Марковци, Кочкови, Поп Најдови, Петревци, Рушиткови, Паланзови, Чаушеви, Момокови, Каревци, Веловци, Ковачите. Сите тие се долномаалци.

Во Горно Маало спаѓаат домаќинствата: Секуловци, Ѓуровци, Сунчеви, Куртовци, Самарџиовци, Клоштевци, Биџовци, Пашковци, Сабовци, Чавдаровци, Белејковци, Сиќиовци, Гулевци, Вржалковци, Босеовци (Пунини и Маџаровци), Роглеваци, Маврев-ци, Бурлиовци, Мојанчевци, Ѓоковци, Панџуровци, Муневци, Бојковци, Ѕулковци, Гуцеви, Лавурови, Крвачеви, Змејкови, Гркови, Судиови, Баснарови, Тапанџиовци и други.

 

2    Историја на македонскиот народ том VI, книга II

 

Во Габер (средно) маало спаѓаат домаќинствата: Пластови, Кочови, Репеви, Илови, Шипинкарови, Менчеви, Манџукови, Ѓезвеви и други.

Co зголемување на лицата во домаќинствата и нивното раселување во прекуокеанските, европските и градовите во Република Македонија многу млади – новоформирани домаќинства и ден-денес го носат своето вековно презиме т.е. надимок. Неколку семејства од родот Кралевци има населено во Австралија. Потоа Трпчевци, Мачкарови, исто така, се населени во Австралија.

Од родот Босеовци, Џунџуровци и други има во градот Торонто Канада. Миовци во Шведска. Многу градевци се населени во Битола, Скопје, Прилеп и други градови во Република Македонија, кои исто така, си ги зачуваа своите прадедовски прекари се до денешен ден.

 

Буни против самоволието на турските локални власти
Поради се понеподносливите егзистенционални услови на живеење во рамките на турската империја, кои се изразувале во големите даночни и други давачки на турските феудалци и турската држава, есента 1564 година мариовските селани дигнале буна, која требало да ги исплатат давачките од својата добиена летнина.

Некои истражувачи Мариовската буна против турската империја ја сметаат како прва од таков вид на Балканскиот Полуостров.

 

Според изворните турски документи, водачи на бунтот биле Димитри Сталев од селото Сатока, Поп Димитри од с. Градешница, Матјо Никола од с. Бешиште, Стојан Пејо и попот Јаков од с. Старавина.

Мариовското население се побунило заедно со граѓанството од Прилеп, бидејќи и едните и другите се наоѓале во лоша економска состојба. Мариово и Прилеп биле во состав на хаос со кој управувал везирот Мустафа-Паша. Тој со своите потчинети службеници ги пљачкосувал мариовци, на кој им се придружиле и голем број граѓани од Прилеп, се собрале пред судот во Прилеп да протестираат против локалните власти на чело со Мустафа-Паша. Пред судот протестирале околу 1000 лица го обвинувале Мустафа-Паша дека им земал разни даночни давачки и им изрекувал казни спротивни на шеријатот, односно, законот. За тоа бил известен и султанскиот двор во Цариград. Меѓутоа, Мустафа-Паша го одбил тврдењето на Мариовци, тврдејќи дека тие му го немаат платено данокот за две години. По тој повод, султанот издал наредба, кадијата да го испита случајот, да ги фати и уапси водачите на бунтот и за тоа да ја извести Портата.

Селаните, мариовци, по бунтот се повлекле во Мариово и решиле да се борат, за ни една турска нога да не стапне во Мариово. Прилепскиот кадија испратил потера да се фатат водачите на бунтовниците. Потерата на чело со Сула Ага била ликвидирана од бунтовниците при преминот на Чебренскиот Мост на Црна Река. Според легендата, која се пренесува од колено на колено, во Градешница и други мариовски села, кон Мариово тргнала многубројна турска војска, бунтовниците се повлекле и се утврдиле во римската тврдина “Пешта” која се наоѓала недалеку од с. Градешница.

Според легендата, бунтовниците се бореле се додека, турската војска не успеала да го открие и прекине каналот со вода што, во тврдината била доведена од чешмата Брен. Некои од бунтовниците загинале, други се фатени живи и се одведени во Прилеп кај кадијата на судење. Турците го задушиле востанието во крв. Мариовската буна во 1564 година, според некои научници, значеше и претставуваше претходница на поорганизираните буни и востанија на другите балкански народи.

При загушувањето на буната, многу мариовски села, меѓу кои, Сатока, Пештани, Градешница, настрадале, но пак се обновени.

Градевци и другите селани на Мариово и во XVI и XVII век давале отпори против разни турски собирачи на даноци за државните намети и турските феудалци. Тие отпори се појавувале во форма на организиран дружини од по 20 – 30 луѓе, наречени ајдутски дружини. Овие дружини имале поддршка од сите мариовски селани. Меѓу ајдутските дружини имало и свештени лица, кои се бореле и против исламизација на селата во Битолско и Прилепско.

Во такви околности избива Втората мариовска буна во 1688/89 година, која имала помали размери од претходната. Тоа е време кога со Мариовскиот хас (општина) управувал Мехмед-Паша. Тој се жалел до Високата порта, дека мариовската раја и натаму се бунтува, а доста мариовци се одметнале во ајдуци. Горделивиот и слободољубивиот народ на Мариово со својот постојан бунтовен дух, му служел како пример на поробеното македонско население од другите подрачја на Македонија, па и на Балканот. Bo тоа се состои и значењето на овие две мариовски буни во XVI и XVVII век.

Подоцна почнуваат да пламнуваат во Србија, Црна Гора, Бугарија, Грција. Во споменатите балкански земји се создаваа млади кнежевства.

Поорганизираните буни се повеќе се ширеа во повеќе подрачја и во Македонија, a со својот бунтовен дух не мируваше и Мариово.

За одбележување е да се спомене што, според пишаните историски документи, царскиот бунтовник Мустафа-Паша Шкодраниот е совладан во борбата кај Прилеп во 1834 година. Само три години подоцна конечно е укината дотогашната ,,земска” автономија на Мариово. Co тоа Мариово, воедно и Градешница, во политички поглед, биле изедначени со другите поробени краишта на Македонија. Значи, ферманот што Мурат I го напишал и ја овластил убавата Мара-Тамар Мара да управува со Мариово е укинат.

Од легендата се дознава дека убавата Мара, додека управувала со Мариово, го изградила и Чебренскиот манастир -Св. Димитрија, кој се наоѓа ви Мариовската клисура кај реката Црна.

Некои српски историчари пак од друга страна тврдат дека со Мариово управувала властелинката Косара, сестра на кралот Волкашин.

Градешница вo XIX век
Во почетокот на XIX век економската положба на турската империја се карактеризира со распаѓање на спахискиот систем, a се формира чифлигарството.

Градешница кон крајот на XVIII век и почетокот на XIX век почнала да се зголемува бројчено. He само поради својот прираст, туку во селото се населувале и домаќинства од некои соседни села Бешиште, Старавина, Будимерци и други мариовски села. Селото се ширело по течението на Градешка река. Градешница па и целото подрачје на Мариово е познато по својата богата сточарска дејност.

Во борба против грчките востаници во 1821 година, покрај турскиот аскер, учество зеле и Арнаути. При враќањето од Грција, турскиот аскер и Арнаутите минувале и низ Мариово, при тоа вршеле пљачкосување на стоката и другите селски имоти. Се создавале турско-арнатуски банди, кои го напаѓале христијанско-македонското население низ Мариовско, Битолско, Прилепско и други места низ Македонија. Селаните од некои планински села од раштркан тип, токму поради пљачкосувањето, биле приморани да ги напуштаат своите орништа и да се населуваат во поголеми групирани селски населби, за да имаат поголема заштита од нападите на бандите.

Поради историските пишани документи, некој си дедо Боше од Мариово со свои другари станал ајдутин и го заштитувал мариовското население од турско – арнаутските банди, од разните турски луѓе, кои собирале голем данок и “ќесум”.

Bo XIX век Султанот проповедал и вршел султански форми, при тоа настануваат и големи противречности во турската империја.

За време владеењето на големиот везир Рушид-Паша населението во Мариово, Битолско и Прилепско почнало послободно да дише. Во тоа време привидно се смирени пљачкосувањата на населението од разните качаци, бегови, аги и други турски моќници. Во Градешница, па и во други мариовски

села, некои селани почнуваат да си купуваат земја, а новиот султан Абдул Меџит (1839-1861) со новите реформи и закони им ја гарантирал сопственоста. Во Градешница немало беговска земја, па ниту стапнала беговска нога. Градевци, кои имале повеќе земја, ја продавале и отуѓувале. Продажбата и купувањето на ниви, ливади, градини, пасишта и други имоти се вршело со турски лири. Почнало селаните да се диференцираат со побогати и посиромашни, како што тој процес се развивал и во други населени места.

Во Долно Маало на Градешница со купување на земјишни површини и проширување на своите имоти се истакнуваат домаќинствата Дојошеви, Пенукови, Мемови, Кралеви, Налеви, Рушиткови, Паланзови. Во Горно Маало – Чавдариви, Гулеви, Белејкови, Босеови, Баснарови, Мавреви, Мојанчеви, Бурлиови.

Стариот патријархален живот почнал да се менува и во Градешница. Поради подобрените општествени, економски и природни подобности, и во Градешница почнал да се менува и подобрува начинот на живеење. Наместо појати или колиби, во селото почнале да се градат куќи од тврд материјал – камен и дрво. Куќите се градени од приземје, каде се чува добитокот и кат од две-три соби за живеење на луѓето. Некои од куќите имаат чардаци.

Покрај ваквиот тип куќи, се наоѓаат и дворови со огради со помали објекти како племна, фурна за печење леб, кочина за свињи, амбар за жито и други помошни простории. При градење на мариовските куќи, а тоа е изразено и во с. Градешница, влијание извршила природата, која е богата со камен и планини со борова, букова и дабова шума. При изградба на семејни куќи, градевци меѓу себе солидарно си помагаат при пренесување на градежен материјал од планината – греди, камења и друго. Куќите се покривани со камени плочи, слама, а подоцна и со метални ламарини и ќерамиди.

сл 06 Градешка куќа со чардак

сл 08 Црквата св. Димитрија


Bo XIX век, особено во неговата втора половина, во Градешница поинтензивно почнува да се обновуваат некои цркви, а тоа го дозволувал и новиот Хатишериф на султанот Меџит. Тогаш е обновена и црквата “Св. Никола”. Над вратата од задната страна пишува, дека таа е возобновена 1863 год. За време на првата светска војна црквата е наполно срушена, кога се разурнати и сите куќи во Градешница. Црквата со цврст материјал повторно е изградена 1923 година, а оживописана е 1927 година од иконописецот Коста Николиќ со синовите Јаким и Тодосија, родени во с. Лазарополе. Според податоците, црквата е осветена истата година од епископот на Битолската епархија г. Јосиф.

Една од најстарите цркви во Градешница е црквата “Св. Димитрија”, која се смета дека датира од времето на Цар Душан, кога и Мариово со с. Градешница биле под негова власт. Над вратата на западната страна на црквата пишува: “За здравље Крсте Влучевиќ и успомен”. Годината на нејзината изградба е избришана од забот на времето, односно е нечитливо. Црквата е градена од камен и малтер, a е покриена со камени плочи. За време Првата светска војна една артилериска граната преку покривот паднала во црквата, но не експлодирала.

Други помали црквички во околината на селото се “Св. Антонија”, Св. Спас”, “Св. Илија” во месноста Брен, “Св. Атанас” во месноста Атанасица, “Св. Ѓорѓија”, “Св. Андрија”, “Св. Врач” и други.

Во црквата “Св. Никола”, каде Градевци ги извршуваат сите христијански обичаи, се чуваат неколку стари црковни книги уште од XIX век. Книгата “Часлав” е пишувана на грчки јазик. Книгата “Различно поучение” е пишувана на старословенски јазик и датира од 1894 година.

Според свештеникот Илија Лажовски, една од книгите со нечитлив ракопис, датира од пред 350 години.

И во другите села во Мариово имало цркви, кои биле подигнати уште за време на турското владеење, но од сите овие најпознат и најбогат бил манастирот Чебрен со црквата “Св. Димитрија”. Во своја сопственост манастирот имал воденици со 12 воденички камења, многу стока, како што се овци, кози, крупен добиток. Потоа, ниви, ливади, големи површини со шуми и пасишта. Од пишаните документи се дознава дека манастирот во XIX век имал и свое ќелијно училиште на старословенски јазик. Во ова училиште се подготвувале свештеници и учители за другите мариовски села, меѓу кои е и с. Градешница. По создавањето на младото кнежевство во Грција, односно во 1870 година, манастирот потпаднал под јуриздикција на грчката патријаршија. И црквите во селата Градешница, Старавина, Зовиќ, Будимерци и Груништа потпаднале под грчката патријаршија. Грчката патријаршија трошела големи финансиски средства за ширење на својата пропаганда и меѓу населението од споменатите мариовски села. Културно – просветното влијание врз овие села грчката пропаганда го имала од втората половина на XIX век па речиси се до Првата балканска војна. Од кажувањето на постарите Градевци, пример Илија Гуцев, Стојко Бојковски, Јован Босеовски и други, и во градешката црква “Св. Никола” постоело ќелијно училиште, каде наставата се изведувала на грчки јазик уште во втората половина на XIX век. Наставата се изведувала во тремот на црквата. Учениците си носеле столчиња од дома, а пишувањето на тетратки со молив го вршеле на колена.

Co свое црковно училиште од 1892 година располагало и селото Полчишта. Од пишаните податоци се дознава дека и селото Витолишта располагало со две цркви и две училишта од 1829 година.

Меѓутоа, во повеќето мариовски села во XIX век во Мариово имало само двајца жители со завршено средно образование -гимназија и богословија во Солун и Скопје.

Во ќелијното училиште при црквата “Св. Никола” во с. Градешница настава посетувале деца на поимотни селани. Поради патријархалното сфаќање, било апсурд женско дете да се испраќа да посетува основно ќелијно училиште.

Главното занимање на населението во село Градешница во XIX век е земјоделието и сточарството. Своите земјоделски и сточарски производи градевци ги пласираат претежно на пазарот во Битола, каде географски и гравитира ова село. Но, своите производи не ретко градевци ги пласираат и на пазарот во Прилеп. Co оглед дека Македонија беше под турска империја и се уште не беше разделена од кралствата на Србија, Бугарија и Грција, градевци своите земјоделски и сточарски производи ги продаваат и во градовите Воден и Саботско – Егејска Македонија.

Изградбата на железничката пруга Белград – Скопје – Солун во 1873 – 1888 година, добредојде и за мариовското подрачје, па и за селаните од Градешница. Бидејќи и градевци чуваат големи склада овци и кози, јагнињата и јарињата, преку разни трговци од Тиквеш, Битола и Прилеп, преку железничката линија, што минува низ повардарието, споменатите јагниња, јариња и другата жива стока е пласирана на пазарот во Солун и други градови во Османлиската империја.

Во втората половина на XIX век и во Градешница, како дел на Мариово, почнуваат да се појавуваат првите никулци на национално – ослободително движење за ослободување на македонскиот народ од петвековното турско ропство. Културната и националната преродба ќе биде попречувана, при што под тоа влијание се изложени некои селани и од Градешница.

Конечно, на 23 октомври 1893 година во Солун е создадена револуционерната организација – ВМРО во состав: Д-р Христо Татарчев – лекар од Ресен, Даме Груев – професор од С. Смилево, Иван Хаџи Николов – книжар од Солун, Петар Поп Арсов -професор од Богомила, Андон Димитров – учител од солунско и Христо Батанџиев – професор од Гуменџе, Ениџе Вардарско.

Co општо прифатливите принципи на Организацијата за национално ослободување на македонскиот народ од турското ропство и страните балкански пропаганди, преку Илинден, и населението од Градешница ги дочека Балканските војни и Првата светска војна.

Никнување на колиби и трла по земјоделските имоти
Почетокот на XX век владее клима за подобро општествено – политичка и револуционерна, потоа стопанска и културна работа.

Се создадени услови за зголемување на земјишниот и сточарскиот фонд и кај населението во Градешница. Co дребните ѕевгари и дрвените рала, вредните градевци ќе почнат да освојуваат нови обработливи површини, ледини кои дотогаш не биле обработуван. Житните култури, како што се пченица и јачмен, се сееле по рамничарските ниви, додека по ридските ниви се сеело р’ж и овес. Покрај речните корита на Градешка Река и Лешница се одгледувало градинарски култури, пченка, потоа ливади за прибирање на село за стоката и друго.

При крајот на XIX век и почетокот на XX век по нивите градевци почнале да градат колиби и трла, каде се чувале овците, козите, говедата и другиот добиток. Co арско ѓубре од стоката се ѓубрени нивите, при тоа се добивало поголеми жетвени приходи. Колибите и трлата како печурки никнувале во месностите Блаци, крај реката Лешница, Караџов Дол, Поројот, Стипта, Чавки, Бунарот , Козарникот, Бајчеви Круши, Ветрушка, Орничето и други.

По пасиштата одекнувале клопотарци, ѕвонци, лаежи на овчарски пси, довикување на овчарите. Според некои податоци, градевци имале 2047 хектари земја за испаша на стоката и 123 хектари ливади за сено за зимска исхрана на овците, козите и другата стока. Од рана пролет па до доцна есен житотот на градевци уште порељефно и ритмички се чувствувало по колибите и нивите отколку во селото. Речиси колку куќи што постоеле во селото, толку колиби и трла постоеле по нивните. Co други зборови, колибите со трлата станале како села од разбиен тип.

Поактивни сточарски семејства во првата половина на XIX век се сметаат: Дојошеви, Славеви, Марковци, Кралевци, Рушиткови, Биџови, Белејкови, Сиќиови, Гулеви, Мавреви, Босеови (Пунини и Маџарови се исти род со Босеови) Џанџурови, Баснарови, Ѓокови, Гуцеви, Гркови и други. Некои семејства имале од 100 до 300 грла овци и кози од 20 до 30 грла говеда и коњи. Се смета дека во Градешница во XX век (во почетокот на XX век) имало над 10 000 грла овци и кози, над 1000 грла крупен добиток. Речиси секое домаќинство во дворот на куќата чувало кокошки, свињи и други домашни животни. Секое домаќинство имало од 1 до 3-4 товарни грла добиток.

Во Градешница живееле семејството Налевци, кое имало две воденици, трговски дуќан, преку кој градевци се снабдуваат со разновидна индустриска стока, во планината Уруп имале бичкии за бичење на трупци, а ова семејство располагало и со други имоти. Индустриската стока за дуќанот се набавувала од Битола, Прилеп, Солун и други центри во Македонија. Стоката од Битола до Градешница се пренесувала со кираџиски коњи, познати како каравани.

За поголем стопански развој, одговарало домаќинствата да живеат здружено во поголема тајфа, бидејќи некои требало да ја обработуваат земјата, други да ја чуваат стоката на трлата итн. Најстариот маж во домаќинството важел како старешина на куќата. Тој давал распоред на секојдневната работа на членовите во семејството, тој ја чувал и касата со парите, тој купувал стока за домашните потреби, продавал од живата стока, вршел и други значајни работи за унапредување на домаќинството. Во почетокот на овој век некои домаќинства во Градешница броеле по 20 и повеќе членови. Делењето на браќата во семејствата како поцивилизирана и попрактична форма на живеење, се појавува во Градешница и во некои други мариовски села во периодот меѓу двете светски војни. Некои браќа и по разделбата на заедничко стекнатиот имот, пак меѓусебно си помагале при чување на стоката и обработката на земјата.

Според една публикувана статистика на бројот на населението по години во селата, кои гравитираат кон Битола, изгледа вака:

СЕЛА

БРОЈ НА ЖИТЕЛИ ПО ГОДИНИ

 

 

 

1900

1948

1953

1961

1971

1981

Градешница

1170

1013

1085

1019

770

688

Будимерци

618

530

520

521

396

188

Брник

220

365

228

215

122

30

Груниште

240

240

264

225

84

26

Зовиќ

420

338

356

388

317

151

Ивени

160

145

321

316

168

41

Маково

286

409

455

515

390

320

Орле

102

189

224

226

206

87

Рапеш

388

387

428

477

427

309

Старавина

500

666

741

657

405

227

 

Од напред изложените податоци, може да се констатира дека од десетте споменати села и евидентирани жители во нив, селото Градешница по бројот на жители е најголемо. Од 1900 до 1961 година ова село имало над 1000 жители. Од споменатата 1961 година во Градешница, поради миграцијата и емиграција, населението, како и во многу други македонски села, постојано се намалува.

Од селата кои се наоѓаат на десната страна на реката Црна, односно старо Мариово од Градешница само селото Витолиште е поголемо. Ова село во 1900 година броело 1225 жители, во 1948 – 1091, 1953 – 1343, 1961 – 1291, 1971 – 1110, 1981 – 664 жители. Значи бројот на населението и во ова село е во опаѓање. Во турско време, извесен период Витолиште било седиште на уќумат, односно седиште на Мариовска општина.

Вo виорот нa илинденското востание
На Конгресот на ЦК на ВМРО што се одржал во месец јануари 1903 година во Солун е решено за кревање на востание против османлиската империја.

Против одлуката на Конгресот реагирал Гоце Делчев, бидејќи македонскиот народ не бил подготвен за кревање на едно масовно вооружено востание, а особено немало доволно оружје за вооружување на востаничките чети.

Од 2 – 7 мај 1903 година во с. Смилево – родно место на Даме Груев се одржал Смилевскиот конгрес на Битолскиот револуционерен округ. И на овој конгрес, со кој раководел Даме Груев; било донесено решение за кревање на востание, иако некои војводи и делегати, како Ѓорѓи Сугарев, Петар Ацев, Никола Петров – Русински и други биле против кревање на предвремено востание, поради неговите слаби подготовки. За кревање на масовно вооружано востание немало доволно оружје, храна, облека, доста од населението сеуште е во длабок сон на пет-вековното турско ропство, односно, несознаен и непросветено. Но, одлуките на двата конгреса требало да се почитуваат. Во Битолската револуционерна област трескавично почнале подготовките за кревање на востанието закажано за 2 август 1903 година. За жал, на 4 мај истата година, кај селото Баница во судир со турскиот аскер загинал Гоце Делчев, една од најмаркантните фигури на македонското национално-ослободително движење.

И селото Градешница, како дел на Шриово и Битолскиот револуционерен круг, не било надвор од настаните на Илинденската епопеја. Одејќи на пазар во Битола, многу градевци како и други селани од битолските села, дознаваат дека се подготвува востание. Селаните си купуваа газија, кибрити, сол и други намирници неопходни за домаќинството за подолго време. Секој селанец гледал што повеќе да си сомеле брашно за семејството, да се прехрани за време на востаничките денови. Некои градевци се снабдуваат и со пушки и муниција преку врските кои доаѓаат од Воден, Саботско и други места на Егејска Македонија. Пушките “Гра” се продаваат преку разни тајни канали. Некои селани се снабдуваат со пушки “Мартинки”.

Од прилепскиот војвода Петар Ацев, во војводата Толе Паша бил претходно заколнат и примен во Организацијата на ВМРО. За време на подготовките на Илинденското востание, вој-водата Петар Ацев го назначил, од името на Организацијата Толе Паша за мариовски војвода, а за секретар на четата е назначен четникот Крсте Гермов – Шаќир.

Од пишаните документи се дознава дека од името на Организацијата за раководител и војвода за време на Илинденското востание во село Градешница е именуван селанецот Митре Гулев. Војводата Толе Паша, селото Градешница го има прогласено како своја “тврдина”, бидејќи ова село е најблиску до мариовските планини Ниџе, Кравица, Козјак и други, кои претставуваат заштитници на востаниците.

Една вечер четата на Толе Паша ја напуштила Градешница и минувајќи преку селата Бешиште и Полчиште, за време на Илинденското востание го напаѓа турскиот уќумат во с. Витолиште, за да ги избрка Турците од Мариово. Но, бидејќи уќуматот бил добро бранет од турските мулазими, по борбата во која загинале неколку заптии, четата на Толе паша пак се повлекла во градешките планини.

За крвавата борба што се случила за време на Илинденското востание кај мариовското село Чаниште, во своите “Спомени” Ѓорче Петров, меѓу другото, го подвлекува и следното: “Од Софија до Ќустендил стигнав со пајтон заедно со резервниот поручник Лика Иванов, кој загина за време на Илинденското востание кај Воден. Co нас беше и Црногорецот Јово Јовановиќ. Преминот на бугарско – турската граница беше тежок и напорен. Патувањето и преминот преку Вардар исто така беше и напорно, при деноноќно патување и напади од турскиот аскер. Бев решен да загинам, но тоа да биде на теренот на Битолскиот револуционерен округ. Од Велес продолживме да се движиме со четата на Петре Ацев. Во Прилепско стигнавме околу 10 август 1903 година”.

Четата на Ѓорче Петров броел околу 45 души. Неговата чета се упатила кон мариовскиот револуционерен реон. Кај селото Чаниште се сретнува со костурската чета на војводата Лазо Поп Трајков и Иван Попов, во јачина од 130 востаници. Во своите “Спомени” (стр. 198-199) натаму Ѓорче Петров пишува:

“На Чанишка Чука не нападна аскерот. Водевме цел ден борба. Ако не беше стражата и ако не беа добри распоредите на Јово Јовановиќ, не ќе можевме да се извлечеме. Имавме 20 малихерки, 14 мавзерки, другите беа грчки пушки. Циле Кономладински -брз војвода со 20 момчиња речиси на јуриш ја зазеде чуката и ја испретече турската војска. Нападите на Турците беа силни и до пладнето сите ги убивме. Во тоа време од сите страни се спушти нова војска од 4-5000 души. Куршумите ни свиреа околу главите. Турците имаа план да не опколат, а потоа со штикови да се нафрлат врз нас…

На смрачување си зедовме збогум и со ура се повлековме и незабележано ја прегазивме Црна. Бевме капнати и гладни. И фишеците ни беа привршени. Co нас носевме 7-8 ранети, меѓу кои војводата Лазар Поп Трајков од костурската чета и Црногорецот Јово Јовановиќ – ранет во окото. На чуката останавме 4 убиени и 2 пред тоа. Среќа имавме што аскерот не тргна по нас. После разбравме од селаните, дека Турците имале околу 200 загинати и во нивите ги закопале. Ранетите ги пренеле во болница. Од кај селото Градешница стигнавме во мариовските планини. Таму се сретнавме со четата на Толе Паша. Пристигна вест, дека аскерот стигнал по селата. Се упативме на врвот Ниџе. Неочекувано таму, истата вечер, со 14-15 души востаници пристигнал и Борис Серафов од кај Костурско. Сарифов ни соопшти за решението на Главниот штаб на востанието, да се растурат четите, зошто востанието е пропаднато, така барем да се спаси оружјето, а имало надеж и за амнестија. He го одобрив расформирањето на четите. Уште истата вечер, кога Сарафов замина за Бугарија, неколку илјадна турска војска со синџир ја претресе Мариовската планина. Четата мачно се криеше во планината. Толе Паша ми советуваше и јас да заминам за Бугарија, бидејќи не можеше добро да се крие кога сум со него, а не сака и да не загинам во неговата чета. Од Ниџе се повлекоа и костурчани заедно со војводите Попов и Циле Кономладински, кој загинал на 4-от ден од нашата разделба…”

Понатаму Ѓорче Петров настанот мошне сликовито вака го опишува:

“На Ниџе, со надморска височина над 2000 метри, останавме се до повлекувањето на аскерот. Без да чекам ни еден ден, слегнав во селото Градешница, доверувајќи им се на Митре Гулев и Стале Босеов. Ги соблеков комитските алишта, облеков селски. Двогледот, револверот, камата и пушката ги доверив кај двајцата селани. После Толе Паша ја облекол мојата комитска облека и зел се друго. Другото лето го убија во моите алишта. Потоа, Турците моите алишта ги продале на ат-пазар во Битола. Алиштата ги купил некој мој пријател и мислам, дека уште ги чува.

Co своите нови селски алишта, со две магариња товарени со штици, со други пазарџии од Градешница тргнав за Битола. По патот на три места не претресуваше аскерот, но војниците не можеа да ме препознаат. Селаните – градевци што беа со мене и ме знаеа кој сум, но ништо не кажаа (Ѓорче Петров во Градешница ја избричи и брадата). Во Битола се сместив кај баба Фанија Аџи Велкова. Се ставив на располагање на Окружниот комитет (Лозанчев, Христов и Ацо Доров), но тој не ме прифати. Окружниот комитет за посигурно ми советуваше да заминам за Прилеп, и тоа го сторив. Потоа заминав за Бугарија…”

Ѓорче Петров, сред бел ден 1924 година на една улица во Софија беше убиен по директива на велико – бугарските врховисти.

Неколку илјадниот турски аскер при потерата по востаниците во Градешница, Старавина, Будимерци, Груништа и други мариовски села правеа палежи по куќите. На турските војници се што ќе им дојдело до рака пљачкосувале, силуваа и секој кој ќе се спротивставел на населението бил убиван на лице место.4

(4 Според сеќавањата на Илија Гуцев од Градешница (сега покоен). Сеќавањата се земени 1958 година.)

По повлекување на турската војска од Мариово, во мариовските планини и села останала да дава отпор на турското ропство само четата на војводата Толе Паша. Тој и по Илинден не сакал да замине за Бугарија, туку останал во Мариово, да ја дели судбината со својот напатен народ.

Како што е познато, на 12 август 1903 година отпочнала турската офанзива врз Крушево. По неколку часовната жестока борба меѓу востаниците и аскерот, одбраната на Крушево е разбиена и во попладневните часови турската војска пак го зазема Крушево.

Крушевскиот востанички штаб дури по изгубената борба констатира дека не е дигнато општо востание во сите востанички реони во Битолскиот револуционерен округ, па и надвор од него во цела Македонија, што се причина за неуспехот на истото. Значи, востанието не било добро подготвено, да тоа пламне во сите револуционерни реони на Македонија, а на тоа со право укажал Гоце Делчев и некои други македонски ајдуци и војводи.

Во текот на Илинденското востание од август до октомври 1903 година, колку што тоа траело, од пишани извори се дознава дека се одиграле околу 200 позначајни борби и акции, меѓу востаниците и турската војска. Исто така, се случиле околу 150 диверзантски саботажи. И борбите и саботажите претежно се одиграле во Битолскиот револуционерен округ, во кој спаѓа и Мариовскиот револуционерен реон. 5

(5 Прилози за Илинден V од 1983 година. Прилог – Петар Пепељуговски.)

Откако турското раководство констатирало дека востанието и востаничките дејства со поголеми размери се во Битолскиот вилает, турската команда одлучува 3-та Турска армија со поголеми воени ефективи да го угуши востанието на тој простор. Во борбите зеле учество пешадиски, коњички и артилериски единици на Турската армија, вклучувајќи го и турскиот башибозук.

Човечките и материјалните загуби за време Илинденското востание во Градешница па и други мариовски села многу слабо досега се проучувани, а веројатно тоа се должи и поради оддалеченоста на овој револуционерен реон од Битола, Прилеп и другите градски центри. Човечките и материјалните загуби во овој реон не се проучувани и по илинденското востание па речиси се до завршувањето на Првата светска војна.

Ѓорче Петров во своите “Спомени” споменува доста интересни настани бидејќи со својата чета од 45 души за време на илинденското востание се борел во мариовскиот револуционерен реон. Тој споменува дека се сретнал на планината Ниџе и со мариовскиот војвода Толе Паша и неговата чета, која броела околу 20 востаници, кои биле претежно од мариовските села. He постојат податоци дали во Толевата чета имало востаници и од селото Градешница, кое било главната “тврдина” на Толета. Ѓорче Петров ги посочува само селаните – градевци Митре Гулев и Стале Босеов, на кои по пропаѓањето на востанието им се доверува и со нивна помош востаничката ја заменил со селска-мариовска облека и како пазарџија жив и здрав се вратил во Битола, без да биде откриен од турската власт.

Највлијателни селани за време на Илинденското востание се спомнуваат Митре Гулев, Илија Гуцев, Стале Босеов и други, но статистички податоци за тоа нема. Велко Велков е познато дека бил директен учесник во Илинденското востание. Овој Градешец, додека беше жив примаше илинденска пензија. Поради неинформираност и непознавање на прописите, доста селани директни или индиректни учесници во Илинденското востание по ослободувањето не знаеја да ги искористат своите права, што произлегувале од прописите сврзани со Илинденското востание од 1903 година.

Толе Паша значајна револуционерно – историска фигура
Во многу населени места во Македонија, од средините на народот излегуваат самородени револуционери и војводи, кои се издигнуваат во свеста на народот, за кој тој испеал и песни.

Една таква револуционерно-историска фигура е и мариовскиот војвода Толе Паша, заштитник на сиромасите, прогонувач на турските угнетувачи и бегови во мариовско. Толе Куликов е роден во мариовското село Крушевица. Кога пораснал, станал слуга на еден беговски имот. Толе Куликов бил неписмен, но по душа мошне правичен. He можел да ги трпи неправдите и тортурите што беговите и газдите ги наметнуваат над рајата. Толе станал ајдутин и ликвидирал неколку Турци. Пленот што го пленувал од беговите и газдите, го разделувал на сиромасите.

Притиснат од турските потери, Толе ја минал Црна Река и се префрлил во селата на Старо Мариово – Зовиќ, Старавина, Груништа, Будимерци, Градешница, Бешишта и други. Толе формира своја вооружена чета, која станала страв и трепет за Турците, при прибирање на даноци и други давачки за турската власт. Во четата на Толе Паша се приклучил и Трајко Брниклијата, кој се до смртта му останал верен другар и соработник на Толета. Кога се создала Организацијата на ВМРО и почнала да се шири нејзината мрежа низ цела Македонија, преку околискиот прилепски војвода Петре Ацев бил заколнат и примен во Организацијата и Толе Паша. Тој се обврзал дека ќе го почитува Уставот (Статутот) на Организациајта. Толевото име прераснува во легенда. Тој е по планината, раскрсниците, секаде во Мариово. Легендата зборува, дека Толевото тело куршум не го пробива. Во борбата против беговите си го издигнал името во Толе Паша, бидејќи по цело Мариово се распоредувал како турски паша. Толе Паша ковал план да ја турне турската власт во Мариово па и во цела Македонија.

Селото Градешница, поради неговата местоположба станало “тврдина” за четата на Толе Паша. Градевци се грижеле за четата и предупредувале при наближување на турските потери, а за тоа, во една пригода, старецот Илија Гуцев (сега покоен) ни рече:

– Во Горно Маало на Градешница, односно, во куќата на Бурлијата, беше сместена на вечера четата на Толе Паша. Во тоа време во Долно Маало на коњи пристигнаа 50 души турски аскер. Митре Гулев – селски годишен коџобашија, ги смести Турците и на комитите им приредивме богата вечера со пијачка и не дозволивме да дојде до судир меѓу нив за да не настрада селото. Во придружба на вечерата, со аскерот беше коџобашијата Гулев, а од името на Организацијата со комитите на вечера беше Илија Гуцев. Следното утро турските војници заминаа за Витолишта, без да знаат дека истата ноќ во Градешница преноќевала и четата на војводата Толе Паша. Истото утро и четата на Толе Паша се повлекла кон Налевите Бичкии во планината Уруп. Толе Паша, на вечера доаѓаше и кај Митре Гулев, Илија Гуцев, Стале Босеов и други градевци. Во селото Старавина навраќаше кај семејството Сивеви. Кога некој селанец од мариовските села ќе се дознаеше дека работи во полза на турците или ќе го прекршеше Уставот на Организацијата, Толе паша се закануваше: “Јас сум ви Паша, јас сум ви кадија, јас сум ви султан”. За војводата Толе Паша народот испеал песна уште пред Илинденското востание, а таа гласа:

Мори, бабо, стара бабо, нешто ќе те питам, право да ми кажеш, бабо, без да ме излажеш.
Кои војводи беа, бабо, у вас на вечера, дали беше Толе Паша или дедо Кољо?
Дал ме питаш, море аго, право ќе ти кажам, право ќе ти кажам, аго, без да те излажам.
Ниту беше Толе Паша ниту дело Кољо, туку беше Гоце Делчев со негова верна дружина.
У нас вечераа, аго и си заминаа, и си заминаа, аго, за Кожув планина.6

(6 – Илинденска епопеја I стр. 85-86 Ангел Динев.)

Оваа песна се смета дека е испеана во 1902 година, во чест на Гоце Делчев, кога тој во есента 1901 година ја посетил и четата на Толе Паша во Прилепско, односно Мариовско и четата на Дедо Кољо во Леринско. Тогаш Гоце Делчев извршил ревизија на сите чети и реони во Македонија.

Меѓутоа во Хуриетот во 1908 година, врховистите тенденциозно во песната место Толе Паша и Дедо Кољо, го споменуваат името на Тодор Александров, a со цел тој да се издигне и се популаризира како делото на Гоце Делчев.

Кога стана катастрофата со илинденското востание, Толе Паша не го напуштил Мариовскиот револуционерен реон, иако како војвода бил поканет да замине во Бугарија. Толе Паша, како Ѓорги Сугарев, Христо Узунов и други војводи, останал во Македонија да ја дели судбината заедно со својот напатен народ.

Во една есенска ноќ 1904 година Толе Паша со својата чета од 11 души ја напуштил Градешница и преку Бешиште и Врпско се задржал во селото Гудјаково. Утрото на 14 октомври истата година, при напуштање на селото, четата на Толе Паша налетала на многубројна турска заседа. Се разврзала четиричасовна крвава борба меѓу аскерот и комитите на Толевата чета. Во оваа борба храбро загинал војводата Толе Паша и речиси целата негова чета. Во борбата загинал и Толевиот син Велјан.

Организацијата се ангажирала да ги пронајде и ликвидира предавниците за смртта на војводата Толе Паша и неговата чета. Во казнување на предавниците се ангажирал и единствениот преживеан четник од Толевата чета. My биле запалена куќата на предавникот од с. Гудјаково. Убиен е и еден шпион од село Вепрчани и уште еден шпион по име Христо од село Будимерци.

Во своите “Спомени” Крсте Гермов – Шаќир, кој за време Илинденското востание бил секретар во Толевата чета, ќе го нарече својот другар Толета “голем, но заборавен”.

Толе Паша минувајќи низ ајдутската етапа, се вклучува во организационо – национално револуционерно движење и директно учествува во епопејата на Илинденското востание. Народниот пеач ќе запее за Толета, уште со неговото заминување во ајдутин:

“He плачи мајко, не жали, мори, не жалај, не рони солзи крвави, мале, крвави, по твои бели образи, мале, образи, оти ќе станам ајдутин, мале, бунтовник. Турчинот не го јаствам, мале, јаствам, Турчин да ми се башари, мале тамбори на татковото јагнишче, мале, јагнишче, на мајконото катиште, мале, катиште, на сестрината постела, мале, постела…”

 

И пo загинувањето на војводата Толе Паша, народниот пејач пак ќе запее:

“Жалете го браќа Толе војводата, кој што загина за нашата слобода…”

Кога на валијата од Битола му соопштиле дека е убиен војводата Толе Паша, турскиот окружен управител не поверувал. За да го уверат, војниците на турската потера му ја пресекле главата и му ја донесле на валијата во неговата канцеларија во Битола. Валијата се згрозил од постапката на своите потчинети и наредил веднаш главата да ја вратат кај телото на Толета.

За жал гробот на овој илинденски војвода денеска е обраснат во жбунови и тревници.

Појава на големобугарскиот, големогрчкиот и големосрпскиот врховизам
Co цел за што повеќе приграбување на туѓи територии, големобугарскиот, големогрчкиот и големосрпскиот врховизам своите освојувачки апетити и корени во Македонија ги имаа пуштено уште пред Илинденското востание, но до полн израз тоа дојде по пропаѓањето на востанието.

Окружниот комитет на ВМРО по пропаѓањето на востанието, им постави за задача на битолските војводи со своите чети гркоманските села во Мариово и другите револуционерни реони да ги превртат во бугарски. Некои членови на Окружниот комитет во Битола (Лозанчев, Петре Лигушев, А. Доров и други) беа зафатени од бугарскиот врховизам. Окружниот комитет издава свое циркуларно писмо, со кое се наложува сите села во Битолската револуционерна област кои се под канонство на грчката црковна патријаршија, да минат под управа на бугарската црковна Егзархија.

Султанот, чувствувајќи ја моралната сила на ВМРО, преку својот дипломат Халми-Паша склучува таен сојуз наречен грчко-турски сојуз против Македонската револуционерна организација. Грчката пропаганда се засилува. И во Мариово се создадени вооружени грчко-андартски чети, со кои раководат офицери испратени од Атина. Андартите, кои се регрутирани од месното население, се платеници. Место туркање на турската власт и беговите, преку пропагандите на бугарско-црковната Егзархија и грчката Патријаршија почнува крваво оро врз недолжното македонско население. Почнуваат убиства и палење на селата од едната и од другата страна. Егзархистите и патријаршистите го потхрануваат бугаризмот и грцизмот.

Грчките андарти ги запоседнуваат мариовските села Градешница, Будимерци, Старавина, Зовиќ, Груниште и некои други. Партијаршијата во овие села испраќа свои даскали. Грчкиот владика во Битола во овие села запослува свои попови. Андаритите ја засилуваат пропагандата за погрчување на населението. Некои ехзархисти за пари стануваат патријаршисти. Стојко Цицов од мариовското село Бешиште за 50 лири од “бугарска” се префрла на грчка страна. Од војвода станува капитен Цицос. Тој успева со пари да го “погрчи” сето Горно Маало во с. Бешиште. За својот “успех” Цицос му реферира на капетанот Кондилис, кој за погрчување на мариовското население е испратен со многу пари, дури од Атина. За пари, доста Градевци од егзархисти стануваат патријаршисти, а така е и во други села во Битолскиот округ. Но, и четата на војводата Крсте Гермов-Шаќир, по добиеното писмо од окружниот комитет во Битола, не седеше со скрстени раце. Шаќир со својата чета го пали селото Груниште, за да им се одмазди на “погрчените” грунивци. За возврат, грчките андарти го палат селото Жиово и убиваат неколку невини селани. Поради таа крвава меѓусебна борба, дедото Нале со своето семејство од Градешница се преселува во Битола. Синот Ставре изучува и станува познат лекар во Битола. Другиот син Тоше Налев, кој е патријаршист, враќајќи се од Битола на дуќанот во Градешница е убиен од четата на Шаќир во месноста Топли Дол. За одмазда на третиот ден андартите на истото место на сред пат во Топли Дол убиваат тројца невини пазарџии од Градешница.

За одмазда и инает Шаќировци палат повеќе куќи во селото Градешница, и тоа, куќите на оние домаќинства кои се осомничени, дека се Гркомани”. Од кажувањето на постарите Градев-ци, се дознава дека војводата од кај месноста Габерска Црква”, издавал наредба на своите четници кои куќи да ги палат. Тогаш, во месноста “Коселски Дол” се убиени 17 градевци, наводно дека биле патријаршисти – “гркомани”.7

(7 Кажување на селанецот Стојан Шкреков (сега покоен))

Селото Градешница станува центар на андартските чети, затоа како едно од најголемите мариовски села и најмногу настрадува. Се вршат убиства и контра убиства. Кај патот што води од Градешница за Старавина “Велкова Нива”, постои камен на кој е врежано:

“1905 година селото Градешница е изгорено”.
Тогаш градевци и селаните од другите мариовски села ќе испеат песна, и од внатрешната крвава борба ќе побараат спас од окружниот војвода Ѓорги Сугарев. Легендарниот војвода роден во Битола, ќе го слушне гласот на народот од Мариово и од Демирхисарските планини ќе тргне со својата чета за Мариово. Секретарот на Окружниот комитет на организацијата, внатрешниот подмолен врховист Петре Лигушев, од Битола му пишува писмо на војводата Сугарев, дека во селото Паралово се настанала непријателска чета, која треба да се уништи. Врховистот Лигушев, знаејќи ја маршутата на Сугарев и неговата чета, го известува валијата во Битола. Валијата го крева на нозе гарнизонот во Битола, а потоа над посоченото место е поставена турска заседа. Четата на Сугарев, која се состоела од 28 души, на 24 април 1906 година над селото Паралово наидува на заседа. Меѓу четата и турските војници се заврзува крвава и луда борба. Кон пладне востаниците ја потрошуваат муницијата. Народниот пејач натаму кажува, како оваа крвава драма завршува:

“Заплакало е Мариово, заплакало,
За тој ми Ѓорѓи Сугарев:
Каде си, Ѓорги, сега да дојдиш,
Од душмани да не куртулиш!
Тогаш извика Ѓорѓи Сугарев, провика,
од демирхисарските планини:
Слушам ве народ, народ поробен,
слушам ви гласој, гласој жалосни.
Сега за скоро, јас ќе дојдам, ќе пристигнам,
Co триесет одбрани момчиња,
Сите со куси манлихерки, манлихери,
Сите со нагант револвери!
Колку ми тргна Ѓорги Сугаре да оди
Во тоа село Паралово,
Бог да го бие кодошот Петре Лигушот,
Што ми го предаде Сугарето.
Кога се најде Ѓорѓи сардисан,
Од сите страни кај Чукарите,
Тогаш извика Ѓорги Сугаре, провикна,
На неговата одбор дружина:
– Клавајте гуни пусии, леле пусии,
Зошто се камен тешко најдува!
Згрмеа пушки, пушки аскерски, крвави,
Сета дружина му ја убија!
Тогаш извади нагант револвер Ѓорги Сугаре,
Самиот крвта си ја пролеа, леле пролеа,
Жив на душман не се предаде”.

Во една друга песна, народниот пејач ќе запее:

“Бог да го бие кодошот,
Кодошот од Гинимале,
Кодошот Петре Лигушот,
Што ми предаде четата,
Четата на Ѓорѓи Сугаре!…”

Според градешецот Стојко Бојковски (сега покоен), Мариовци побарале помош од окружниот војвода Ѓорги Сугарев, кога грчките андарти и грчката пропаганда навлегла во мариовските села, а за тоа ни кажува и следниот фрагмент на песната со подруга верзија:

“Заплакало ми Мариово,
За тој ми Ѓорги Сугарев:
– Каде си Ѓорѓи да дојдиш,
од Грци да не куртулиш,
Грци станаа шпиони!…”

Загинувањето на окружниот војвода и ревизор на битолските чети – Ѓорги Сугарев и загинувањето на неговите соборници, болно се разнесува меѓу градевци и населението од другите мариовски села. Мариовци, во легендарниот војвода гледа свој заштитник од беговите и туѓите врховисти. Песната “Заплакало ми е Мариово” е обнародена и таа до ден -денес при секоја пригода се пее низ Македонија, па и надвор од неа.

16

Предадени од шпионите, турските власти успеваат да го фатат и Алексо Турунџев. По една година лежење по битолскиот затвор, војводата Турунџев на 19 август 1905 година е обесен на “Ат-пазар” во Битола. И оваа вест, што е пренесена од пазарџиите, болно одекнува на градевци и другите Мариовци. Предадени од врховистите, загинуваат видни македонски дејци и војводи, како што беа Даме Груев, Никола Карев, Христо Узунов, Лазар Поп Трајков и други борци, кои се бореа за слободата на Македонија.

Четири години една по друга, од 1904 до 1908 (Хуриетот), Македонија се раскинува од борби со чети на организацијата, од една страна и со аскер и врховистички чети од друга страна.

Стопанскиот и културно-просветниот развој во овој период во Градешница стагнира. Секој градешец се чувствува среќен ако го сочува своето семејство и својот дом од прогонот на врховистичките вооружени чети.

Bo XIX и почетокот на XX век, по мариовските планини крстареле групи на арамии и качаци, кои вршеле пљачкосување на населението, односно пленување на некој член од семејството – овчари, говедари или козари и за истиот е барано откуп во пари, особено злато. Во колку на закажаното место и време не се донесе бараната сума пари или наполеони, арамиите го погубувале пленетото лице. Такво киднапирање е извршено на еден од браќата на бабата Водичка Гулева. При откупот, семејството било приморано да си ја продава и сопствената облека, за да ја собере бараната сума злато. Арамиите вршеле киднапирање и на стада овци или говеда и од реонот на Градешница преку планините Кравица, Добро Поле, или Соколот ги префрлувале во Караџова или Воденско и ги продавале на тамошните пазари.

Кутриот Мариовец – Македонец бил ставен на тешки искушенија. Сцени на пљачкосување и киднапирање по мариовските колиби, ниви и планини имало се до завршувањето на Првата светска војна.

Пљачкосување од арамиите и качаците се вршело и врз градешките пазарџии, кога тие со товарени добици се враќале од пазарите во Битола, Прилеп, Воден, Сопотско и други градски центри. Заради посигурна безбедност од нападите на арамиите, мариовските пазарџии патувале во поголеми групи. Неретко пазарџиите во рацете носеле ластегарки или стапови, кои им се наоѓале за одбрана во случај да некој ги нападне. Минувајќи преку мариовските планини за на пазар во Воден, мариовските пазарџии (според кажувањата на постари луѓе) се вооружувале со ножови, секири или огнено оружје. Се случувало пазарџиите, од арамиите и качаците да бидат напаѓани од заседа при премини преку зашумени предели.

Здивнување на населението по уриетот
Во првата деценија од XX век, Европа влегува со големи технички и научни откритија, кои се користат во севкупниот стопански, општествен и културен живот.

Единствено Турција остана заостаната држава со полуфеудално уредување и нерешени аграрни односи.

Млади интелектуалци, меѓу кои и млади офицери како што беа Нијази Бег од Ресен, Енвер – Бег од Солун и други, што се школувале во Западна Европа, се уверени дека Турција заостанува и следува нејзино неминовно менување.

Активноста на младотурскиот комитет забрзано делува за реализација на своите идеи. Тие издржуваат државен пресврт на 23 јули 1908 година, таканаречен Уриет, односно “Слобода”. Го приморуваат султанот Хамид II да прогласи воведување на уставност во турската држава. Македонскиот народ во почетокот со воодушевување ја прима веста за паѓање на апсолутизмот. Во Битола се отворени вратите за затворите, каде над илјада затвореници се наоѓаат на слобода. Од планините слегуваат многу вооружени чети. По улиците се извикува за слободата, слобода на печатот, укинување на плаќање на високи даночни обврски, скратување на воениот рок, задолжително бесплатно основно образование, политичка амнестија, стопански развој на земјата и други пароли, кои гарантираа слобода во севкупниот живот. Веста за Хуриетот и прогласената слобода, бргу се пренесува во Градешница и другите Мариовски села. Овој настан градевци посебно го прославуваат на Илинден 1908 година, кога во селото празникот од памтивек се обележува како селска слава.

Градевци масовно излегуваат кај манастирот Св. Илија во месноста Брен. Два дена се слави во селото. Гости има од соседните села Старавина, Будимерци, Груништа, Бешиште, Зовиќ и други мариовски села. Гости има дојдено и од градот Битола.

Дискусиите се свртени кон паѓање на турскиот апсолутизам, братството, рамноправноста и подобар живот.

Уште во првата година на Хуриетот и градевци почнуваат послободно да дишат. Во селото за прв пат се спроведуваат слободни избори за селска коџобашија (кмет). По Хуриетот и христијаните можат слободно да учат и да влегуваат во државна служба. Во селото продолжува да работи основно – ќелијно училиште, при селската црква “Св. Никола”. Наставата се изведува на грчки јазик.

Според пишаните извори од 1908 година само во три мариовски села постоеле ќелијни основни училишта, а меѓу нив и во селото Градешница. И во Витолиште постоело училиште под раководство на калуѓерот Љунгур, светогорски воспитаник. Ова училиште служело како расадник на просветата во Мариово. Од него излегувале учители и свештеници, макар со многу скромно знаење. Слично училиште постоело и во селото Чаниште.

Дури по Хуриетот и во мариовските села почнала засилено да дејствува бугарската Егзархија и полето на просветната политика и пропаганда. Бугарската Егзархиска црква во Мариово свои училишта отворила дури во 1909 година, а нејзиното архиерејско намесништво се наоѓало во селото Витолиште.

Напоредно со бугарската, дејствувала и грчката црковна просвета и пропаганда. Бугарската Егзархиска црква во Витолиште отворила трикласно училиште со интернат.

Во Битола според пишаните извори, во тоа време имало 5 егзархиски основни училишта. Исто така работеле 1 егзархиска, 1 грчка, 1 романска, 2 турски и една еврејска гимназија.

За жал, не постојат податоци од кои може да се види кои биле првите учители во ќелијното училиште во Градешница, кое работело кон крајот на XIX и првата деценија на XX век. Од сеќавањата на постарите градевци, се дознава дека меѓу првите ученици на ова училиште биле Коста Пенуков, Крајче Сивев, свештеникот Најдо Попов, свештеникот Тодор Попов, Васил Налев, Митре Рушитков, Јован Босеов, Стојко Бојков, Крсте Гуџев и др. Наставата во ќелијното основно училиште се изведува на грчки јазик.

Од пишаните извори се дознава дека, по Илинденското востание од Хуриетот, во Мариово просветен инспектор бил Црногорецот Јово Јовановиќ, кој се школувал во Бугарија, а за време Илинденското востание храбро се борел против турскиот аскер во четата на Ѓорче Петров во реонот на Мариово. Јове Јовановиќ и служел на Организацијата и со своите агитации се борел против великобугарските врховисти и агенти. Во летото 1909 година врховистот X. Матов преку Тодор Александров од Софија го испраќа во Македонија терористот – Ѓорги Мучитано (Касапчето), кој во Битола на подмолен начин го убива илинденецот Јово Јовановиќ.

По Хуриетот, градевци и другото мариовско население слободно ги обработувале своите земјоделски имоти. Од ден на ден се зголемувал и бројот на ситниот и крупен добиток. Своите производи слободно ги продавале на пазарите во Битола, Прилеп, Кавадарци, Воден и други градски центри. Co извршените реформи. Младотурците на македонското население му дале соодветни ветени демократски права, но тие на Македонија не и ја дале ветената автономност, ниту Македонците ги признале како посебен народ со свои етнички, културни и други особености. Турската влада и другите реакционерни турски великодостојници, почнале да не го почитуваат новиот уставен режим. Против кршење на уставот во османлиската империја се спротивставиле некои војводи, кои за време на Хуриетот со искреност ги примиле новите реформи. Меѓу првите стари војводи, кои го дигнале својот глас против изигрување на уставниот режим, бил македонскиот деец од Леринско Џоле Стојчев со своите истомисленици Пандил Шишков, Пандо Лондев, Пецо Христов, Крсте Малинов и други македонски дејци и револуционери. Некои војводи, токму поради непочитување на уставниот режим, пак ги нарамиле пушките и излегле во планините. Младотурците имале издадено наредба за прибирање на оружјето, кое се наоѓало кај многу дејци уште од времето на Илинденското востание. Повеќе од оружјето останало кај народот за повторно кревање на востание против османлиите.

Треба да се спомене, дека враќајќи се од Бугарија за родното Мариово во 1911 година кај гратчето Пехчево, загинал илинденскиот востаник Трајко Брничанецот, познат во мариовските села како “Крал Трајко”. Тој е роден во мариовското село Брник и мошне млад со пушка во раката се приклучил во четата на Толе Паша. Брниклијата учествувал во ликвидирање на турскиот злосторник во Мариово, Шефкија. Трајко Брниклијата е единствениот четник кој успеал да се спаси и да ја преживее трагедијата на Толе Паша, и неговата чета, што се случила во 1904 година кај с. Гудјаково – Мариовско.

Брниклијата Трајко, право успеал да ги ликвидира предавниците на Толевата чета, а потоа заминал во Бугарија, престојувајќи таму до 1911 година. Во времето на Илинденската епопеја, извесно време во четата на Толе Паша како четници учествувале градевците Стојан Кралев – Сеизот, Стојче Судиов, Митре Совичин и некои други.

Мариовскиот човек е општопознато, дека со својата остроумост и кршна става го надарила и мариовската природа, а такви се и приказните за Итар Пејо. Тој според преданието, во турско време бил роден во с. Градешница – Мариовско. Co своите мудрости Пејо надмудрувал секого, кој ќе му застанел на патот. Меѓу неговите многубројни мудрости, шеги и приказни ќе споменеме само некои:

Итар Пејо поитер од Насредин – Оџа, Итар Пејо и Насредин – Оџа шеги си бијат, Итар Пејо оди од кај умрените, Итар Пејо знае турски да зборува, Пејо Итроманецот и жешкото кафе, Мариовци со Петре Итроманецот и саатот, Мариовци со Петре итроманецот и ралото, Итар Пејо и Мариовци борот го корнат, Итар Пејо и Мариовци дабишта кршат, Мариовци и Итар Пејо со желката, Итар Пејо и Мариовци со лубеницата, Итар Пејо и двајца Мариовци отишле на лов, Мариовецот и сапунот, Мариовски есап, Мариовската невеста многу саламна била и други. Овие и низа други шеги и шеретски приказни најмногу се раскажуваат кај постарите луѓе и тие со својот ведар дух ги создавале на своја сметка. Во една од тие шеги се кажува како Итар Пејо отишол на дрва во боровата шума. Се качил на еден бор и почнал да го сече. Co дрвото паднал и Итар Пејо, а неговата глава некаде одлетала. Се собрале Мариовци и го гледале трупот на Итар Пејо без глава. Тогаш се прашале дали Итар Пејо имал глава. Никој со сигурност не можел да тврди, дали тој имал глава и затоа решиле да ја прашаат Итра Пејовица. Таа одговорила дека не знае дали Итар Пејо имал глава, но дека памети како од велигден на велигден тој купувал по една “валавица” (капа).

За Итар Пејо и Мариовци се испреплетени многу други шеги, приказни и други народни умотворби. Мариовските песнопојци имаат испеано и многу револуционерно – патриотски, љубовни, социјални, обредни и други песни кои од колено на колено се пренесуваат меѓу мариовското население.

Градешница вo Балканските војни
По крвавото задушување на Илинденското востание и изневерување на уставните реформи на младотурците по хуриетот, македонскиот народ пак се нашол бесправен и угнетен, при што повторно го кренал својот глас за национално и социјално ослободување од петвековниот поробувач – османлиите.

Под паролата ослободување на “сонародниците” Македонци од ропството на Османлиите, a со цел за приграбување на македонската територија, на 13 март 1912 година меѓу Србија и Бугарија е потпишан договор таканаречен “пријателски сојуз”, кон кој бил додаден “тајниот анекс”, со кој е предвидено распарчување на Македонија, по победата над турската империја. Српско-бугарскиот сојузен договор е проширен со сојузен договор меѓу Бугарија и Грција од 29 мај 1912 година, со што е создаден Четворен балкански сојуз против Турција. По создавањето на “сојузот” се развила мошне жива пропаганда дејност за војна против Турција. Гледајќи ја опасноста од војна, Турција врши нова мобилизација и регрутација. Во турската армија се регрутирани и Македонци, меѓу кои има и градевци. Тогаш е мобилизиран и Митре Ќиќерков и некои други градевци, за кои не располагаме со писмени податоци.

За да не бидат регрутирани во турскиот аскер, повеќе Македонци, меѓу кои имало и градевци, како на пример браќата Стојко и Стојан Шкрекови, Јован Долевачев, Коле Зулумов и други, заминале за Америка како печалбари. подоцна, за да ја избегнат Балканската и Првата светска војна, за Америка заминале и други градевци.

Владетелите на Србија, Бугарија и Грција на 18 октомври 1912 година на Турција и објавуваат војна. Кај населението, пак, настанува загриженост поради воената состојба. По борбите на 34 и 24 октомври кај Куманово и на 17, 18 и 19 ноември 1912 година кај Битола, пред победата на Српската војска, поради своите големи загуби, Фети-Паша со својата војска во безредие, се повлекува кон Лерин-Воден и Солун, и понатаму кон исток кон Кракија. Српската војска окупирала поголем дел од Вардарска Македонија. Другите делови на Македонија ги окупирале грчките и бугарските трупи. Во безредието и повлекувањето на турската војска, многу Македонци што биле мобилизирани како турски војници, се вратиле по своите домови во Македонија, а така било и со Митре Ќиќерков кој се вратил во својата родна Градешница. Градешница, како дел на Мариово, потпаднало под српска власт, која е воспоставена на цела Вардарска Македонија.

Треба да се спомене дека против војната со Турција, како доброволци – ополченици во состав на бугарската армија учествувале, според некои пишани документи, околу 12000 Македонци.

Слично на бугарската врховна команда и врховната команда на српската армија, создала чети на доброволци т.н. “Народна одбрана” за борба против Турција. Се смета дека во тие српски чети на “Народна одбрана” имало и околу 300 Македонци, од кои некои насила биле мобилизирани. Мобилизиран во српската армија се нашол градешецот Трајко Грков.

Под команда на грчката армија дејствувала таканаречена “Света чета” составена од андарати – четници Македонци од Егејска Македонија.

Големиот број Македонци, кои во составот на бугарската , српската и грчката армија со одушевување учествувале во борбата против Турција, сметајќи дека конечно ќе се ослободат од петвековниот поробувач. Но, во тоа се измамиле, незнаејќи ги тајните планови на балканските монархии.

При капитулацијата и повлекувањето на турската војска од Солун на 8 ноември 1912 година, востаничките чети на Јане Сандански, во содејство со бугарската армија, меѓу првите влегле во градот. Тогаш во Солун влегувале и грчките трупи. При здравицата за победата над Турција и “ослободувањето” на Македонија, здравица одржал и Јане Сандански, искажувајќи се за слободна и автономна Македонија. Присутните бугарски офицери на здравицата на Сандански за автономна Македонија му се заканиле со исукани сабји, дека ќе го исечат за таквите зборови. Тогаш Сандански и другите присутни Македонци сфатиле дека Македонија нема да ја добие очекуваната слобода.

Македонците од Петроградската колонија во Русија, на чело со Димитрија Чуповски, испратиле меморандум до Лондонската мировна конференција за решавање на македонското прашање врз принципот “Македонија на Македонците”. Лондонската мировна конференција завршила на 20 јуни 1913 година, каде што Меморандумот на Македонија од Петровград не бил земен на разгледување. Лондонската мировна конференција ни оддалеку не ги решила горчливите прашања на Балканот.

Веднаш по истерувањето на Турците од Македонија, српската армија поставила своја власт и во Градешница и другите мариовски села. Во пределите на мариовските планини Ниџе -Сокол – Добро Поле – Кравица – Козјак кон Кожув се воспоставила српско-грчка граница. Како и во други села и во Градешница е формирана српска власт на чело со кмет. Во основното ќелијно училиште наместо грчки, настава почнало да се изведува на српски јазик. He постојат податоци, кој бил учителот кој ја изведувал наставата и колку ученици имало во учебната 1913/1914 година.

Меѓу балканските “сојузници”, од една страна Србија, Грција и Бугарија, од друга страна, се повеќе растела затегнатоста за прераспределба на заземената македонска територија. Втората балканска војна меѓу “сојузниците” Србија и Бугарија почнала на 29 јуни 1913 година. Најрешавачка била борбата по должината на реката Брегалница и Злетовска Река. Овој судир го искористиле Грција, Романија и Турција, кои и објавиле војна на Бугарија. Бугарската армија опколена од четири страни, претрпела голем пораз, при што бугарската влада била приморана да побара итно примирје.

На 10 август 1913 година во Букурешт е потпишан таканаречен Букурешки мировен договор, со кој се утврдени граничните линии меѓу Србија, Грција и Бугарија, а Македонија е разделена на три дела. Најтрагичната последица од Втората балканска војна во македонскиот народ е губењето на неговата

национална целост. Раздробен, тој останал да се бори против три поробувачки режими, кои со секакви средства ќе настојуваат да ја обезличат македонската национална свест и самобитност. Тогаш македонскиот народен пејач ќе запее:

 

“Викна се Јана провикна

Од високи чардаци,

Од сребрени пармаци:

– Удрете, браќа, пукајте,

Јавор-пашовата дружина!

Овде не е Србија,

Овде не е Грција,

Овде не е Бугарија,

Туку е Македонија!…”

 

Co воспоставувањето на српско-грчката граница, населението од Градешница и другите мариовски села не ќе може повеќе да контактира, да тргува и да одржува други врски со населението од Пожарско, Родиво, Струпино, Тресино и други села и градови од Караџова и Воденско.

Српските власти продолжиле да ја зацврстуваат својата власт и во Мариово. Ставени се синорите на српско-граничната линија долж мариовскиот реон: Ниџе – Сокол – Добро Доле -Кравица – Козјак и натаму кон Кожуф. По селските населби се воспоставени жандармерски станици и е формирана административна служба доведена од Србија.

Српските власти во пролетта 1914 година и во мариовските села ја продолжиле регрутацијата на младинците. Младите регрути пешки се спроведени до Битола и Прилеп, а оттаму преку Скопје до Крагуевац. Во Крагуевац, според зборовите на Трајко Грков, по едно-двомесечната обука се испратени на српско-австрискиот фронт.

Заминувањето на младинците во српската војска, се чувствувало дека тие и во оваа насилна мобилизација се приморани да служат за туѓи интереси.

Градешница во виорот на Првата Светска Војна
Летото во 1914 година, во Мариово, па и во Градешница, како и секоја година е сезона на косидба и почеток на жетвените работи.

На 28 јуни во Сараево младиот српски патриот Гаврило Принцип извршува атентат врз австро- унгарскиот престолонаследник Франц Фердинант. Оваа вест бргу се шири во целиот свет. Убиството и послужува на Австро-Унгарија како повод на 29 јули 1914 година да ја нападнати Србија. Тогаш, во војната, на страна на Србија застануваат Русија, Франција, Англија и Црна Гора. На страна на Австро- Унгарија застанува Германија, а подоцна Бугарија и Турција. Тоа е почеток на Првата светска војна, која трае до 1918 година. На фронтот меѓу Србија и Австро-Унгарија се и многу мобилизирани Македонци, меѓу кои е и градешецот Трајко Грков.

Општо е познато дека во првите судири меѓу Србија и Австро-Унгарија, српската војска дава силен отпор, но подоцна австро-унгарската војска, на чело со генерал Макензен, кај реката Дрина ја поразува српската војска. Многу Македонци се заробени од австро-унгарските трупи, кои подоцна, со посредство на Софија, се ослободени од заробеништво и мобилизирани во бугарската армија, a со цел да се борат повторно за туѓи цели. Многу од овие Македонци загинуваат, а оние што преживеале, по фронтовите остануваат речиси пет години. По завршувањето на војната, демобилизираните Македонци се враќаат во своите домови (од кои некои изурнати) со загубено здравје, без да им се признае инвалиднина. Македонците слична судбина доживуваат во сите три дела на распарчена Македонија.

Користејќи ја надмоќноста на Австроунгарската војска на српската, а под паролата за “ослободување” на целокупна Македонија, во октомври 1915 година бугарските трупи исто така ја напаѓаат Србија, при што српската војска е приморана да се повлече од Вардарска Македонија.

До крајот на 1915 година и во Мариово се воспоставува бугарска власт која, исто така, врши мобилизација на сета млада генерација во Вардарска Македонија, па и во Мариово.

Во Македонија почнува да се создава Солунскиот фронт, бидејќи во солунското пристаниште се истоварени десетици илјади англо-француски војници, а од Крф во Солун, исто така, се префрлени свежите српски трупи, кои се приморани да ја напуштаат Србија и Вардарска Македонија. Сите овие трупи, прегрупирани, ја заземаат и запоседнуваат фронтовската линија во Егејска Македонија. Во меѓувреме бугарските, германските и австроунгарските трупи се концентрираат во Вардарска Македонија, долж граничната линија воспоставена меѓу Србија и Грција. Фронтот во Македонија се протегал од Беласица – Кожув – Ниџе – минувал преку Црна Река, северно од Битола – Преспа-Охридско Езеро, понатаму преку Албанија се протегал до Јадранско Mope.

Воените ефективи на Солунскиот фронт од 1916 до 1918 година изнесувале околу 1.200.000 војници, од обете завојувани страни. На секоја страна од фронтовската линија имало по околу 600.000 војници. На разните сектори на фронтот, наречен Солунски фронт, се нашле и градевците Ристе Вржалков, Димитар Босеов, Ристе Босеов, Трајко Бојков и други, кои биле насила мобилизирани. На српската страна, исто така, насила мобилизирани се нашле Трајко Грков, Петруш Клапчев и други градевци. Значи, соселани биле приморани да војуваат едни против други. Имало случаи браќа да се најдат на две спротивни позиции и да војуваат еден против друг. Таков е и примерот со браќата Митре и Петре од селото Старавина-Мариовско. И двајцата биле мобилизиран 1914 година од Србите и слушајќи српска команда се испратени на српско-австроунгарскиот фронт кај реката Дрина. Петрета го заробуваат Австроунгарците, а потоа како “македонски булгарин” го испраќаат во Бугарија и се наоѓа во една од бугарските дивизии на Солунскиот фронт на секторот на мариовските планини, односно висот Сокол. Неговиот брат Митре заедно со српската војска се наоѓа на Крф, а потоа неговиот 21 Пешадиски полк е испратен да војува против Бугарите, токму на позициите на Соколот, од каде, исто така, може да се гледа с. Старавина и целата мариовска котлина. Служејќи едниот во српската, а другиот во бугарската војска, цели две години укопани во окопите на Соколот, борејќи се за туѓи интереси, и Петре и Митре не знаеле дека се наоѓаат на растојание од педесетина метри каде ги делела жичана препрека. Градешецот Трајко Бојко прво бил приморан да слуша команда на Турски јазик, потоа на Српски, па на Бугарски.

Есента 1915 година бугарските војски ги запоседнале селата Градешница, Старавина, Будимерци, Груништа и Зовиќ. Српската власт е заменета со бугарска. Динарот е заменет со лев. Во почетокот, населението способно за работа од споменатите села, со сила е ангажирано “ангарија”, копање на окопи, бункери, патишта и други утврдувања по мариовските планини – Ниџе, Соколот, Добро Поле, Милетина Коса, Кравица, Козјак, Окопи, бункери и други утврдувања се копани и во месностите Змеица, Душугубец, Камени Врв, Лешница, Коритата и други стратегиски места и височини.

Според зборовите на Коста Босеов (сега покоен): “Командата, односно Штабот на бугарската војска стационирана во Градешница, се всели во куќата на семејството Ковачеви, a домашните присилно беа иселени. Студот се повеќе стегаше. На прагот беше зимата 1915/16 година. Бугарската воена команда издаде наредба населението од селата Градешница, Старавина, Будимерци, Груниште и Зовиќ да се исели кон северно Мариово и Тиквешко, бидејќи на просторот на споменатите села ќе има војна”.

Населението од споменатите мариовски села тешко се одлучуваше да ги напушти своите вековни орништа. Тешко беше некој и да ја прифати таа голема маса несреќен народ. Бугарските војници насила се вселуваа по домовите во Градешница, Старавина, Будимерци, Груништа, Зовиќ и некои други мариовски села. Се случуваше во повеќе селски куќи во една соба да живеат бугарски војници, а во другата домаќинството составено од повеќе членови. Селската стока беше десеткувана од бугарските трупи стационирани на овие простории. Без никаква парична надокнада, на населението му се пљачкосуваа овците, козите, говедата, свињите и другиот добиток. Зимата мина како мина. Пролетта 1916 година многу семејства и од Градешница, со тешки срца почнаа да ги напуштаат своите огништа и родни домови. Co себе носеа она што можеше на товар или на рамо да се понесе. Пред себе ја тераа и својата преостаната жива стока-овци, кози, волови, крави и друг добиток. Мајките за раце ги водеа своите уплакани деца. По патот од Градешница кон Бешишта-Полчишта- Витолишта и понатаму према Тиквешко можеа да се видат колони или тажни групи на избезумени и несреќни бегалци од жени, деца, изнемоштени старци, болни натажени луѓе.

Војната меѓу француско-српските единици од една страна и бугарско- германските единици од друга страна беше почната на секторите Ниџе и врвот Кајмакчалан како и по сета должина на Солунскиот, односно Македонскиот фронт. Секојдневно се слушаше татнење на топовите, митралезите и другото

оружје од двете завојувани империјалистички страни на мариовските простории. Од артилериските гранати настрада и цивилното население од Градешница и другите мариовски села.

Според кажувањето на Мита Босеовска (мајка на авторот на овој труд): “На пат за Бешиште, при преминот на реката Сатока, токму на дрвениот мост, падна топовска граната, долетана од фронтот на Кајмакчалан, при тоа загина седумнаесет-годишната ќерка на Доста Пунина од село Градешница. Вакви примери имаше и други”.

Но, офанзивата од ноември 1916 година српско-француските сили успеа да ја заземат Битола и фронтот да го поместат понасевер. Бугарско-германските сили се приморани да отстапат од Кајмакчалан и да се зацврстат на позициите: Смеовица -Душогубец – Камен Врв – Лешница – Коритата и натаму кон Црна Река. Мариовските села Будимерци и Груништа паднаа во рацете на српско- француските трупи, додека Градешница, Старавина и Зовиќ и натаму остануваат во бугарско-германски раце. Куќите во сите напред споменати села се избришани во текот на тригодишната војна. Според кажувањето на старавинецот Крсте Крстев, во текот на Првата светска војна врвот Грунешка Чука седумпати на јуриш е заземен од српските и спротивставените бугарски војски.

Поради долгата исцрпувачка војна, кај бугарските трупи се чувствува недостиг на леб и друга храна. Бугарските војници изгладнети, на своите ранци почнале да пишуваат “празна раница не чува граница”. Оставајќи ги празните ранци со своите ровови, повеќе од бугарските војници се предаваат на српско- француските трупи. Така стана и со десетината на градешецот Димитрија Босеов, кој насила е мобилизиран од бугарската власт и е на фронтот кај планината Беласица. Според зборовите на Димитрија, пролетно време бугарските војници биле приморани да собираат коприви, за да направат ручек во војничкиот казан или пак пљачкосувале жива стока од селското население, кое се наоѓало недалеку од фронтовската линија. Градешките протерани семејства биле приморани да се засолнуваат во Полчишта, Витолишта, Врпско, Гудјаково, Бегниште, Дабниште, Дрен, Раец, и други села во северно Мариово и Тиквешко. Сите луѓе што биле способни за работа, од споменатите села, биле ангажирани во работна “ангарија” при изградбата на теснолиниската пруга од Градско до Плетвар, која служела за пренесување на воена опрема на трупите, вкопани долж фронтовската линија. Бугарија и во Првата светска војна е определена на страната на ацентралните сили. Покрај пругата со “ангарија” се изградени и други патишта од воен карактер. Сето тоа допринесува за зголемување на бедата кај населението, особено населението од Градешница, Старавина, Будимерци, Груништа, Зовиќ и други мариовски села, а кое население е приморано да ги напушта своите родни огништа. Населението е приморано да јаде леб од р’ж, јачмен, пченка и овес.

Војската на Антантата (Англија, Франција, Србија, Грција, потоа Италија итн) од една страна и војската на Централните сили (Германија, Австро-Унгарија, Бугарија и др. ) од друга страна во летото 1918 година се спрема за решавачка битка. На Солунскиот фронт од Дојранско Езеро до Битолскиот сектор се сконцентрирани на страната на Антантата околу 150 000 војници, 180 000 француски војници, 120 000 англиски војници, 130 000 грчки војници и 42 000 италијански војници.

На истата фронтовна линија, од спротивната страна биле трупите на Централните сили во јачина од околу 600 000 германско – бугарски војници.

Војската на Антантата на чие чело е францускиот генерал Дранше Д’Епере, рано изутрината на 14 септември 1918 година ја започнале општата офанзива против германско-бугарските сили. Претходи силен артилериски оган врз непријателските позиции на секторите Сокол-Добро Поле-Ветерник.

Од страна на II Пешадиска и XVI Колонијална пешадиска француска дивизија фронтот најпрво е пробиен на Добро Поле, a потоа пробиви се извршени и на другите сектори. Од постарите градевци се сознава дека на Добро Поле фронтот први го прибиле црнците војници од Маково кои биле мобилизирани во составот на XVI Француска колонијална дивизија. Пред да тргнат на јуриш, на војниците – црнци, наводно им е дадена по една матерка вино да испијат, за да не се плашат од непријателот. Разбиените бугарски единици од l-та Бугарска армија на Добро Поле, во панично бегство се повлекуваат кон Кавадарци. Истиот ден француско-српските сили ги заземаат селата Градешница, Старавина, Будимерци, Груништа, Зовиќ, Бешиште, Витолишта и други мариовски села. На 23 септември 1918 година француско-српските трупи влегуваат во Прилеп без никаква борба. Германско-бугарската команда се обидува да ги задржи силите на Антантата, односно француско-српските трупи влегуваат во Прилеп без никаква борба. Германско-бугарската команда се обидува да ги задржи силите на Антантата, односно француско-српските трупи меѓу Кавадарци и Велес, но во тоа не успева. На 29 септември 1918 година е заземено Скопје. Истиот ден во Солун е потпишано примирје, што го диктираат победниците. Според примирјето, бугарските трупи требало целосно да ја напуштат Вардарска Македонија, а да ја задржат само Пиринска Македонија и да се почитува српско-бугарската граница од пред 1915 година.

По завршувањето на Првата светска војна, населението од селата Градешница, Старавина, Будимерци, Груништа и Зовиќ почнува да се враќа во своите родни згаснати огништа. Како и другите споменати села, и Градешница речиси до темел е разурната и опожарена. Од кажувањата на постарите градевци, не била срушена само куќата на семејството Коваќевски и црквата “Св. Димитрија”, врз чии кров паднала граната, но не експлодирала.

По тригодишното прогонство и градевци во есента 1918 година почнале да се враќаат на своите родни огништа. Но освен голи ѕидови од своите куќи друго ништо не можеле да најдат. Населението со деноноќна работа почнало да ги обновува своите домови. Каква-таква создавале нова покуќнина, бидејќи старата ја однеле или ја уништиле бугарските војници, при нивното повлекување и од мариовските погранични села. Од кажувањето на Јован Гулев, Димитар Вржалков, Трајко Ѕулков и други постари градевци, на месноста Габерска Црква над селото Градешница се наоѓал склад со леб и други прехрамбени артикли, оставен од француските трупи. Овие прехрамбени артикли ги користело бедното градешко население, а новоформираните српски власти во тоа не правеле пречки, бидејќи поради тригодишната војна ова население е на крајно бедна состојба. Од напуштените ровови и бункери во Душогубец, Камени Врв и други места каде се протегала фронтовската линија, градевци наоѓале оставена војничка облека, чевли и други материјали, што ќе ги користат во секојдневното живеење. Покрај материјалната штета во Првата светска војна, доста градевци ги изгубиле и своите животи, но нивниот број не е утврден.

Меѓу двете Светски Војни
По завршувањето на Првата светска војна и одржаната Крфска конференција, на 1 декември 1918 година во Белград се прокламира создавање на нова југословенска држава под името Кралство на Србите, Хрватите и Словенците.

Вардарска Македонија влегува во составот на новата држава, под името ,,нови јужни краишта”, а потоа “Јужна Србија” составен дел на Србија. Македонскиот народ е именуван како “јужносрбијански”, се разбира, без негова волја и согласност.
Македонската емиграција во Швајцарија, Бугарија и други земји во Европа и Америка испраќаат меморандуми до Мировната конференција, што во 1919 година се одржува во Париз. Барањето на македонската емиграција се состои во формирање и изградување на автономна Македонија на Балканот, под заштита на големите сили. Проблемот на Македонија дошол на дневен ред на 32 Седница на Комитетот за создавање на нови држави. Италијанската делегација излегла со предлог, автономност да им се даде на Македонците во Вардарска Македонија, во границите на новосоздаденото кралство на Југославија. Меѓутоа, југословенската делегација на чело со Пашиќ, подржана од францус-ката делегација, овој предлог решително го одбива. Сите обиди на македонскиот народ да му се признае автономност на Мировната конференција пропаднале, со потпишување на Версајскиот договор од 28 јуни 1919 година, a со кој се потврдува Букурешкиот договор од 1913 година, во кој Македонија е разделена на три дела од страна на Србија, Бугарија и Грција.

Во новосоздадената држава на Кралството на СХС, Вардарска Македонија, a со тоа и Мариово влегува сосема опустошено од Балканските и Првата светска војна. Од Мариово најмногу настрадале селата кои биле во непосредна близина на фронтот што се протегал по планинските венци Козјак – Добро Поле – Соколот – Ниџе со врвот Кајмакчалан итн. како што погоре спомнавме, најмногу разурнување и уништување доживеале селата Градешница, Старавина, Будимерци, Груништа и Зовиќ. Војната оставила длабоки лузни во душата на населението од овие села. Уништен е целиот стопански живот на населението.

Промената на парите со постојаното намалување на нивната вредност се зголемува бедата кај напатеното македонско население. По Турција и турските лири, во 1912 година доаѓа српскиот динар, во 1915 доаѓа бугарскиот лев, по завршувањето на првата светска војна, односно во 1919 година динарот пак го заменува левот. При секое менување, курсот на валутната вредност се намалува за педесет проценти, од својата нормална вредност од претходната валутна ефектива. На тој начин и мариовските села се повеќе осиромашуваа. Ако, на пример, во 1913 година или таканареченото Прво српско еден човек имал 100 динари, во 1919 година тие пари вределе 20 динари.

Осиромашените градевци, по завршувањето на Првата светска војна се враќаат во своето разурнато село и веднаш почнуваат да ги обновуваат своите разурнати домови. За обновување и изградба на куќите, градежно дрво, градевци користат од блиските градешки планини, каде има доволно камење, исто така и вода од Градешка Река, која минува низ селото и им е на дофат на рацете. По завршувањето на војната, некои демобилизирани градевци веднаш се враќаат во своето родно село и се зафаќаат за работа во обновување на своите куќи и земјоделски имот. По месец – два се враќаат и оние, што се наоѓале во заробеничките логори во Франција, Германија, Бугарија и други завојувани држави. Од логорите во Франција се вратиле Димитар Босеов, Ристе Вржалков и други градевци. Од фронтот не се вратил таткото на младото момче Ристе Совин. Тој уште како нејако момче, ќе мора да работи за обновување на својот дом, да се грижи за своето семејство. Неговиот татко, иако загинал како српски војник, Кралството на СХС не водело никаква грижа за да му даде некаква помош.

Помошта во облека, обувки, прехрамбени продукти и друго, што пристигнувала од Америка, како и помошта на име репарации од Германија за настраданото македонско население, се делела без контрола. Оние што ја делеле помошта, повеќе од помошта задржуваа за себе, отколку што доделувале на настраданото население.

При донесувањето на Видовденскиот устав, на 28 јуни 1921 година (на ден Видовден) се поднесени предлози и барања за давање на покраинска самоуправа на Македонија. Искрениот политичар Марко Цемовиќ пред да се изгласа Видовденскиот устав во Уставотворното собрание на Кралството на СХС, предлага во Вардарска Македонија да се формира влада по угледот на Хрватска и Словенија, односно Македонија да стане автономна покраина на Кралството на СХС. Но, радикалите и другите великосрпски националисти не сакаат ни да слушнат за овој предлог, велејќи дека македонскиот народ е составен дел на српската нација.

18

Градевци по првата светска војна
Административно Вардарска Македонија е поделена на три административни области (жупани): Скопска, Битолска и Брегалничка – со седиште во Скопје, Битола и Штип. Областите се поделени на срезови (околии) и општини. Мариово е еден срез и припаѓаше во Битолската област (округ). Градешница, како едно од најголемите мариовски села, административно има општина, која е сместена во куќата на Стојко Бојковски. Претседател на Градешката општина, меѓу другите е и Стојко Бојковски. Претседателите на општините истовремено се и судии на општински суд. За сите села се поставуваат кметови, кои се избираат од селаните.

За воведување на “ред и мир” и почитување на македонскиот народ, во Вардарска Македонија се концентрирани околу 35 000 војници. граничари, четници, џандари (12.000) и други административни службеници доведени од Србија (Историја на македонскиот народ, книга III. стр. 42). И во Мариово се поставени жандармерски станици, а таква се наоѓа и во селото Старавина. Во Градешница е изградена зграда, во која се сместен финансиските службеници и инспектори.

19

Српски џандари и инспектори
Долж српско-грчката граница во реонот на Градешница, на пример Козјак-Добро Поле-Милетина Коса-Соколот-Ниџе се изградени погранични караули, запоседнати од граничари на Кралството на СХС. Селаните од Градешница и другите мариовски села не можеа повеќе да патуваат во Пожарско, Тресино, Баово и други села во Воденско и Караџова, за да ги посетуваат своите роднини или пак да направат некоја трговска зделка со жито, овци, кози и друга стока, како што тоа го правеле пред да се постави границата и да се раздели Македонија на три дела.

По воведувањето на Шестојануарската диктатура 1929 година, државата е преименувана во кралство Југославија, a Вардарска Македонија во Вардарска Бановина. за прв бан на Вардарска Македонија е наименуван Жика Лазиќ, дотогашен министер за внатрешни работи на Кралството на СХС.

Кралството на СХС за подјармување на македонскиот народ има донесено посебна уредба, според која за секоја побуна, реакција од поединци или групи – Македонци, жандармеријата е овластена физички да ги спречи. Таквите појави обично се категоризираат како побуна против кралот и татковината, за што следува пресуда до пет години затвор.

За прикривање на бегалци, оружје и друг воен материјал, следува пресуда до десет години затвор. На сила е и уредбата од 1913 година (Прво српско) каде жандармеријата има неограничени права, а кое значи и одземање на човечки животи. Co оваа уредба се користат и административните службеници. Мариовци, па и другиот македонски народ чувствуваат дека им се наметнува ново ропство, место турско, сега доаѓа српско, бугарско и грчко, уште полошо, асимилаторско ропство. Некои Македонци па и Мариовци почнале да жалаат за Турција, не чувствувајќи никаква слобода од Србите, Бугарите и Грците.

Далековидните градевци ги спомнуваат имињата на Гоце Делчев, Даме Груев, Ѓорче Петров, Ѓорги Сугарев, Толе Паша и други дејци и војводи од Илинденската епопеја, кои се бореа за самостојна и суверена македонска држава на Балканот. Судбината на македонскиот народ од Вардарска Македонија се крои и се кова во Белград, а без претставници на македонскиот народ. Се кршеа основните права на Македонецот. Во внатрешноста на Вардарска Македонија па и во Мариово се испраќаат полуписмени џандари и писари доведени од Србија. Минувајќи низ разни филтри, српските власти поставуваат по некоја случајност за чиновници и Македонци, но кои се декларирале како “Срби”.

Изградба на училиште и обнова на урнатата црква
Три-четири години по завршувањето на Првата светска војна, градевци како феникс од пепелта и урнатините пак успеваат да ги изградат и издигнат своите куќи.

Куќи, повисоки и пошироки, а градени од тврд градежен материјал како што е камен, кал. Костурот на куќата го сочинуваа дебели греди и диреци. При изградбата на своите домови, градевци солидарно се помагаат едни со други, при пренесување на градежниот материјал и изградбата на куќите.

 

По изградбата на своите домови, градевци со заедничка доброволна работа и доброволни парични прилози, на долниот крај на селото изградуваат убаво основно училиште. Во приземјето се училниците, а на горниот кат просториите за живеење на учителите. Според кажувањето на некои постари градевци, училиштето е изградено во 1921 – 1922 година. Училиштето имало широк двор ограден со дебел ѕид.

Еден од учителите, кој повеќе години учителувал во основното училиште во Градешница, меѓу двете светски војни е Славко Патаковиќ. Покрај децата од Градешница, тука основно училиште посетуваат и деца од соседното село Старавина. Нема човек кој не се сеќава на својот прв учител или учителка, од кој ги научил првите букви. На мојата генерација родена 1928 година, прв учител што не запознаваше со првите букви и броеви, беше Андреја Бучиќ, по националност исто така Србин. Учителот Вучиќ беше испратен во Градешница, да не учи нас децата, но и да ни втисне во нашите детски глави, дека ние сме “Јужносрбијанци”, а не Македонци. По заминувањето на Вучиќ, за учител во Градешница дојде Александар Петровиќ по националност Црногорец. Во предвечерието на Втората светска војна последен учител што нам, на градешките деца, ни предаваше на српско-хрватски јазик беше Живко Јовановиќ, исто така по националност Србин.

Мојата генерација првото одделение почна да го учи во учебната 1936/37 година, а четврто одделение го заврши во учебната 1939/40 година.

И покрај се јас сум им благодарен на моите учители, кои настојуваа понекогаш со шлаканици и прачки по рацете, да не оспособат да станеме “луѓе на свое место”. Учители ни беа Срби, но ние останавме тоа што сме Македонци. Морам да признаам, по завршувањето на основното училиште, учителот, нам децата, што бевме одлични ученици, ни препорачуваше да го продолжиме школувањето во битолската гимназија, а тоа им го препорачуваше и ги советуваше и нашите родители.

Во 1923 година на местото на старата црква “Св. Никола”, разурната до темел во првата светска војна, градевци со доброволна заедничка работа и доброволни парични средства почнаа да градат и изградат многу поголема црква, за разлика од старата, подигната во 1863 година. При изградбата на црквата, сето селско население доброволно работи. Мажите со запрежни коли носат камења и греди, а жените со котли носат вода од Градешка Река за правење малтер.

Од архивата на црквата може да дознаеме дека при нејзината изградба и доградба во 1924 година, со парични средства помогнале и градевците кои во тоа време се на печалба во Америка, меѓу нив писмено се спомнуваат: Коле и Митре Димовиќ, Пејо Јововиќ, Рада Пејовиќ, Стојан Петковиќ, Ѓуро Крајовиќ, Јован и Пејо Степановиќ, Митре Михајиловиќ, Петра Јовановиќ – Долевачева и други. Црквата е живописана во 1927 година од иконописецот и неговата тајфа Коста Николиќ од Лазарополе. При изградбата и живописувањето на црквата, мајсторите со храна се снабдувани по ред од секое семејство во селото. Црквата е осветена од тогашниот битолски митрополит Јосиф, кој од Битола до Градешница е донесен на коњ.

Повеќе од иконите во црквата, за здравје, се пишувани и поклонувани од семејствата во Градешница. Меѓу другите, на една икона пишува: “Поклонува Трајко Јованов Бурлија, за здравје”.

Меѓу двете светски војни, во црквата “Св. Никола” во Градешница, меѓу другите, богослужба вршеле: Поп Трајко Чушев, поп Тодор Попов, поп Венјамин (руски емигрант), поп Најдо Попов итн. Од завршувањето на Првата светска војна, па до изградбата на црквата “Св. Никола”, своите верски потреби и обичаи градевци ги правеле во старата црква “Св. Димитрија”, која се наоѓа на долниот крај на селото, а во војната само делумно е оштетена. По изградбата на црквата “Св. Никола” и нејзиното осветување, сите крштевања, венчавања, и други христијански обичаи, градев-ци ги прават во црквата “Св. Никола”. Во 30-те години, кога раните од првата светска војна колку – толку се излечени и селото пораснува на над 1000 жители, за време Божиќните, велигденските празници, црквата “Св. Никола” е полна со верници, односно, народ. Покрај свештениците, при изведување на богослужбата, помагаат и Коста Пенуков, Крајче Кокошов и некои други селани, кои знаат да ги читаат црковните книги.

Уште во 1921 година браќата Манаки, заедно со Коста Чому, во дворот на хотелот “Ројал” на “Широк Сокак” во Битола отвораат кино “Манаки”. He ретко и градешките пазарџии, кога одат на пазар во Битола, одвојуваат од своето време и ги следат прикажувањата на некои интересни филмови, а кога ќе се вратат во Градешница ќе прераскажуваат на своите соселани.

Пазарџиите, одвреме – навреме од градот во Градешница, покрај другото донесуваат и “Политика” како и некои други весници, што тогаш се продаваат низ битолските улици. Селаните будно ги следат општествените, економските и другите настани што се случуваат во кралството Југославија и надвор од него. Економската криза, што настана во 30-те години, ја почувствуваа и градевци и другите селани од мариовските села. Многу полесно е да се произведе квалитетно мариовско ситење, отколку тоа да се продаде на пазарите во Битола, Прилеп и другите трговски центри.

Co пуштањето на пругата Велес – Прилеп – Битола во 1936 година, се помогна и производството на месо, сирење, волна, жито и друго од мариовскиот регион да се најдат на пазарите ширум Југославија, па и во Солун и други градови во Грција. Под притисок на спомнатата економска криза неизбежно се укинува шестојануарската диктатура и паѓа владата на генералот Петар Живковиќ. За да се избегне натамошното заострување и потреси во земјата, владата на Никола Узуновиќ пристапува кон подготовките за одржување на општи парламентарни избори во Кралството Југославија. На 15 октомври 1933 година се вршат општински избори за општински управи на Вардарска бановина. За 440 општини се истакнати 1113 кандидати, од кои повеќето се режимски луѓе.

На 9 октомври 1934 година во Марсеј * Франција е убиен кралот на Кралството Југославија, Александар Караѓорѓевиќ. Убиството го извршил Владо Черноземски, член на ВМРО, со која раководи Ванчо Михаилов. Во Кралството Југославија се прогласува шестмесечна жалост. Забранети се секакви веселби, спортски натпревари и други културни приредби. И во Градешница и другите мариовски села, секој кој ќе запее, засвири, било на улица, дома, в кафеана и други места, строго се казнува од страна на џандарите и другите власти на Кралството Југославија. Беа забранети во текот на шест месеци свадбени и други семејни веселби. Властите во Југославија и Бугарија се договараат таа, истата 1934 година да се забрани дејствувањето на терористичката ВМРО на Ванчо Михајлов. Сето оружје на ВМРО во Бугарија е конфискувано.

Комитските акции во изминатите 15 години (1919-1934) и од двете страни српска и бугарска, македонскиот народ ќе претрпе големи загуби. Во 1921 година, сред бел ден, во Софија убиен е Ѓорче Петров од страна на терористичките акции на Тодор Александров. Убиени се и други дејци – централисти од Илинденската епопеја, кои по завршувањето на востанието се засолнуваат во Бугарија. Co комитските акции, многу семејни трауми се случија и во Вардарска Македонија, особено во нејзиниот источен дел.

Особеностите на мариовската народна носија
Co векови мариовското население се истакнувало и со својата атрактивна и оригинална народна носија – како женската така и машката.
Народната носија во Мариово уште многу одамна низ вековите се наоѓаше во независност од природните, стопанските и културните услови на развиеност и начин на живеење на населението. Пасиштата во Градешница и пошироко во Мариово во минатото се белееле од многу стада овци и кози. Вредните Мариовки биле принудени во минатото женската и машката носија да ја изработуваат од домашната волна и козина. Поретко се употребувал конопот, памукот и ленот. Исткаеното платно, градешките жени го белеле покрај Градешка Река, потоа го валале и везеле, во понатамошна рачна изработка.

При изработката на домашна облека, Мариовките претежно ги користеле деновите по завршувањето на сезонските полски работи – доцна есен и зимно време. Мариовките зимно време, исто така, до доцна навечер на ламба со газија или борина пределе, везеле итн. збогатувајќи ја на тој начин домашната облека.

Во машката облека спаѓа и капата, која го одбележува машкиот пол. Мариовците во минатото претежно носеле шубари или качкети како симбол на Македонецот. Капата во минатото се сметнуваше при црковни обреди, на слава додека се чита “чесната трпеза”, при погреб на мртовец итн.

За машка кошула се користи “Четворно платно” или лито платно. Машката секојдневна кошула има три бочници, додека празничната мариовска кошула (фустан) има од шест до дванаесет бочници. За време празниците, машките, особено ергените, носеле навезано грлце и навезани калци.

Поради заштита од студ и други непогоди, под кошулата Мариовецот во минатото носел аба или фанела, изработена од чиста волна.
Се носи преку цела година, при што зимно време абата телото го заштитува од студ, а летно време ја впива потта.
Во машка облека спаѓа и појасот или ќемерот, со кој се опашува на половината, a со цел да се зачува “снагата” на телото. Во минатото закачени во “појасот”, Мариовците носеле “анџар”, “пиштол” или друго оружје, a со цел да се заштитат од арамиите, зулумќарите и другите насилници, кои вооружени крстосувале по мариовските планини и го пљачкале трудољубивото мариовско население.

Гаќите спаѓаат во долната облека на мариовската машка носија. Се изработуваат од јаток и волна со ткаење на разбој. Се изработуваат и долни “бубаќерни” гаќи, а над кои се облекуваат “ѕиври”, украсени со црни гајтани.

Шалвари или црни бечви се изработуваат од “четворен шајак” во облик на пантолони. Шалварите се носат над гаќите, особено се користат зимно време, за заштита од студови. Шалварите имаат и чепови.

Сл 21 Машка мариовска носија – 1939 год.

Во машка облека спаѓаат и чорапите, кои се изработуваат од волна со рачно плетење. Чорапите се украсуваат со разни бои и се носат до колена, а зимно време над чорапите, мариовците носат и валани “обијала” како и плетени волнени ракавици, особено сточарите при чување на стоката.

Покрај волнената облека, доаѓа и кожната обувка, како што се опинци, чевли или скорни. Опинците се изработуваат од свинска или говедска кожа, а потоа и од гума. Чевлите и скорните претежно се носат на празници.

Во почетокот на првите децении од XX век, и градевци заминуваат на печалба во прекуокеанските земји (Америка, Канада итн.). При враќањето во родните огништа, тие ја пренесуваат облеката, што се изработува во текстилните фабрики на запад. При отслужување на воениот рок, и во Мариово мажите допринесуваат да се менува начинот на облекување.

сл 22 Женска мариовска носија 1939 год.

Женската носија во Мариово е една од најатрактивните и најбогатите со орнаменти и везови, за разлика од другите македонски народни носии.

Шамијата или обрусот, се носи поради заштита на главата од ветрови и други временски непогоди. Како што е капата за мажите, тоа е шамијата за жените во Мариово. Девојките и младите невести носат бели шамии, додека постарите жени носат црни шамии. Црната шамија жените носат и кога жалат свој починат роднина. “Тулбенот” го носат на празници девојките и тој се украсува со “алови” или зелени китки. “Обрус” жените носат кога ќе се венчаат. “Обрусите” се украсени со разни везови и китки.

Основен и главен дел на мариовската женска носија е кошулата, која се изработува од домашно ткаено платно. Ракавите на женската кошула достигнуваат до лактите. Кошулата, покрај белата боја, ја украсуваат разните везови со “алова” и “ѓувезна” боја, односно црвена. Постарите жени везат и носат кошули везани со конци од црна боја. Орнаментите на везовите на женската кошула се во форма на грозје, јаболка и други плодови како симбол на природната плодност. На ракавите се везат “вејки”, “Ушатка” и “запасија”. Исто така, со алови конци кошулата се везе со “пилиња”, а околу – кружно со црни конци.

сл 20 Моминска мариовска носија

Кошулите кај младите мариовски невести се везат со орнаменти, како што се “крилце”, “перце”, “сопче”, “корен” и друго. Се везат ракавите, завратниците, предните и задните поли на кошулата. Најмногу доминира црвениот вез, како симбол на борбата за слобода и везењето со црн конец, како симбол на ропството.

Секоја мариовска, односно градешка девојка се натпреварува, што повеќе да навезе кошула, бидејќи по тоа се цени нејзината работливост, при што некои моми при мажењето имаат навезано и по триесетина кошули.

За вредните мариовски девојки и мариовската женска носија се испеани и многу народни песни, а такви се: “Стомните ѕунат на вода одат”, “На вода одеа и љубов си водеа”, “Митуше, ќерко мамино, не оди рано на вода” и уште многу други.

Под женската кошула се носи аба, изработена од “валано, четири клашни” како кај мажите. Се носи во сите годишни времиња и телото го штити од студ, влага и други временски непогоди.

Како дел од мариовската женска носија е “сагијата”, која се носи над кошулата. Исто така, и “сагијата” е извезана со разни везови и орнаменти. “Сагијата” како украс има и “алови” кистови долги по 10-20 cm. Bo недрата меѓу кошулата и “сагијата”, како украс девојките носат и јаболка.

Појасот кај жените е плетен со повеќе стракови. Околу половината тој држи многу топло. И појасот се украсува со “алова” или црна боја.

“Фута” или “прегач” се изработува од памучно-волнен состав. Ако е од една дипла е “фута”, а ако е од две дипли тоа е “прегач”. Се ткае на разбој. Прегачот е украсен со “алови” или зелени китки, жолто тантеле, пари и други украси. “Прегачот” го носат девојките (момите) и невестите.

“Грлце” или “гушале” се изработува од асе или басма. “Грлцето” се носи под вратот, a е украсено со везови или пари. Се носи на разни свечености и празници. Co “грлцето” се покриваат градите.

Калците се изработуваат со плетење на испредена волна. Имаат разни шари. Калците, како дополнување на женската облека, се носат под кошулата на подлактиците.

Чорапите кај жените се слични како кај мажите. Се изработуваат со плетење од испредена волна. Чорапите се плетат со парени бои. Чорапите се носат во сите годишни времиња. Служат за заштита од студ, влага и понекогаш и од повреда или каснување од куче или змија. Чорапите се носат под колената.

Во женска облека спаѓаат и гуна, нараквици, обувки (опинци или чевли), крпче за бришење на нос и друго. Co текот на времето, опинците од кожа и во Мариово беа отфрлени, a се носеа “пиротски” гумени опинци.

Градешкото, односно пошироко и мариовското население го имаше надарено и природата со витка – кршна снага и убава красота како кај женскиот така и кај машкиот пол. Карактеристична висока и силна конструкција на телото и убави црти на лицето. Мариовската народна носија ја надополнува убавината на мариовското население, особено на празниците и разните свечености. Облеката со внимание се чува и се негува во дрвени сандаци, изработени исклучиво само за таа цел. Постарите жени од Мариово со носталгија се присеќаваат за макотрпното рачно изработување на мариовската народна носија, која со своите орнаменти и везови е позната речиси на сите континенти.

Мариовската народна носија се носи до педесеттите години на XX век, кога и во Македонија почнаа да никнуваат текстилни фабрики.

Мариовската народна носија, денеска одредени примероци како уникат се чуваат во етнолошките музеи или пак носијата поради нејзината атрактивност ја носат членовите на разни културно-уметнички друштва при настапување на разни културно -уметнички приредби и свечености, a со цел да се прикаже македонско – мариовскиот народен ген.

Треба да се спомене, дека при разните празници и свечености во Мариово, кога народната носија доаѓала до полн израз, гајдата и кавалот, како дувачки народни инструменти, секогаш го придружувале мариовското население. На празниците и свеченостите, девојките и невестите во Мариово доволно внимание му посветувале и на накитот, како што се обетки, копци, разни ремени и други накити.

Booking.com